Lifestyle

Јаневски: Панкот не е мртов

ВЕЧЕРА ВО АМЕРИКА

Уште едно лето во бесконечен луп. Нови рестриктивни мерки. Страста за живот и убавина, никогаш посилна. Немам никаква желба да гледам ангажирани филмови со социјална и политичка тематика. Премногу од тоа истото го живеам во реалноста. Не го избрав филмот, тој ме избра мене. Доволно ми беше да го погледнам постерот и да изгледам половина трејлер. Бум. Заврши дури трепнав. Се чувствував среќно озарен и благо трогнат. Се случи синхронитет, а тој тешко се објаснува. Треба да се почувствува. Не сакав туку така да легнам и да заспијам, морав да го носам чувството во мугри. И знаев дека е време за невозможна романса. Така ми се случија Гери Купер и Марлен Дитрих во „Копнеж“ (Desire, 1936). Никогаш доста од среќни краеви.
„Вечера во Америка“ (Dinner in America) е дебитантски филм на Адам Рехмејер (Adam Rehmeier), премиерно прикажан кај независните, на филмскиот фестивал во Санденс, 2020 година. Ќе го запамтам неговото име и нетрпеливо ќе го очекувам неговиот следен филм.



Сајмон (Кајл Галнер, Kyle Gallner) е фронтмен на панк-бенд во кој настапува со маска на глава и скриен идентитет. Во сцената која го отвора филмот го запознаваме како заработува во улога на лабораториски глушец во тестирањето на нови фармацевтски производи. Има пиромански тенденции и агресивно бунтовничко однесување кон сè што го задушува во општеството. Полицијата му е постојано зад петиците. Случајно (читај: синхронитет) ја сретнува Пети (Емили Скегс, Emily Skeggs), необична дваесетгодишна девојка која работи во петшоп од кој набрзо ќе биде избркана. И таа е аутсајдер, но од другата страна на спектарот. Од оние кои постојано се мачат да се прилагодат, од оние тивки и поинакви кои постојано се малтретирани од врсниците. Таа ќе му даде засолниште. Подоцна ќе откриеме дека таа е неговиот најголем фан која му праќа по пошта прекрасни љубовни писма придружени со секси полароиди. Низ заедничката авантура исполнета со прекрасен хаос и здрава субверзија, овие двајца осаменици ќе созреат и ќе процветаат заедно. И најважно од сè, во процесот, тие ќе станат подобри луѓе.

Насловот на филмот не е случаен. Вечерите кои Кајл со сласт лакомо ги лапа непоканет во туѓи домови за режисерот се важен сегмент во духовитата и суштествена вивисекција на затапеното и конзервативно општество во ситнобуржоаската американска провинција. Таа со леснотија може да се аплицира надвор од конкретниот општествен и географски контекст.

„Вечера во Америка“ не е само уште еден од многуте (Coming of Age) филмови за созревањето. Тој е возбудлива црна комедија која го има панкот, ја има слободата, го има бунтот во својот генетски код. На едно првично чувство, ме потсетува на Ghost World на Тери Ѕвигоф (Terry Zwigoff), снимен пред 20 години, но кој засекогаш ќе биде свеж како пупка. Убав поздрав до сите млади и млади во срцето кои не се чувствуваат „нормално“ во ненормалниот и досаден свет околу нив. Ич не го есапете. Сродните души се зад аголот, а со нив светот е поубаво место. Со надеж дека ова го читаат децата на претплатниците, го завршувам текстот и му се препуштам повторно на филмот.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО