Бизнис

Јосифовски: Цените на енергенсите ќе бидат високи, инфлацијата ќе се зголеми, а растот на БДП нема да биде доволен за намалување на јавниот долг на државата

Што очекувате од 2022 година?

Андреја Јосифовски, претседател на УО на Макпетрол АД

Две илјади дваесет и втора година ќе биде тешка и неизвесна година за стопанството и за граѓаните на Република Северна Македонија. Корона кризата ќе продолжи и во новата година, додека на економски план нè очекува сериозна енергетска криза. Цените на енергенсите ќе бидат високи, инфлацијата ќе се зголеми, а растот на БДП нема да биде доволен за намалување на јавниот долг на државата.
Во 2022 година очекувам Република Северна Македонија конечно да ги започне претпристапните преговори за членство во Европската Унија. Исто така очекувам да се зголеми борбата против сивата економија, корупцијата и криминалот во земјата.
За МАКПЕТРОЛ АД 2022 година е јубилејна година. Компанијата го слави својот 75-ти роденден. Очекувам уште една успешна година на деловен план, изразено преку зголемување на профитот, нови вработувања, зголемени инвестиции и вложувања во зелена енергија.
Нашата беспрекорна грижа за вработените и за задоволството на потрошувачите во однос на нашите горива од врвен квалитет остануваат приоритет и во 2022 година.
На сите граѓани во Република Северна Македонија во 2022 година им посакувам многу здравје и успех на деловен и на приватен план, а на политичките партии, и од власта и од опозицијата, им порачувам да водат многу повеќе грижа за интересите на државата и за желбите на нејзините граѓани во 2022 година. Личните интереси и желбите за брзо и лесно богатење да не им бидат приоритет на политичарите.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано