Бизнис

Азески: Министерство за регионален развој, приоритет на здравството и образованието и автопатишта без граници

Пораки на претседателот Азески од Копаоник Бизнис Форум 2021 година

Успешна регионална економска приказна може да понуди Западен Балкан, но само ако сите 6 земји функционираат во ист правец, со исти стандарди и со усогласена регулатива. За да се оди по тој пат, треба да се обнови Иницијативата за формирање  Министерство за развој на регионот во секоја од земјите на Западен Балкан, за поголема економска регионална соработка. Оваа клучна порака ја испорача претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија и ко-претседавач на Коморскиот инвестициски Форум, Бранко Азески, која беше подржана од претседателите на Стопанските комори од Западен Балкан, присутни на панел дискусијата „Мини Шенген зона – може ли Ковид кризата да ја забрза регионалната соработка во Западен Балкан“ во рамките на дебата на 28. Копаоник Бизнис Форум.

Здравствено-економската криза покажа дека е потребно активна комуникација на земјите од регионот, континуирано 24 часа, координирано од едно место, кое ќе биде во функција на поттикнување на соработка помеѓу 6-те земји во регионот, но и ќе работи на усогласување на процесите и воспоставување на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, што го предвидува концептот на четирите слободи на кој се заснова и единствениот пазар на ЕУ (слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал).  Процесот предвидува засилена соработка во областите на дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустријата, а може да биде и движечката сила која ќе даде нов поттик за конкурентноста на компаниите од регионот во пост-пандемискиот период, истакна претседателот Азески.

Ковид кризата ги извади на површина системските слабости и дефинитивно покажа дека образованието и здравството мора да станат клучни компоненти на развојот. Без здрави и образовани луѓе нема напредок на економија и државата. А токму оваа Корона криза, покажа дека тука ни се најголемите слабости. Досега приоритетните, одбраната и безбедноста, треба да станат нормални функции на државата.

Животот во Ковид услови детектираше уште еден лош пример, за која низ годините постојано се зборува и констатира. Несоодветните инвестиции во инфраструктурата. Се што се вложи во изградба на автопатиштата застана на границите, вели претседателот Азески. Примерот на Коридор 8 покажува дека желбите не секогаш се остварливи. Одењето против природата има своја цена, и заради тоа имаме застој во неговата реализација. Се спојуваат земји кои немаат усогласени процедури што го прави многу долг и скап транспортот, што пак директно се одразува на конкурентноста на производите кои излегуваат од земјите од овој регион.

Секоја од 6-те земји од регионот има свои предности во одредени сегменти и тие треба да се искористат како предност на целиот регион. Пример за тоа е имунизацијата во која лидер е Србија што позитивно се одразува на бизнис секторот од Западен Балкан. Во таа насока клучна улога има Коморскиот инвестициски форум кој своите активности ги насочува кон унапредување на конкурентноста на економиите од регионот преку  вмрежување, подобрување на бизнис климата и зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан.

Копаоник Бизнис Форумот годинава се одржува од 24 до 27 мај под слоганот - „Светот по Ковид-19: Нови извори на раст во промената на деловните услови“. На 28-от традиционален форум организирани се дваесет и еден (21) панел со учество на, над 90 говорници, панелисти, модератори. 

На Балканскиот Давос, место кое претставува интерактивна платформа за размена на мислења и искуства, за средби и деловно вмрежување на компаниите,  претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески е единствениот македонски претставник.

Копаоник Бизнис Форумот е организиран од Сојузот на економисти на Србија на иницијатива на претседателот на Здружението, Александар Влаховиќ, во партнерство со Мастеркард. Се одржува во услови на Ковид криза, со целосно почитување на најстрогите мерки на здравје и безбедност, за да се обезбеди максимална безбедност на гостите, учесниците и организаторите, поради што наместо традиционално, во март на Копаоник, се организираше во мај, во Белград.

 

www.kopaonikbusinessforum.rs

ПРЕПОРАЧАНО