МОЈАТА ОПШТИНА

Буџетот на општина Струмица - Движења, трендови, показатели

Прилогот го подготви: Зоран Јовановски

Големина на локалната самоуправа
Првата група индикатори се однесува на оценка на големината на локалната самоуправа. За таа цел се користат два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
За првиот индикатор, во 2019 година вкупните расходи на Општина Струмица изнесувале 1.023,7 милиони денари или 16,6 милиони евра и во нив се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Истовремено, според податоците од општината, бројот на жители на Струмица е 54 676 лица. Следствено, според првиот индикатор за големината на локалната самоуправа, вкупните расходи на Општина Струмица по жител изнесувале 18.723,5 денари или 304,4 евра во 2019 година.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. На крајот од 2019 година, општинската администрација на Општина Струмица броела 193 лица. Оттаму на секој жител на општината отпаѓаат 0,0035 вработени во локалната администрација или на секои 1 000 жители на Општина Струмица има 3,5 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Втората група на индикатори во рамките на користената методологија за анализа на општинскиот буџет вклучува четири индикатори преку кои се оценува даночната автономија на општината, односно нејзината финансиска независност.
Прв индикатор за оценка на даночната автономија на општината е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Во 2019 година, сопствените приходи на Општина Струмица изнесувале 370 милиони денари или 6 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 36,1 %. Инаку, сопствените приходи на општината се однесуваат на приходите врз кои општината има дискреција во поглед на утврдувањето, односно наплатата на јавните давачки. Во сопствени приходи влегуваат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што им ги даваат општините на правните и физичките лица, како и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Втор индикатор за даночната автономија е учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Во даночни приходи се вклучуваат приходите по основ на даноци на имот, но и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Во 2019 година, даночните приходи на Општина Струмица изнесувале 70,7 милиони денари или 1,1 милион евра и нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 6,9 %.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во неданочни приходи спаѓаат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се: такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште. Со оглед на тоа што неданочните приходи на Општина Струмица изнесувале 221,9 милиони денари или 3,6 милиони евра, нивното учество во нејзините вкупни расходи е 21,7 % во 2019 година.
Четврти индикатор за даночната автономија е учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи. Ова се однесува на фискални трансфери од други нивоа на власт, но се мисли на трансфери на средства од централната власт. Во 2019 година, централната власт ѝ префрлила на Општина Струмица 654,8 милиони денари или 10,6 милиони евра. Тоа значи дека 63,9 % од вкупните расходи на општината се финансирале со трансфери од централната власт. Оттука следува дека постои т.н. вертикален фискален дебаланс, односно финансиска зависност на општината од централната власт.

Структура на приходите

Во своето функционирање и во рамките на своите надлежности општините извршуваат бројни активности поврзани со: образовниот процес, комуналните дејности, здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина итн. За сите тие активности општините треба да обезбедат финансиски средства. За да се има увид во начинот на прибирање финансиски средства важно е да се знае структурата на приходите на општината.
Во 2019 година, вкупните приходи на Општина Струмица изнесувале 1.024,8 милиони денари или 16,7 милиони евра. Графиконот 1 ја прикажува нивната структура.
Како и кај другите досега анализирани општини, доминантен дел (63,9 %) од вкупните приходи на Општина Струмица доаѓа од трансферите од други нивоа на власт (централната власт).
Со учество од 21,6 %, неданочните приходи се вториот најголем извор на приходи за Општина Струмица во 2019 година.
Трет најголем извор на приходи во општинскиот буџет се даночните приходи со учество од 6,9 % во вкупните приходи на општината. Во рамките на даночните приходи, приходите од данок на имот, кои во 2019 година изнесувале 61,6 милиони денари или 1 милион евра, учествувале во вкупните приходи на општината со 6 %.
На сите преостанати извори на приходи на Општина Струмица отпаѓаат 7,5 % од вкупните приходи на општината, и тоа на приходи од продажба на земјиште 5,8 %, а на приходи по основ донации 1,7 % од вкупните приходи на општината.

Структура на расходите

Колку е подобра структурата на буџетските расходи на една општина, толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добиваат квалитетни општински услуги и во иднина. Затоа е важно да се види каква е структурата на расходите на буџетот на општината. Структурата на расходната страна на буџетот е прикажана во графиконот 2.
Анализата покажува дека тековните расходи на Општина Струмица изнесувале 732,7 милиони денари или 11,9 милиони евра во 2019 година. Со тоа нивното учество во вкупните буџетски расходи е 71,6 %.
Главна ставка во рамките на тековните расходи се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Во 2019 година, Општина Струмица имала расходи за плати во износ од 500,3 милиони денари или 8,1 милион евра, што претставува 48,9 % од вкупните буџетски расходи на општината.
Втора најголема расходна ставка во буџетот на Општина Струмица се расходите за набавка на стоки и услуги како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. За таа цел, Општина Струмица потрошила 230 милиони денари или 3,7 милиони евра со што овие расходи учествувале со 22,5 % во вкупните буџетски расходи на општината во 2019 година.
Најважната ставка на страната на буџетските расходи на една општина се капиталните расходи бидејќи тие се развојната компонента на буџетот. Тука спаѓаат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. Општина Струмица е една од анализираните општини со највисоко учество на капиталните во вкупните расходи на општината. Така, во 2019 година, општината за таа намена потрошила 214,3 милиони денари или 3,5 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи е 20,9 %.
На останати расходи отпаѓаат вкупно 7,7 % од сите расходи на општината. Од нив најголем дел отпаѓа на разни трансфери и субвенции за претпријатија, кои заедно имаат учество од 6,9 % во вкупните расходи на Општина Струмица.

Задолженост и даночна администрација
Во однос на задолженоста, Општина Струмица спаѓа во оние општини чија сметка никогаш не била блокирана.
Оценката на даночната администрација дава индиции за фискалниот капацитет и даночниот напор на општината за наплата на приходите. За таа цел се користат неколку индикатори.
Еден индикатор е износот на сопствените приходи по жител. Во 2019 година, Општина Струмица остварила сопствени приходи во износ од 6.767,2 денари по жител.
Друг индикатор е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Општина Струмица наплатила 366.233,7 денари по вработен во општинската администрација во 2019 година.
Сличен индикатор е износот на остварени неданочни приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година, Општина Струмица наплатила 1.149.492,9 денари по вработен во општинската администрација.
Во однос на степенот на реализација на планираните даночни приходи во 2019 година, Општина Струмица наплатила повеќе од планираното за 1,7 милиони денари или за 2,4 %.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

ПРЕПОРАЧАНО