Бизнис

SPINOFF компаниите како берзански потенцијал

10.05.2022г.

Кога една компанија ќе достигне големина каде веќе е тешко да се менаџираат сите составни делови и кога одредена дивизија од компанијата е самоодржилива, може да настапи процес на одвојување на одреден дел од компанијата во сосема нова компанија. Таквата нова компанија се нарекува spinoff компанија. Во развиените економии сосема нормално е да се формираат вакви компании и истите со голем интерес се анализираат од потенцијалните инвеститори.

Процесот на одделување на новата компанија е според принципот на поделба на акции. Односно, сите иматели на акции во постоечката компанија добиваат еднаков дел на удели/акции во новоформираната компанија. Новата компанија го има истото сопствеништво како старата компанија, само со тоа што сега менаџментот и управувањето со компанија се во рацете на други. Со тоа се менува и вредноста на акциите. Имено, пазарната вредност на акциите на старата компанија ќе вредат помалку, со оглед на тоа што голема единица се одделила од нејзино покровителство, а тоа ќе се рефлектира и врз перформансите на постоечката компанија. Иако пазарната вредност се очекува да падне, сепак акционерите не се оштетени, затоа што тие добиваат свој дел преку акциите на новата компанија. Интересот за акциите на новата компанија е голем за инвеститорите кои претпочитаат превземање на поголем ризик и за оние кои таргетираат подолгоречен поврат на инвестициите. Причините за тоа се повеќекратни:

-          Новоформираната компанија е интересна за инвеститорите бидејќи пазарната цена на акциите, во апсолутен износ, е многу пониска од цената на примарната компанија, па тоа ќе привлече поголем број поединечни инвеститори.

-          Очекувањата за продолжување на високото ниво на профитабилност се високи од причина што инвеститорите веќе се запознати со остварувањата на мајката компанија, што не мора  да се одрази и врз работењето на новата компанија.

-          Се претпоставува дека менаџментот во spinoff компаниите ќе биде високо мотивиран за докажување и остварување надпросечни резултати

-          Бидејќи се работи за нова компанија можностите за раст се многу поголеми од оние на старата компанија, која се претпоставува дека го достигнала својот максимум.

Покрај бројните можности кои се пред активните инвеститори, сепак не треба да се заборават и потенцијалните ризици од ваквите аквизиции:

-          Имено, бидејќи станува збор за новоформирана компанија, многу лесно може да се случи нивната цена да биде високо волатилна. Обично ова се случува во првата фаза од формирањето од причина што постоечките акционери кои биле приврзани за старата компанија ќе пробаат брзо да излезат од компанијата која за нив претставува инвестиција со зголемен ризик.

-          Многу битен фактор е и општиот перформанс на берзата. Доколку формирањето на spinoff компанијата се случи во растечки пазар (“пазар на бик)” тогаш може таквиот бран да ја катапултира цената на новата компанија, но доколку “пазарот на мечка” е доминантен, може брзо цената на акциите да го допре дното.

-          Бидејќи се работи за нова компанија, за очекување е дека во билансите ќе се евидентираат големи износи за заеми потребни за конституирање на компанијата, а тоа дополнително негативно да влијае врз профитабилноста на компанијата.

 

Во продолжение е листата на 10-те најголеми spinoff компании



Доколку се анализара пазарот на американските и кинеските spinoff компании, како најрепрезентативен примерок, може да се забележи дека позначителни берзански перформанси може да се очекуваат дури после втората година од формирањето, а стапките на пораст знаат да ги надминат и оние на мајката компанија.

Во ситуацијата во која се наоѓа македонскиот пазар на хартии од вредност се поставува прашањето дали некоја компанија е подготвена на ваков подвиг?

Одговорот најверојатно е негативен, со тоа што ќе оставиме простор кај претставниците на фармацефтската и банкарската индустрија да направат ваков пионерски чекор, а можеби тоа ќе биде иницијална каписла за привлекување на што поголем број институционални инвеститори. И додека чекаме за ваков тренд кај домашните компании можеби треба да го следиме примерот на европските држави. Имено, во последните неколку години забележано е масовно формирање на spinoff компании кои произлегуваат од одредени факултети. Процесот започнува преку истражување и развој на одредена технологија или иновација, која продолжува кон патентирање на производот, финансирање на целукупниот проект и пронаоѓање на пазар. Целата логистика околу проектот е застапувана од факултетите, додека студентите се галвните носители, а токму од нив ќе произлезат новите CEO’s на spinoff компаниите. Ваквиот нов пристап во целост му овозможува на студентите да бидат креативни, да генерираат нова технологија и многу полесно да ја трансферираат својата замисла во реален бизнис.

(Редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО