Економија

Петревски: Големата стагнација: Мит или реалност?

Горан Петревски

Редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Во својот говор на Годишната конференција на Американското здружение на економисти, одржана во декември 1938 година, американскиот економист Алвин Хансен ја изложил тезата за секуларна стагнација. Осврнувајќи се на економските трендови во САД и во другите развиени земји, Хансен го претставил ставот дека Големата економска криза од 1929 година го означила крајот на големата епоха на економска експанзија започната по Индустриската револуција во XIX век. Имено, во периодот од 1880 до 1910 година, американската економија растела по стапка од 4,2 %, додека од 1913 до 1929 година просечниот раст изнесувал само 2,8 %. Исто така, пред 1910 година, просечната стапка на инвестиции во САД изнесувала 20 %, а потоа таа паднала на 16 % во периодот од 1910 до 1930 година. Притоа тој ја дефинирал секуларната стагнација како состојба во која слабото закрепнување од рецесиите е проследено со длабоки и долги депресии, а сето тоа на крајот води во постојана невработеност.

Основната причина за слабиот пораст на инвестициите во современите економии Хансен ја лоцирал во бавниот пораст на населението. Имено, порастот на населението има големо влијание врз структурата на производството зашто постарото население ја зголемува побарувачката на личните услуги кои не бараат многу капитал и тоа предизвикува намалување на стапката на пораст на инвестициите. Така, со зголемувањето на учеството на услугите во структурата на производството, порастот на капиталот заостанува зад порастот на производството, па дури и зад порастот на населението. На тоа се надоврзува и технолошкиот напредок кој резултира во нови пронајдоци кои бараат помалку капитал, а така има уште помала потреба од нови инвестиции. Меѓутоа, технолошкиот напредок предизвикува и спротивни ефекти зашто создава нови производи и индустрии и така води кон нови инвестиции. Најпосле, според Хансен, работничките синдикати, концентрацијата на индустриите и монополистичката конкуренција, односно недостигот од слободна конкуренција, водат кон намалување на порастот на инвестициите. На пример, монополистичките фирми, кои не се изложени на ценовна конкуренција, не се притиснати да ја заменат старата опрема со нова, а тоа води кон намалување на порастот на инвестициите и недоволна вработеност. Поради бавниот пораст на населението, Хансен смета дека на современите економии им се потребни побрз технолошки напредок, како и слободно претприемништво и ценовна конкуренција меѓу фирмите. Исто така тој препорачува и државна помош во вид на даночни олеснувања и јавни инвестиции, но предупредува дека државната интервенција има свои граници и треба да се применува многу внимателно.

Песимистичките предвидувања на Хансен потекнуваат од периодот непосредно пред Втората светска војна. Мала дигресија: војната почнала девет месеци по неговиот говор, а тој не бил способен да предвиди еден толку голем настан! Ова покажува дека, традиционално, економистите се многу слаби прогнозери дури и кога се работи за големи катастрофи за кои подоцна сите се чудиме како сме можеле да не ги забележиме. На пример, економистите не успеаја да ја предвидат Светската финансиска криза од 2008 година ниту пак големата рецесија предизвикана од пандемијата на ковид-19. Но, да се вратиме на главната приказна: по Втората светска војна дојде до голем пораст на населението, инвестициите и производството така што Хансеновата теза за секуларната стагнација беше заборавена. На пример, по Втората светска војна, стапката на инвестиции во САД се врати на нивото од 20 % до 25 %, а просечниот економски раст во периодот од 1948 до 1968 година изнесуваше 3,9 %.

Меѓутоа, историјата, вклучувајќи ги и економската историја и историјата на економската мисла, очигледно се движи во циклуси. Така, во 2008 година се случи Светската финансиска криза која беше проследена со слабо закрепнување на најразвиените економии, а оттука тезата за секуларната стагнација повторно стана актуелна. Како што покажува табелата 1, иако просечните стапки на пораст на населението се менуваат од една до друга деценија, во последно време речиси сите развиени земји се соочуваат со многу понизок пораст. Слична претстава може да се добие од табелата 2 која покажува дека во последниве пет децении има јасен тренд на стареење на населението во развиените земји. Најпосле, табелата 3 ги илустрира незадоволителните економски резултати во последниве две децении.

Новата дебата на оваа тема ја започна американскиот економист Лоренс Самерс, а набргу се приклучија и неколку други познати економисти. Сите тие сметаат дека изворите на секуларната стагнација треба да се бараат на страната на недоволната агрегатна побарувачка. Всушност, овде повторно стапуваат на сцена демографските фактори: од една страна, стареењето на населението го намалува учеството на активната работна сила и на вработените во вкупното население; од друга страна, го зголемува учеството на штедачите, а тоа води кон ниски каматни стапки. Конкретно, Самерс ја поврзува секуларната стагнација со многу ниските каматни стапки кои за време на Светската финансиска криза ја достигнаа долната граница од 0 %. Притоа комбинацијата на ниска очекувана инфлација и нулата како долна граница на каматните стапки значи дека реалната каматна стапка (разликата меѓу номиналната каматна стапка и очекуваната инфлација) не може да се намали доволно за да ги зголеми инвестициите и да обезбеди целосна вработеност.

Меѓутоа, Самерс забележува дека ниските каматни стапки не се поврзани само со Светската финансиска криза, туку трендот на нивното намалување започна уште кон средината на 90-тите години од минатиот век. Тоа покажува дека постојат и повеќе други причини за секуларната стагнација како: стареењето на населението, намалувањето на релативните цени на капиталните добра, вишокот ликвидност кај високотехнолошките фирми (Гугл, Амазон итн.), зголемената нееднаквост, високите девизни резерви на земјите во развој, бегството во сигурни финансиски средства по Светската финансиска криза итн. Како последица на овие фактори, тој предупредува на опасноста дека уште долго време ќе бидеме сведоци на многу ниски каматни стапки, што ја зголемува опасноста од долготрајна стагнација на економската активност во развиените земји. Слично на Хансен, и Самерс предлага некои мерки во борбата против стагнацијата: од една страна, преземање структурни реформи кои треба да го зголемат потенцијалното производство, а од друга страна, мерки за зголемување на јавните и приватните инвестиции.

Сепак, некои економисти ја негираат тезата за секуларната стагнација. На пример, Оливие Бланшар смета дека ниската стапка на пораст на американската економија се должи на песимизмот на бизнисмените во однос на идниот пораст на потенцијалното производство. Овој песимизам, комбиниран со нултата каматна стапка, понатаму предизвикува низок пораст на потрошувачката и пораст на невработеноста. Меѓутоа, овие ефекти се само привремени, односно потрошувачката и економскиот раст постепено ќе се вратат на „нормалната“ патека. Дарон Аџемоглу, пак, ја негира тезата дека стареењето на населението води кон понизок економски раст. Напротив, тој тврди дека стареењето на населението води кон недостиг на работници; на тој начин, трудот станува релативно поредок, а со тоа и поскап во однос на капиталот; понатаму, тоа ги принудува фирмите да инвестираат во роботи и други форми на автоматизација на производството, а тоа предизвикува пораст на продуктивноста и на економскиот раст. Најпосле, некои економисти потсетуваат дека сегашните ниски каматни стапки воопшто не претставуваат исклучок во економската историја на развиените земји, а други тврдат дека трендот на намалување на реалните каматни стапки започна многу порано (во средината на 80-тите години од минатиот век) и дека претставува само враќање кон долгорочниот просек од 0 %.

Оттука, колку и да се сериозни и убедливи горенаведените аргументи, сепак останува отворено прашањето дали, навистина, развиените земји навлегоа во ерата на стагнација или пак станува збор само за привремено намалување на економскиот раст. Проблемот се сведува на тоа што никој не е пророк и не може да ги предвиди долгорочните економски трендови. Впрочем, самиот израз „секуларна стагнација“ означува нешто што се случува на многу долг рок така што не е јасно дали стагнацијата која трае десетина години може да ја наречеме секуларна или се работи само за привремена појава. И во минатото развиените земји се соочувале со периоди на низок економски раст, но подоцна тие повторно се враќале на вообичаената, долгорочна траекторија. На пример, како што веќе споменавме, економскиот раст во САД се намали од 4,24 % пред 1910 година на 2,8 % во периодот од 1913 до 1929 година, потоа просечната стапка на раст порасна на 3,9 % во периодот од1948 до 1968 година за повторно да падне на 2,7 % во периодот од 1970 до 1990 година. Оттука сосема е можно и денешните песимистички прогнози утре да се покажат како погрешни.


(Економија и бизнис. печатено издание, април 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО