Економија

Стојков: Во втората половина на 2022 година ќе има повеќе услови да се посветиме на долгорочните структурни проблеми на нашава економија

Што очекувате од 2022 година?

Александар Стојков, професор, правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Очекувам силни татнежи на домашната политичка сцена, првенствено поврзани со најавениот компромис со Република Бугарија. Стапките на економски раст и на инфлација ќе се тркаат до 4,5 % и иако инфлацијата изгледа како фаворит, сепак очекувам економскиот раст да биде побрз во оваа трка. Поскапувањето на електричната енергија ќе одвлече значајни буџетски ресурси и ќе ги оптовари семејните буџети. Чадот од термоелектраните повторно ќе нѐ потсети на ургентната потреба од забрзана гасификација. Шарениот партиски пејзаж на општинско ниво би требало конечно да донесе креативна конкуренција и видливо подобрување на локалните јавни услуги. Само во мал број институции се чувствува реформска енергија и оттука очекувам стопанските комори да дадат повеќе иницијативи и импулси за економски развој. Дозволете и да посакам вирусолозите да престанат да користат нови букви од грчката азбука. Во втората половина на 2022 година ќе има повеќе услови да се посветиме на долгорочните структурни проблеми на нашава економија. Зборови кои ќе ја одбележат годината: енергетска криза, јавен долг, инфлација, ДДВ, дигитализација, зелена агенда, субвенции...

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано