Lifestyle

ФИЛМ: Најлошата личност на светот

Ѓорѓи Јаневски

Авторот е културен работник

Љубовно писмо од Норвешка


„Најлошата личност на светот“ е Јулија, шармантна девојка од Осло која импулсивно чекори накај своите триесет години. Тоа е оној период во животот кога според општествените стандарди припаѓате во категоријата на возрасни, иако во пракса баш и немате идеја како функционира тоа. Впрочем, што значи воопшто тоа? Фамилија, кариера, себеспознавање? Таа е дел од милениумската генерација израсната со вербата во неприкосновеноста на слободниот избор. Од една страна, сè е на тацна и можностите се неограничени. Од друга страна, изобилието на избор може да претставува огромен психолошки товар. Јулија се обидува да разбере што сака од животот, кои се нејзините интереси, страсти и аспирации. Во меѓувреме собира искуства, со леснотија менува фризури, факултети, момчиња и живеалишта. Се фрла наглавечки кон нештата и потоа брзо се изморува. Се вљубува лудо и одеднаш сфаќа дека сè е готово, носи една инстинктивна одлука по друга, само за да види што ќе се случи. Една од највпечатливите сцени во филмот се наоѓа во неговата „средишна точка“ која, во структурата на трите чина, го означува оној момент во кој се случува голема динамичка промена во приказната, момент во кој внатрешниот конфликт на протагонистката станува појасен. За тоа да може да се случи, потребно е времето да запре и целиот град и реалноста околу неа стануваат еден долг замрзнат кадар. Таа радосно и безгрижно трча до целта. Сепак, оваа девојка е како многу други, најнормалната личност на светот, ранливо и несовршено човечко суштество кое се соочува со животот на свој начин.

„Најлошата личност на светот“ (Verdens verste menneske) е петтото долгометражно остварување на Јоаким Триер (Joachim Trier). Својата премиера ја имаше на Канскиот филмски фестивал минатата година, каде што феноменалната Ренате Реинсве (Renate Reinsve) ја освои Златната палма за најдобра женска улога. Филмот е норвешки кандидат за Оскар во категоријата филмови од неанглиско говорно подрачје. Се работи за заокружување на таканаречената „трилогија за Осло“ на која ѝ претходеа „Реприза“ од 2006 година и „Осло, 31 август“ снимен во 2011 година. Како и во преостанатите негови филмови „Телма“ и „Погласно од бомбите“, Јоаким Триер соработува со верниот креативен партнер и косценарист Ескил Вогт (Eskil Vogt).

Според Јоаким Триер, „филмот детално ги истражува и преиспитува тешкотиите да се биде со некого во момент кога се бориш со сопствените демони и колку неодлучни и несигурни можат да станат и најрационалните и самоуверени луѓе во состојба на вљубеност и емотивна ранливост“. Сето тоа е во современ контекст на социјални медиуми, климатски промени, #MeToo движење, култура на откажување (Cancel Culture) и постојаното прилагодување на личните перспективи во ера во која политички коректното е глобална диктатура.

Како што е истакнато и во самата насловна шпица, филмот е во дванаесет поглавја, со епилог и пролог. Овој новелистички пристап дополнително е продлабочен со користењето на воис овер во трето лице, кој често е поставен директно врз дијалогот, а неретко и како негов контрапункт или пак како ироничен коментар на дејствието. Ваквата рамка отвора простор за духовити режисерски дигресии и субверзии, но тие се само во функција на градењето на приказната и развивањето на ликовите. Во духот на неговата главна протагонистка, Триер е непредвидлив во прекрасната слободарска игра со филмскиот израз во кој може да се почувствува далечно ехо на автори како Ерих Ромер, Франсоа Трифо, Вуди Ален, па дури и на режисер од поновата генерација како што е Мајк Милс, во суптилното испреплетување на личното и интимното со дадениот историски контекст.
Меѓу романтична комедија и егзистенцијална драма, смеење и тага, меѓу Eрос и Tанатос, „Најлошата личност на светот“ е длабоко хуманистичко филмско искуство кое останува со вас долго по гледањето, доживување на кое сакате повторно да му се навратите и да го споделите со најдрагите.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО