Бизнис

Мојсоска Блажевски: Лесно се стигнува до јасна цел

Да ве потсетам на една сцена од познатиот роман и анимиран филм „Алиса во земјата на чудата“. Алиса е изгубена и ја сретнува големата Mачка и, отприлика, се одвива следниов дијалог:
Алиса: „Се извинувам, по кој пат треба да одам?“
Мачката: „Tоа многу зависи од тоа каде сакате да стигнете.“
Алиса: „Не ми е важно каде (ќе стигнам).“
Мачката: „Тогаш не е важно во кој правец ќе одите.“
Алиса: „... сè додека стигнам некаде.“
Мачката: „О, сигурно ќе стигнете некаде ако одите доволно долго.“

Во слободна интерпретација, во овој дијалог се крие длабока мисла, односно дека полесно и побрзо се стигнува до јасна цел. Кога знаете каде сакате да стигнете ќе најдете доволно кус (должински) и доволно краток (временски) пат за да ја остварите целта. Ова важи приватно, за секој од нас, но и воопшто, за нашето општество и држава. Ако сакаме да постигнеме напредок, мора да знаеме кон што целиме. За жал, од различни причини (кои заслужуваат посебна елаборација), ние како колектив или нашето општество и држава немаме јасна цел кон која се стремиме (свесна сум дека општество и држава се различни поими, ама констатацијата се однесува на двете).

Веројатно во истиот момент кога го прочитавте ова си рековте дека грешам, дека целта ни е јасна: „Членство во ЕУ и НАТО!“ Да, со извичник бидејќи толку често и толку многу е повторувана оваа флоскула од нашите политички, па и деловни лидери што наиде на широко прифаќање, силба верба во целта, кон неа се приклучија сите различни слоеви во општеството, лица од различни професии и нивоа на образование (од доктори до земјоделци), флоскула која го окупираше Фејсбук и да не набројувам понатаму, сигурна сум дека ме разбирате.

И штом пишувам вака, претпоставувате дека ќе навлезам во дискусија дали „членство во ЕУ и НАТО“ е јасна цел до која сакаме да стигнеме (секако, прашањето го поставувам за да го најдеме патот и да стигнеме побрзо). Веднаш да кажам дека едната од оваа двојност на цели е веќе постигната. Тоа е голем успех по долги години очекувања и надеж. Ова ќе го претставам во форма на прашање: Дали сметате дека направивме големи напори и реформи за да го постигнеме тоа (секако, критериумите се различни од оние за членство во ЕУ)? Со други зборови, дали го изодевме патот и колку долго или кратко одевме? За ефектите, односно користите од членството во НАТО не би елаборирала, само би кажала дека општата еуфорија и често повторувана флоскула „ЕУ и НАТО“ развија нерационално големи очекувања кај народот од типот на тројно зголемување на цената на земјиште и недвижен имот, па многу граѓани чекаа спремни (како на старт на натпревар за брзо трчање) да продаваат имот за тие високи цени и да се збогатат. Да, сакаат да живеат побогато самите тие без разлика што и како се случува во Македонија, дали има квалитетни институции, дали владее правото, дали има корупција (кога сте богати ќе платите и за тоа), дали децата учат во квалитетни училишта, по квалитетни програми (и за тоа можат да платат во приватни школи, па и за факултети во странство, со цел децата да не се вратат во Македонија) итн.

Пред повеќе години, на еден голем настан со присуство на околу 400 лица имав чест да зборувам токму за долгорочниот развој на Македонија. И тогаш ја отворив дилемата дали зачленувањето во ЕУ е цел сама по себе. Дали кога ќе спомнеме членство во ЕУ мислиме само на членство во ЕУ? Или секој од нас има свои визуелизации и асоцијации кога ќе помисли дека ќе станеме членка на ЕУ? Со други зборови, дали навистина целта е да станеме членка на ЕУ или целта е многу покомплексна: да имаме ист животен стандард како членките во ЕУ; да имаме ист квалитет на живот (чист воздух, еднаков третман на сите пред судската власт, квалитетно образование, одличен здравствен систем итн.); да живееме со надеж во нашата иднина и иднината на нашите деца итн.

Кога ќе се разглобат вака работите, целта станува многу покомплексна и не толку јасна. Пример, да речеме дека целта на секој граѓанин, бизнисмен, па и политичар е да бидеме богати како оние кои живеат во ЕУ (ова е практично целта „повисок животен стандард“). Но, во ЕУ има мошне големи разлики токму во животниот стандард. Не постои „просечен“ граѓанин на ЕУ, но статистички Еуростат (агенцијата за статистика на ЕУ) се обидува да даде и такви податоци, односно каков е животниот стандард на граѓаните во секоја земја членка во однос на просекот на ЕУ. Така, „просечниот“ граѓанин на Луксембург има 2,6 пати повисоки приходи од просекот на ЕУ, а „просечниот“ граѓанин на Бугарија има половина од просечните приходи во ЕУ. Со други зборови, ако приходите на просечниот граѓанин на ЕУ се 1 000 евра (како пример), просечните приходи во Луксембург се 2 600 евра, а во Бугарија 530 евра. За споредба, приходите на граѓанин на Македонија, според истите пресметки, се 380 евра. И сега тука е дилемата дали кога ќе спомнеме членство во ЕУ дали мислиме дека приходите ќе ни бидат како во Бугарија или како просекот на ЕУ или како во Луксембург (многу е важно да имаме реални очекувања, како и реална цел).
Да се вратам на темата: јасна цел и краток пат. Јасна цел за долгорочниот развој на Македонија е да се зголеми животниот стандард (народски кажано, да станеме побогати). Јасна цел е и да сакаме да се подобри квалитетот на живот. Не велам дека овие цели се лесно остварливи ниту дека се лесно мерливи, но тие се цели. Цели со кои не верувам дека некој нема да се сложи. И да не ме разберете погрешно: не велам дека членството во ЕУ како цел е некомпатибилна со повисок животен стандард, напротив, но само кажувам дека тоа не е цел сама за себе.

Штом ги зацртате целите, следува фаза на „краток пат“ која започнува со трасирање на патот до нивно остварување. Што треба да сториме за да стигнеме до тие цели? Кои активности, мерки, реформи треба да ги спроведеме? Тоа е патот кој треба да го избереме и кој треба да го изодиме (без да пешачиме предолго или пребавно, според зборовите на Мачката од „Алиса во земјата на чудата“). Повторувањето на флоскулата „членство во ЕУ“ сигурно нема да нè доведе до тие цели.
Сосема на крај ќе наведам седум клучни области во кои мојата организација Македонија2025 и јас веруваме дека мора да направиме напредок (да го изодиме патот) за да имаме побогат и поквалитетен живот: образование и човечки капитал; конкурентност (и водење бизнис); владеење на правото и корупција; демократско општество; животна средина; јавно управување; дигитализација и дигитални вештини. Се надевам ќе следува и некое продолжение на овој текст во кој ќе зборувам за овие области, како и за напредок. До тогаш, да не чекаме ЕУ да нè „прими“, туку да работиме на нашите јасни цели.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО