МОЈАТА ОПШТИНА

Јаневски: Струмица е една од општините која може да прифати добар дел од децентрализацијата

Коста Јаневски

градоначалник на Општина Струмица

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Струмица остварува континуиран напредок во своето работење?

К. Јаневски: Општина Струмица има постојан напредок во своето работење, особено во финансиското работење, инфраструктурата, пред сè патната, и канализациските системи, а секако и во гасификацијата како една од предностите на нашата општина. Струмица никогаш немала поголеми финансиски проблеми и таа важи за една од солидните, а последна потврда за ваквото работење е ПЕФА-оценката во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и имплементиран од УНДП. Тоа е оценка на перформансите на јавните расходи и финансиската одговорност во последните 3 − 4 години и по сите индикатори по кои беше оценувана Општина Струмица покажа исклучително високо ниво и е еден од лидерите во управувањето со јавниот финансиски менаџмент во државава. Во последниве неколку години и реализацијата на буџетот на Општина Струмица е со висок процент и тоа од 80 до 86 проценти, а во првите 6 месеци од оваа 2021 година веќе имаме реализација на буџетот од 47 проценти и над 48 проценти реализација на капиталните инвестиции, што значи дека Општина Струмица во континуитет реализира капитални инвестиции кои значат подобар живот на граѓаните. Имаме востановено и пракса во однос на креирањето на програмите во буџетот и финансиската подлога на буџетот, и тоа меѓу првите општини во Македонија, а тоа се буџетските форуми кои ги реализираме во последниве години со сопствени ресурси, а на кои ги лоцираме проблемите заедно со граѓаните и креираме листа на приоритети која влегува во структурата на буџетот. Вака конструираниот буџет овозможува задоволување на основните потреби на граѓаните. Во последниов период се изградени четири канализациски системи во нашите населени места. За мене е прашање од клучно значење и инвестиција бидејќи станува збор за елементарни потреби кои треба да бидат база за понатамошна надградба која, секако, добива повеќе значење кога е изградена на здрави темели. Во областа на патната инфраструктура исто така имаме значителни инвестиции во населените места со што ја потврдуваме заложбата за приближување на условите за живот во населените места до градската средина. Потврда на ова е и фактот дека во последниве неколку години се донесени околу 15 детални урбанистички планови кои овозможуваат правилен, урбан развој и во градот и во населените места.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Струмица? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

К. Јаневски: Еден од погорливите проблеми е сè уште недоволната решеност со дивите депонии со кои секојдневно се бориме, а за кои сметам дека не сме доволно ефикасни бидејќи тоа бара едно регионално решавање, односно нов концепт. Општина Струмица како познат земјоделски крај се соочува со голема продукција на растителен отпад, а досега немаме адекватно решение. Тоа бара сериозни финансиски средства, а од ефектите од досегашните интервенции лично не сум задоволен и покрај сите наши заложби. Проблемот со дивите депонии, според мене и кој јас го имам воочено врз основа на многубројните дебати со стручни лица и институции кои можат да дадат придонес во нивното решавање, како и преку разговорите со овластените инспектори вработени во општината, е недоволната прецизност и концизност при надлежноста на органите. Во еден сегмент се надлежни општинските, а во останатиот дел кој, всушност, претставува една целина се надлежни државните инспектори. Сметам дека постапката треба од почеток, па до самиот крај да биде доверена на еден орган зашто организирањето на заедничко дејствување не секогаш оди според планираното. Потоа можностите за брза интервенција за одредени прекршоци се ретки од причина што законските одредби предвидуваат рокови при донесувањето на актите од страна на општината, а кои се однесуваат на прекршителите, па истите тие имаат право на жалба и така постапката која се започнува со намера да се санкционира одреден прекршок трае многу подолго време од она кое граѓаните очекуваат да се решава многу побрзо. Во 2019 година се донесе Закон за инспекциски надзор со цел да се дефинираат и да се олеснат одредени теми од инспекциското работење, но и покрај сиот вложен напор се работи за комплексна материја и единствено со моќна системска и кохерентна поставеност и организираност се можни и видливи резултати. Ова значи прецизна организација на инспекциските служби во целина, заедно со концизност и единство, без колизија на законите кои ја уредуваат материјата за одржување на јавна чистота, комуналното уредување и сл. Недисциплинираните граѓани можат да бидат санкционирани при извршувањето на прекршоците, но исто така јас верувам и во превентивата која може да се постигне преку подигање на свеста и редовно водење кампања за чување на нашата околина, селекција на отпадот преку конкретни акции кои и сме ги практикувале како општина.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

К. Јаневски: Да, потребна е промена. Регулирањето во некои сегменти, а што ги кажав претходно, ќе помогне многу во работењето на општините, посебно во делот на прецизирање на ингеренциите на службите и на институциите што, секако, ќе влијае на дисциплината и на одговорното однесување на граѓаните, а ќе помогне и за поголема ефикасност на општината.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

К. Јаневски: Јас сум еден од градоначалниците кои се залагаат за поголема децентрализација, а тоа е заложба и на централната власт. Меѓутоа, процесите се одвиваат малку поспоро отколку што посакуваме. Можеби хетерогеноста, потенцијалите и специфичностите на општините е една од причините за тоа, но јас посакувам да се движат побрзо бидејќи Струмица е една од општините која може да прифати добар дел од децентрализацијата. Во такви услови, локалната самоуправа ќе може побрзо и поефикасно да ги лоцира потребите кои се карактеристични за секоја општина. Секоја со своите специфики од социјалната заштита, културата, кои најчесто се спомнуваат, можат да бидат први фази од децентрализацијата. Меѓутоа, областите се многубројни, опфаќајќи разни надлежности кои го сочинуваат целокупното живеење во едно населено место, но со јасно определени обврски на институциите и нивна одговорност при извршувањето на задачите како предуслов за успешност.

