Бизнис

Заврши 12-то издание на обуката за развој на бизнис и претприемништво – Лидер проектот во организација на Македонија2025

26.05.2021г.

На 25-ти мај заврши дванаесеттото издание на обуката за развој на бизнис и претприемништво – Лидер проектот – целосно бесплатна десетдневна обука, каде по комплетирањето на финалните презентации, учесниците се стекнаа со сертификат од реномираната канадска школа за бизнис Ајви.

Вчера се одржа официјалното затварање на врвната обука за развој на деловни вештини и претприемништво „Проектот Лидер“ што е организирана од Македонија2025 и Ајви бизнис школата (Ivey School of Business) на Западниот универзитет во Канада.

Обуката вклучуваше интерактивно учество и примена на студии на случај кои ги подготвија учесниците за најважните работи во бизнисот, како што се развивање на деловна стратегија, воведување на нови производи, брендирање на производ, финансирање, претварање на идеја во одржлив бизнис и др.

На официјалното затварање, учесниците на обуката ги презентираа своите бизнис идеи, кои беа оценувани од стручно жири составено од истакнати членови на бизнис заедницата.

Судии на натпреварот беа: 

1) Лиам Џохнсон, тренер на обуката 2) Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија2025 3) Бранислав Марковски, Надворешен соработник во секторот за монитопинг на корисници при Фондот за иновации и технолошки развој 4) Македонка Димитрова, деловен консултант во областа на претприемништво и енергија 5) Олга Рајчиќ, ко-основач на „Challenger“, службеник за развој на бизнисот на Рудници Бањани, член на Управниот одбор на WOMEN IN TECH North Macedonia.

Дополнително, свое обраќање на официјалното затварање на Лидер обуката имаше и Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ги сподели сопствените лекции за водење на бизнис и претприемништво со учесниците на настанот, истакнувајќи:

“Никогаш не е вистинско време да се започне нов бизнис. Претприемачите треба јасно да гo дефинираат својот бренд, и да се опкружат со вистински луѓе. Исто така, многу е важно за еден претприемач постојано да учи и да се надоградува. Ковид-19 кризата не’ научи дека треба брзо да се прилагодуваме. “

Добитниците на натпреварот ќе добијат безплатна консултантска поддршка од канадски експерти, преку програмата за претприемачи-Битов, реализирана од Македонија2025 во соработка со CESO (Canadian Executive Service Organization). Дополнително, како награда Македонија2025 им обезбедува и бесплатно користење на платформата Connect2МК, која има за цел да ги поврзе македонските бизниси со соодветни експерти од дијаспората, кои нудат можности за менторство, партнерство и отворање на можности за инвестирање.

Никица Мојсоска Блажевски им честиташе и им посака многу среќа на тројцата добитници на натпреварот како и на останатите учесници на обуката, истакнувајќи:

“Ние, во Македонија 2025 се надеваме дека овие 10 дена беа одлична можност за вас да го надоградите своето знаење, да се поврзете и да ја креирате вашата мрежа на контакти. Ви благодарам на сите за Вашето учество и Ве повикуваме да ни се обратите за каква било дополнителна поддршка во иднина”.

Обуката за развој на деловни вештини и претприемништво „Проектот Лидер“ е усогласена со мисијата на организацијата да помогне во создавање просперитетна економска клима и „посилна нација“. Оваа програма има за цел да придонесе во развојот на идните деловни лидери и забрзување на економскиот раст преку подобрување и поддршка на претприемништвото.

ПРЕПОРАЧАНО