Интервјуа

Павлова: Нашиот фокус е префрлен на создавање модерна дигитална инфраструктура

Лилјана Павлова

Потпретседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ), одговорна за регионот на Западен Балкан

Во рамките на Европската инвестициска банка (ЕИБ) управувате со активностите поврзани со Западен Балкан. За почеток, што генерално покажува „идентификаторот на вкупните перформанси“ на ЕИБ и на што најмногу се фокусира банката во своето работење?

Л. Павлова: Ви благодарам за можноста да зборувам за списанието Економија и бизнис. Како институција за кредитирање на Европската Унија, ние сме најголемата мултилатерална финансиска институција во светот и еден од лидерите во финансирањето поврзано со климата. Нашите активности, како во ЕУ, така и на глобално ниво, се усогласени со политиките на ЕУ, па инвестираме во одржлива иднина за сите преку справување со предизвиците и ризиците на нашиот променлив свет, од итните случаи во јавното здравје, климатските промени, па сѐ до родовата нееднаквост.
Кога станува збор за активностите на Европската инвестициска банка (ЕИБ) на Западен Балкан, само од 2009 година обезбедивме близу 9,5 милијарди евра за виталната инфраструктура и развојот на приватниот сектор. Во истиот тој период, 44 % од нашиот обем на финансирање беше посветен на малите и средни претпријатија за да се поттикне нивниот раст и отворањето нови работни места. Според нашите процени, само од 2009 година помогнавме да се задржат над 900 000 работни места. Бидејќи поврзувањето е една од нашите главни цели, 38 % од нашите инвестиции беа наменети за транспортниот сектор, што му помогна на регионот да се надгради и да изгради модерна, побезбедна патна и железничка мрежа.
Во поново време нашиот фокус е префрлен на создавање модерна дигитална инфраструктура, клучен фактор за идниот раст и конкурентност, како и воведување ефикасна и разновидна енергетска мрежа која има цел да ги обезбеди снабдувањето со енергија и безбедноста во регионот. Згора на тоа, ЕИБ продолжи да ги поддржува малите и средните претпријатија, најтешко погодени од пандемијата со ковид-19, преку обезбедување поволен и флексибилен пристап до финансии за да им помогне да ги зачуваат работните места и да се трансформираат за да ги задоволат барањата на новите пазари и на клиентите. Во период од две години, Групацијата ЕИБ ја исполни својата заложба од 1,7 милијарди евра во рамките на финансискиот пакет Тим Европа за Западен Балкан усвоен во мај 2020 година како итен одговор на кризата.
На глобално ниво, Групацијата ЕИБ ги зголеми своите активности во 2021 година обезбедувајќи рекордни 95 милијарди евра во финансирање, зголемување од 23 % од 2020 година (77 милијарди евра). Инвестирани се 20,7 милијарди евра што помогнаа во развојот на вакцините за ковид-19 и воведувањето дигитална инфраструктура и вештини. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ инвестираше 15 милијарди евра во одржлива енергија и природни ресурси и 13 милијарди евра во одржливи градови и региони, што претставува над 50 % од нашиот вкупен волумен. Уште од почетокот на пандемијата со ковид-19, Групацијата ЕИБ обезбеди вкупно 58,7 милијарди евра за борба против пандемијата и нејзините економски последици.

Една од клучните теми во развојот на глобалната економија се активностите поврзани со климатските промени и приспособувањата што ги наметнуваат на бизнис-секторот. Што прави ЕИБ на тој план?

Л. Павлова: ЕИБ отсекогаш била во првите редови на финансирањето за климата. Управувана од нејзиниот Патоказ на климатската банка, објавен во 2020 година, банката веќе го зајакнува одржливото финансирање за проекти за одржливост на животната средина и за климата. Борбата против кризата со ковид-19 не го одвлече вниманието на банката на ЕУ од нејзините цели за климатските активности. Вкупно 51 % од нашите сопствени средства беа наменети за проекти за климатски активности и одржливост на животната средина. Поголемиот дел од нашите инвестиции беа наменети за транспорт со помала емисија на јаглерод и обновливи извори на енергија, но ја зголемивме и нашата поддршка за приспособување кон климатските промени. Планираме да обезбедиме 1 билион евра за инвестиции во климатски активности и одржливост на животната средина во деценијата до 2030 година.
Освен финансирањето, ЕИБ планира да ја зголеми својата советодавна поддршка за реализација на одржливи проекти преку два важни документи усвоени во 2021 година. Првиот е Планот за адаптација на климатските промени со кој се обврза да го зголеми своето финансирање за адаптација на климатските промени до 15 % од вкупните финансиски средства за климата до 2025 година. Друг важен документ е рамката PATH на ЕИБ која вклучува стратегија за тоа како да ги поддржиме нашите договорни страни на нивните патишта за усогласување со Парискиот договор. Тоа ќе ни помогне да ја зајакнеме инвестициската и техничката помош за да ги заштитиме проектите од влијанието на поекстремните временски услови и да ја зголемиме климатската отпорност на постојната и новата инфраструктура.
Ние, исто така, го поддржуваме регионот на Западен Балкан да напредува со Зелената агенда и националните цели за одржливост со ставање на нашата техничка експертиза на располагање на локалните компании, на општините и на јавните институции за идентификување и подготовка на проекти за климатска и енергетска ефикасност. Во 2021 година, ЕИБ отклучи 257 милиони евра за проекти за одржлив развој во регионот кои поддржуваат почист транспорт, побезбедна и поефикасна енергетска мрежа, како и инфраструктура за вода и отпадни води.

Колку финансирањето на регионот на Западен Балкан учествува во вкупните активности на ЕИБ и каква е структурата на тоа финансирање?

Л. Павлова: ЕИБ ја зајакнува својата позиција како финансиска институција на активностите на ЕУ надвор од ЕУ во 2021 година преку инвестирање на 8,14 милијарди евра во региони надвор од Европската Унија и околу 1,37 милијарди евра во Европска асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и во земјите кандидатки за проширување (Западен Балкан и Турција), засилувајќи ја својата финансиска и техничка поддршка. Во текот на изминативе 10 години, ЕИБ инвестираше повеќе од 70 милијарди евра надвор од ЕУ, вклучително и близу 9,5 милијарди евра во Западен Балкан.
Доказ за нашата посветеност за натамошно проширување на нашите активности и поддршка за регионот е основањето на EИБ Глобално на почетокот на оваа година. Ова е нова рака која ќе ни помогне уште поефикасно да одговориме на нашите глобални предизвици. Таа ќе ги здружи сите ресурси и експертиза на ЕИБ за работа надвор од ЕУ под јасна управувачка структура која може да даде поголем придонес во Тимот Европа. Ова многу ќе ни помогне да го зголемиме влијанието на нашето финансирање преку поефикасна соработка со партнерите и корисниците, другите развојни финансиски институции, граѓанското општество и надворешните експерти. ЕИБ Глобално ќе го прошири нашето локално присуство низ целиот свет, вклучително и регионот на Западен Балкан, преку формирање регионални центри со локални и меѓународни експерти кои ќе помогнат да се забрзаат идентификацијата, подготовката и имплементацијата на проектите за да имаат корист од нашата зголемена финансиска и техничка поддршка.
Како еден од најголемите и долгогодишни партнери во регионот ќе продолжиме да обезбедуваме финансиска и техничка поддршка за стратешки инфраструктурни проекти и развој на приватниот сектор во согласност со Економскиот и инвестициски план на Европската комисија. Неодамна објавениот прв финансиски пакет според овој план изнесува 3,2 милијарди евра, вклучително и 1,1 милијарда евра што треба да се обезбедат во грантови. Овие средства ќе бидат распределени на 21 витален проект, што ќе овозможи испорака на поширока иницијатива на Глобалната порта на ЕУ во регионот на Западен Балкан.

Каде е нашава земја овде? Колкав е износот на поддршката што ја добиваме од ЕИБ и во кои области е таа фокусирана?

Л. Павлова: ЕИБ останува посветен партнер на Северна Македонија, што се одразува низ сите сектори на економијата. Со инвестирање од 1,1 милијарда евра од почетокот на нашето работење во земјата помогнавме во изградбата на клучната транспортна, енергетска и водна инфраструктура, обезбедувајќи подобри услови за живот и бизнис за луѓето низ целата земја. Згора на тоа, 60 % од нашиот обем на кредитирање беше посветен на малите и средни претпријатија преку поволните кредитни линии достапни во локалните комерцијални банки и Развојната банка на Северна Македонија. Исто така горди сме што ги финансираме најголемите еколошки проекти во Скопје – пречистителната станица за отпадни води со заем од 68 милиони евра, надополнет со грантови од Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата (ERI) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), како дел од Економскиот и инвестициски план на Европската комисија и Зелената агенда.
Од почетокот на пандемијата во 2020 година обезбедивме 156 милиони евра за поддршка на развојот на безбедна, ефикасна и разновидна енергетска мрежа и побрзо закрепнување на малите и средните претпријатија. Подготвени сме да ја поддржиме македонската влада, технички и финансиски. По мојата неодамнешна средба со премиерот и министерот за финансии, како и со други министри, приоритет ќе им дадеме на инвестициите во енергетска ефикасност за приватниот сектор, работиме на проект кој ќе ги поддржи сите општини во државата да имаат соодветна водоводна мрежа, а исто така за нас е многу важен железничкиот Коридор 8. Со нетрпение очекуваме да ја отвориме канцеларијата на ЕИБ во Скопје, вградена во делегацијата на ЕУ, што ќе даде дополнителен поттик на нашата соработка.

Дел од активностите на ЕИБ се насочени кон малите и средни компании. Тие се соочуваат со значителни тешкотии во нивното работење и не им е лесно да пристапат до финансирање, особено кога станува збор за софистицирани модели на финансирање како оние на меѓународните финансиски институции. Што прави ЕИБ на тој план?

Л. Павлова: Од почетокот на пандемијата во 2020 година, ЕИБ обезбеди 822 милиони евра за малите и средни компании на Западен Балкан. Овие средства се достапни преку комерцијалните банки под поповолни услови, со пониски каматни стапки и продолжени рокови, како дел од финансискиот пакет ковид-19 на Тимот Европа за побрзо закрепнување на Западен Балкан, усвоен во 2020 година за да се одржи закрепнувањето на најтешко погодените мали бизниси.
Освен што им помага на компаниите да ги задржат своите бизниси и вработувања, ЕИБ има цел да ги охрабри фирмите да ги трансформираат своите операции и да се адаптираат на новите барања на пазарот. Во 2020 година, ЕИБ воведе иновативен заем, вклучително и механизам за наградување заснован на перформанси за компаниите кои исполнуваат конкретни цели за поттикнување можности за лидерство, вработување и професионален развој за жените, за младите и за ранливите групи. Според оваа стимулативна шема ќе се договорат приспособени цели за социјално влијание со секоја компанија која ќе има корист од финансирањето од ЕИБ и ќе се дистрибуира финансиска награда пропорционална на нивото на генерираното социјално влијание на оние кои ги исполнуваат таквите цели. Во 2021 година, банката на ЕУ ја потпиша првата кредитна линија со Инвестициско-развојниот фонд на Црна Гора за да им помогне на компаниите да воведат практики и проекти што се погодни за климата и се енергетски ефикасни. Со нетрпение очекуваме да ги имплементираме овие инструменти и во Северна Македонија, со Развојната банка и нашите партнерски комерцијални банки.
Во 2021 година, ЕИБ обезбеди 100 милиони евра на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје како непосредна поддршка за малите и средни претпријатија (МСП) и за средните компании кои работат во трудоинтензивни сектори како производство и услуги за побрзо да се опорават од кризата со ковид-19. Заемот на ЕИБ ќе им помогне да го одржуваат континуитетот на деловната активност и да ги одржуваат работните места, истовремено зголемувајќи ја продуктивноста и проширувајќи ги нивните активности.

Неодамна ја посетивте земјава и имавте средби со владини претставници. Дали договоривте нешто и во која насока се размислувањата за идната соработка на ЕИБ со македонската економија?

Л. Павлова: Навистина сме задоволни што ги гледаме плодовите на нашата силна соработка со Владата и другите партнери во Северна Македонија. За време на мојата посета имав навистина плодни средби со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими и уште неколку министри, градоначалникот на Скопје и шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
ЕИБ уште еднаш ја потврди својата поддршка за зелената и дигитална трансформација на земјата во согласност со Економскиот и инвестицискиот план и во рамките на нашата нова филијала − ЕИБ Глобално. Разговаравме за начините за забрзување на новите проекти, особено во делот на железничката инфраструктура, енергетиката, како и водоводната и отпадната инфраструктура за општините. Исто така банката има намера да развие нови инструменти за гаранција и споделување на ризик за приватниот сектор во соработка со Европската комисија.
Исто така би сакала да ѝ честитам на Северна Македонија за постојаниот напредок во спроведувањето на реформите, вклучително и либерализацијата и фискалната транспарентност, а забрзувањето на овие и други активности од делот за пристапување во ЕУ ќе ѝ помогне на земјата да привлече нови приливи на капитал и да ги подобри нејзините деловни услови.
Во знак на нашата плодна соработка со Владата поддржуваме еден од главните настани во регионот и пошироко, кој ќе се одржи во Скопје од 26 до 27 април. По повод 30 години монетарен суверенитет на Република Северна Македонија, Народната банка е домаќин на Конференцијата за истражување на Народната банка, организирана во партнерство со ЕИБ. На овој настан на високо ниво ќе присуствуваат гувернери и вицегувернери на централни банки од регионот и Европа, како и претставници на меѓународни финансиски организации, научната заедница и банкарскиот сектор. Настанот ќе се фокусира на главните предизвици опкружени со несигурност што произлегува од прилагодувањата на политиката по пандемијата и ескалацијата на геополитичките ризици во Источна Европа.

Неизбежното прашање за крај. Како развојот на настаните во Украина ќе влијае на идното работење на ЕИБ?

Л. Павлова: Пред сѐ, дозволете ми да изразам сочувство и поддршка за украинскиот народ во услови на невидена инвазија со која се соочува земјата.
Следејќи ги политичките одлуки на ЕУ како одговор на руската инвазија, ги одобривме првите 668 милиони евра во рамките на итниот Пакет за солидарност за Украина. Покрај тоа, банката бара начини да ја забрза испораката на дополнителни 1,3 милијарди евра за инвестиции. Исто така ќе се вклучиме за да им помогнеме на сите погодени земји, во ЕУ или во нејзиното соседство, да се справат со пристигнувањето на бегалците од Украина и со економската штета предизвикана од оваа страшна војна.

Ви благодариме за интервјуто.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО