Бизнис

Прилепскиот гигант Витаминка мудро оперира во кризни моменти

05.05.2022г.

Кога се прави анализа на еден од најпрепознатливите индустриски брендови во Македонија, Витаминка Прилеп, не може, а да не се навратиме на монографијата на нејзиниот основоположник. Во неа се напишани сите чекори, кои како мало дете кога проодува, има поминато многу премрежја за да биде на денешното ниво. Од погон кој произведувал црвен пипер, па се до нејзината модернизација и светско развивање на брендот, Витаминка претставува еден од главните стратешки капацитети на Прилеп, компанија во која голем број на вработени ја пронашле својата егзистенција и бренд кој репрезентативно ја претставува нашата држава надвор од нејзините граници.

Во оваа анализа ќе направиме осврт на сработеното во првиот квартал од 2022 година, согласно објавениот неревидиран биланс на успех.

     -          Првиот впечаток од бројките и коментарите на компанијата е дека не е искористен вкупниот производствен потенцијал и дека со големо ниво на внимание се носат деловните одлуки. И покрај ваквата претпазливост, сепак компанијата успеала да сработи повеќе во споредба со истиот период лани. Имено, остварен е раст на вкупните оперативни приходи од 17%, при кумулативен резултат од 832 милиони денари. Оваа реализација е за 118 милиони денари подобра во споредба со 2021 година.

     -          Од аспект на гоеграфската дисперзија на брендот, тој е распространет во над 30 земји, но сепак главниот пазар производите на Витаминка го наоѓаат на локалните полици. Во првиот квартал на 2022 година Витаминка го зголемува присуството на домашна продажба со тоа што токму овој сегмент зафаќа 65% од вкупните приходи, што претставува пораст на учество од 3% споредбено со 2021 година. Од друга страна апсолутниот споредбен пораст изнесува 22%, кој е проследен и со пораст од 8% на приходите од продажба остварени на странски пазари.

     -          Она што е карактеристично за оваа компанија е тоа што во бурните економски и политчки периоди доста внимавала на нивото на залихи и истото е зголемено за 62%.

     -          Од аспект на трошковната страна на билансот на успех може да се регистрира зголемување на вкупните расходи за 18%, што во голема мера го прати растот на бизнисот.

     -          Најголемата ставка во расходната страна се трошоците за суровини, кои зафаќаат 68.7% или 569 милиони денари, а воедно во споредба со минатата година пораснале за 22%. Тоа  се должи на поскапените основни продукти кои се користат во производството, пред се маслото, како и зголемените транспортни и оперативни трошоци за набавка на суровини.

     -          Втората по големина ставка се трошоците за вработените. Се чини дека Витаминка делумно го прати трендот на стапката на инфлација и тоа адекватно се рефлектира и врз платите на вработените. Во првиот квартал забележан е пораст на оваа ставка за 4%, а исто така зголемени се и останатите трошоци од работењето.

     -          Во поглед на управувањето со финансиите има еден интересен сегмент. Имено компанијата во континуитет не остварува финансиски приходи, а од друга страна се зголемуваат трошоците за камати и курсни разлики, а сето тоа може да укажува на зголемено ниво на задолженост.

     -          На крај, вкупниот профит на компанијата за првите 3 месеци од годината изнесува 13.6 милиони денари, со што остварен е двоцифрен пораст од 10% во споредба со минатата година.

Од аспект на инвеститорска гледна точка може да се каже дека вистинска среќа е доколку добиете можност да се стекнете со акција на оваа компанија од причина што многу малку истата е застапена во дневните брокрески извештаи, а притоа нејзината пазарна цена е инертна на промени. Во првото тромесечие од годината реализиранo е тргување на само 65 акции со фиксираната цена од 12.150 денари.


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО