Бизнис

Дигитализацијата и забрзан економски развој во фокус на годинешниот самит на Македонија 2025

16.11.2021г.

Овој четврток, 18. ноември, во Скопје ќе се одржи десеттото јубилејно издание на Самитот на организацијата Македонија2025. Годинешниот Самит е организиран преку пет панели и едно главно интервју, а ќе имаме можност да слушнеме 28 одлични говорници. Истиот ќе биде организиран во хибридна форма, со публика од околу 100 гости во хотелот „Мариот“, каде што ќе се одржува самиот, како и онлајн публика од околу 300 гости. Најголем дел од говорниците ќе бидат присутни физички.

Централна тема на годинешниот Самит ќе биде дигитализацијата, а истата ќе провејува како заедничка нишка и во сите други панели. На Самитот ќе се презентираат најновите достигнувања, трендови, знаења и вештини во областа на дигитализација, циркуларната економија, успешни регионални бизниси од областа на технологија и ИКТ секторот, а ќе се зборува и за жешките економски прашања - инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза и други.

Дел од говорниците на Самитот ќе бидат: Марсело Клауре – Главен извршен директор на SoftBank Group International кој ќе има интервју со Мајк Зафировски; Н.Е. Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Македонија; Изабела Венг, автор и социјален претприемач за дигитална трансформација; Виле Корпела, футурист и соработник на академијата Dubai Future Academy; Василис Монастириотис, Вонреден професор по политичка економија на Европскиот институт и директор за истражување на LSE за Југоисточна Европа и многу други.

Самитот ќе го отвори Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе се обратат и членови на Владата: Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.

„Покрај останатите активности и програми што ги реализираме во континуитет, особено сме горди на нашата годишна конференција, односно Самит која годинава се организира по десетти пат. Се работи за навистина уникатна деловна конференција со регионален карактер што е организирана од страна на една невладина организација. Во овие 10 години, на самитот сме имале над 3000 посетители, 520 говорници од 80 земји во светот, врвни менаџери и сопственици на бизниси, реформатори, претставници на тинк-тенк организации, од академската заедница, дипломатски претставници и т.н. Секако сево ова сме го постигнале со поддршка на своите партнери и поддржувачи“, објаснува главната извршна директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски.

Дигитализацијата и дигиталните вештини се основа на напредокот на модерните општества. Секоја земја што има за цел да биде главен играч во глобалната економија или се стреми да ги достигне водечките земји, мора да се фокусира на дигитализацијата. Фокусот кон дигитализацијата на годинешниот Самит секако е поврзана со желбата за брз напредок на Македонија во сферата на дигитализацијата, но е и логично продолжение на активностите на организацијата Македонија2025 во таа насока. Имено, во 2021 година, Македонија2025, заедно со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) основаа работен тим составен од над 20 члена кои ќе работат на Дигитална Иницијатива МК2025. Во работниот тим членуваат претставници на четири стопански комори, три политички партии од власта и опозиција, министерот за информатичко општество, претставник од кабинетот на вице-премиерот Битиќи, како и членови од неколку дипломатски претставништва и невладини организации. 

Сите заинтересирани што ќе сакаат да го следат годинешниот Самит онлајн може да се регистрираат на официјалната веб-страница на М2025: https://www.macedonia2025.com/summit-2021/

ПРЕПОРАЧАНО