Дали има нешто што самата Општина Струмица може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?

К. Јаневски: Функционирањето на Општина Струмица во поглед на своите приходи и расходи е речиси под постојана опсервација од страна на релевантни чинители. Оценети сме како општина која се движи во процес на подигнување на ефикасноста и на одговорноста, но секако дека има простор и за корекции. Имено, со текот на работењето согледувам дека ни е потребна точна евиденција на тоа што од последниот попис, па до денеска е променето, а тоа се новоизградени објекти, доградби, промени во квалитетот на изградбата што бараат корекции на старите проценки од што, пак, зависат приливите на Општина Струмица. Недоволно е собирањето податоци само врз база на урбанистичките показатели бидејќи има и други елементи што треба да се утврдат на терен и се надевам дека во овој дел ќе помогне и претстојниот попис. Урбанизмот, градењето, инвестирањето се многу динамична материја, промените се чести и брзи на терен, но од друга страна, самото прибирање на документацијата и постапката знаат да бидат поспори од темпото кое го посакуваме и ние и инвеститорите, па и тука често има судир меѓу временската рамка од предвидените планови со нивната реализација, како на пример што е постапката при отуѓување на градежно неизградено земјиште или спроведување јавна набавка за одредени активности, набавка на материјали, услуги и сл. притоа запазувајќи ги сите одредби од законската регулатива.
Инициравме и донесување на нов генерален урбанистички план бидејќи стариот е истечен, а општината постојано се развива и со новата урбанизација се добива нов потенцијал за раст на економијата, за контролирано и урбано градење со сите атрибути кои овозможуваат и поголема заштита на животната средина.

Каква е комуникацијата на Општина Струмица со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

К. Јаневски: Општина Струмица е еден од лидерите во востановена пракса на комуникација со сите овие чинители и е на високо ниво. Една од заложбите во нашата предизборна програма беше изградба на центар за невладин сектор кој е веќе во функција и ги оправда нашите очекувања. Се отвори и Шелтер центар за сместување на жртви од семејно насилство во соработка токму со здружение на граѓани, како и извршување на други активности кои ги следи и ги поддржува општината во континуитет.
Комуникацијата со граѓаните ја имаме секојдневно преку приеми во мојот кабинет, редовната електронска комуникација што ја имаат како можност граѓаните со мене и со сите општински служби, потоа преку Отворената канцеларија за контакт со граѓаните преку доставување на писмени барања. Општина Струмица практикува и повеќе форуми како што е буџетскиот, но и форумите кои ги одржуваме за одредени проекти и за финансии кои ги добиваме од други извори, а за кои заеднички одлучуваме за приоритетноста на проектите. Имаме и редовни средби во месните и урбаните заедници пред донесувањето на буџетот или некоја значајна одлука на општината. Со бизнис-заедницата исто така имаме одлична комуникација, заедно ги решаваме проблемите и обезбедуваме прогрес на општината, а соработката со меѓународната и академската заедница континуирано ни е на високо ниво.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Струмица?

К. Јаневски: Општина Струмица има финансиски капацитет од изворните приходи на општината да обезбеди долгорочна одржливост на надлежностите согласно Законот за локална самоуправа со целосно искористување на можностите кои ги даваат постоечките закони, пред сè, Законот за комунални такси, Законот за данок на имот, Законот за персонален данок и другите закони со кои се предвидени изворните приходи на општината согласно Законот за финансирање на ЕЛС.
Предходно спомнав дека се донесени околу 15 детални урбанистички планови кои отвораат можност за генерирање на општински приходи по три основи, и тоа со продажба на државно земјиште по еден основ, за комунален надоместок за уредување на градежно земјиште по втор основ и приходи од данок на имот на изградените објекти кои се предвидени со донесените детални урбанистички планови. Во наредниов период потребно е да се спроведе акција за ажурирање на даночната основица за данокот на имот имајќи предвид дека со легализацијата на бесправно изградените објекти имотната состојба на граѓаните и на правните лица е зголемена, односно изменета. Таква акција во Општина Струмица еднаш е успешно спроведена, но оттогаш има поминато повеќе од 10 години и таа треба да се повтори.
Со продолжување на процесот на децентрализација ќе се прошират и надлежностите на општината, па тогаш дел од приходите за општината ќе доаѓаат од централниот буџет на Република Северна Македонија.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

ПРЕПОРАЧАНО