Бизнис

Зафировски: Лидерството базирано на вредности е мошне важно

Мајк Зафировски

Соосновач на Македонија2025, основач и претседател на „The Zaf Group“

Македонија2025 вложува големи напори во едукација на младите таленти и развој на лидерството. Вие, господине Мајк, сте еден од најголемите поддржувачи на лидерскиот развој.

МЗ: Македонија2025 има цел да го поддржи и да го унапреди човечкиот потенцијал во Македонија, да им помогне на младите таленти (особено оние кои се од ранливи семејства) да го остварат својот потенцијал, но да им помогне и на извршните директори и на менаџерите од Македонија да се развиваат професионално. Преку програмата „Таленти денес – лидери утре“, секоја година финансиски поддржуваме десетина млади таленти, а честопати во соработка со нашите партнери обезбедуваме и техничка опрема за стипендистите.
Преку моето професионално искуство ја увидов моќта на лидерството во развојот на компаниите, но и за развој на општеството. Оттука, преку Македонија2025, пред десетина години ја започнавме програмата Келог-Зафировски преку која доделуваме стипендии и обезбедуваме учество на наши извршни директори на Келог школата за менаџмент, САД, на еден од најдобрите пет универзитети во светот. Досега програмата брои околу 25 алумни, менаџери и извршни директори, но мојата визија е идните 100 македонски извршни директори да учествуваат на оваа обука. За мене лидерството базирано на вредности е мошне важно, а токму програмата на Келог го поттикнува тоа. За жал, денес во сите општества довербата кон лидерите во бизнисот, во политиката, во образованието, е на мошне ниско ниво. Јас верувам во мислата, во советот на мојот драг пријател Хари Кремер1 кој вели: Потрудете се да бидете најдобрата верзија на себе и ќе видите дека ќе почнете да растете, а со вас и луѓето околу вас, вашата компанија, ќе станете алка за поврзување и прогрес.
Со гордост сакам да кажам дека од 2021 година кон нашето портфолио на програми додадовме уште една голема програма. Се работи за стипендиите за студенти на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ), кои ги доделува Фондацијата Атанас Близнакоф. Македонија2025 оваа година го презема администрирањето на овие стипендии и благодарение на наследниците на Атанас Близнакоф, семејството Кутановски од САД, доделивме 132 стипендии. Навистина сме горди што преку овие стипендии ќе влијаеме позитивно на младите таленти од Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО