Бизнис

Макстил “топи” позитивни резултати

03.05.2022г

Последнава декада македонската економија беше преокупирана од големиот наплив на ИТ индустријата со сите нејзини пропратни елементи: зголемување на учеството на странските инвестиции, привлекување на квалификуван кадар со континуиран раст на личните доходи, како и значителниот удел во купување и закуп на деловни простории. Од друга страна,  долгогодишните “стожерите” на стопанството како да беа во сенка. Таа сенка можеби уште трае, но целокупната ситуација со кризата и воениот конфликт докажуваат дека на националната економија и тоа како и се потребни индустриските “тешкаши”.

Нарушените ланци за набавка на суровини, недостигот од одредени метали и зголемената побарувачка за челик беа клучните фактори со кои управуваше челичната индустрија. Како нејзин репрезент, во денешната анализа ќе ја опфатиме компанијата Макстил.  Компанијата која е формирана како дел од реструктуираниот пакет од 10 компании на кои се подели тогашната Рудници и железарница Скопје, денес е препознатлив бренд кој го снабдува домашниот пазар како и битен извозник низ цела Европа. Пазарната дисперзија на Макстил е следна: ЕУ 61%, Турција 21%, Европа 11% и Македонија 7%.

Добрите резултати на Макстил во 2021 година се чини дека беа само катализатор на оствареното во првиот квартал од 2022 година. Согласно објавениот неревидирани биланс на успех за периодот 01-03.2022 година на површина излегуваат следните детаљи:

    -          Во првите 3 месеци компанијата скоро ги дуплирала своите оперативни приходи, во споредба со истиот период лани. Макстил го заокружил кварталот со 2.586 милиони денари приходи од продажба, што претставува зголемување од 95%.

    -          Драстичниот раст на продажбата пред се се должи на корпоративната стратегија за проширување кон странските пазари, а тоа придонесе за пораст на извозот за неверојатни 95%, при исто така значителен пораст на домашната продажба од 86%. За значењето на извозот говори и фактот што во првите три месеци од годината учеството на приходите од продажба на странските пазари изнесува 91.8%.

    -          За разлика од приходите од продажба, останатите оперативни приходи кај Макстил бележат намалување и тоа со пад од 28%, иако апсолутните бројки се минимални во споредба со вкупната реализација.

    -          Во расходната страна од билансот на успех доминираат трошоците за суровини кои го следат трендот на порастот на продажбите. Поскапените суровини и транспортни трошоци доведоа до пораст на оваа ставка за 94%, што на некој начин се софпаѓа со зголемениот обем на работа. Овој “издаток”, кој за компанијата изнесува 1.670 милиони денари, претставува 79% од вкупните оперативни расходи и зафаќа 1/3 од вкупните приходи.

    -          Од останатите ставки на расходната страна, за озбележување е порастот на трошоците за вработените од 5% како и порастот на резервирањата од 64%.

    -          Што се однесува до остварените резултати од финансиска дејност, се забележува дека намалена е пропорцијата помеѓу финансиските расходи и финансиските приливи. Имено, ако во првиот квартал на 2021 година соодносот изнесува 9.1:1, во 2022 година тој е намален на 5.5:1. Тоа рефлектира на ситуација во која финансиските приходи се зголемуваат со многу побрз мултипликатор, во споредба со растот на финансиските расходи.

    -          На крајот, остварениот резултат од работењето во првите 3 месеци изнесува 231 милион денари чист профит, што е за 320% подобар резултат, споредбено со ланскиот.

Она што дополнително влева надеж за континуиран раст на компанијата е и просечната цена на акцијата која во период од една година бележи дуплирање на вредноста. Според податоците на македонска берза цената на акцијата на 05.05.2021 година изнесувала 72 денари, додека цената со датум 29.04.2022 година изнесува 140 денари. Порастот на цената на акцијата е во негативна корелација со предлог одлуката за распределба на добивката од минатата година со која предвидено е да се покријат загуби од минатите години.


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО