Актуелно

Економија и бизнис | број 273 | мај 2021г.

Во мајскиот број ќе читате...


Мега интервју со Живко Мукаетов, генерален директор/Претседател на управниот одбор на Алкалоид АД Скопје: АЛКАЛОИД Е КОМПАНИЈА ЗА СИТЕ ВРЕМИЊА

Сметам дека државата што побрзо треба да ја активира поддршката на иновации и за големите компании, затоа што истите не само што имаат капацитети, вештини и знаење за иновативен развој, туку со себе носат и голем број на помали домашни кооперанти.


Интервју со Сибил Зутер Tехада, aмбасадор на Швајцарија: ЗАПОЧНУВАМЕ НОВА ЧЕТИРИГОДИШНА ПРОГРАМА ЗА СОРАБОТКА

Секоја единка во општеството е одговорна за своите постапки, однесувања, дострели и одлуки и треба да вложува лични напори да ја зголеми посветеноста кон општество без корупција.


Интервју со Елена Младеновска Јеленковиќ, главен извршен директор на М6 Едукативен центар: ПОТРЕБНА Е РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРИЛАГОДЕН НА ПОТРЕБИТЕ НА РЕАЛНИОТ СЕКТОР 

М6 континуирано остварува соработка со значајни светски институции и програми за развој како што се Mindvalley за кои сме застапник за регионот, Универзитетот Тампере од Финска, Бледската школа за менаџмент, Љубљанскиот универзитет, шведската Школа за вештачка интелигенција и други..


Интервју со Бојан Џиков, косопственик и генерелен директор одговорен за операции и информатичка технологија на Таргет Груп: НАШИОТ ПРЕДИЗВИК СÈ ПОВЕЌЕ СТАНУВА ОБРАБОТКАТА НА ПОДАТОЦИТЕ, A НЕ САМИТЕ ПОДАТОЦИ 

Особено сум среќен што гледам дека македонската индустрија сè повеќе и повеќе излегува надвор од границите на државава. Ние во Таргет Груп ја увидовме потребата за пристап до податоци за компании од земјите од регионот и во соработка со нашите партнери од Adria Business Information Network  за многу кратко време успеавме да овозможиме пристап до бонитетни оцени и податоци за сите правни субјекти од Република Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Овие податоци се достапни преку платформата БизнисМрежа.мк и преку нарачка на индивидуални бонитетни извештаи


Интервју со Севра Дејвис, директор за архитектура, дизајн и мода во Британски совет: НАЈДОБРИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ДИЗАЈН СЕ ОНИЕ КОИ ПРОБЛЕМОТ ГО ГЛЕДААТ КАКО МОЖНОСТ 

Tехнолошката револуција што се одвива пред нашите очи е од големо значење за квалитетот на нашиот живот во иднината, особено кога зборуваме за одржливоста на ресурсите на нашава планета. Врската меѓу дизајнерите и научниците во контекст на користењето на новите материјали е од сè поголемо значење, а откритијата на оваа тема се навистина возбудливи концепти кои експериментираат со биоинтегриран дизајн, односно решенија кои вклучуваат живи организми − на пример фасадите во архитектурата.


Гордан Георгиев: ВЛАСТА Е НЕРВОЗНА 

Сето ова го пишувам од позиција на некој кој редовно пишува сиве овие години, откако СДСМ е на власт. И жестоко сум критикувал и сум се трудел разумно да фалам, и жестоко сум бил критикуван, а потајно сум бил и фален. И никогаш, ама баш никогаш, не сум побарал некаква функција или привилегија. Напротив. Оние кои го знаат тоа, точно го знаат. Не сум некој кој начекува фрлена коска за да ја глода, ниту сум некој кој би посакал мрсна кртина. Зборовите некогаш тежат повеќе отколку што значат, но тоа е дел од природата на јавниот дискурс и пркосот на моменталниот импулс.


Никица Мојсоска Блажевски: ЛЕСНО СЕ СТИГНУВА ДО ЈАСНА ЦЕЛ 

На крај ќе наведам седум клучни области во кои мојата организација Македонија2025 и јас веруваме дека мора да направиме напредок (да го изодиме патот) за да имаме побогат и поквалитетен живот: образование и човечки капитал; конкурентност (и водење бизнис); владеење на правото и корупција; демократско општество; животна средина; јавно управување; дигитализација и дигитални вештини.


Драган Тилев: ДВАЕСЕТ ГОДИНИ СПОГОДБА ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА 

Целта е една, полноправно членство во ЕУ. Секое отстапување од насоката и одлагање на одлуките кои може да ве однесат до целта, е политички погрешно и погубно штетно.


Ивор Мицковски: НЕУСПЕХОТ НА СУПЕР ЛИГАТА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ФУДБАЛОТ Е СПАСЕН 

Супер лигата беше погрешна реакција на многу точни и прецизни проблеми. Останува фактот дека од сега, па натаму ништо нема да биде исто како и порано. Постковид светот мора одново да се обмисли, вклучувајќи го и фудбалот. Но, за тоа е потребно да се смири егоистичката ескалација и топката да се спушти на центарот на игралиштето. Срцебиењето на навивачите е душата на овој спорт, но без решенија за индустријата, бизнисот и технологијата на фудбалот, секое одложување на системските решенија, наместо да се слави преку ослободувачкиот крик на „Гооол“, ќе се претвори во поразителен автогол.


Прилог за Општина Гевгелија во рамки на проектот МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ

- Интервју со Сашо Поцков, градоначалник на Општина Гевгелија
- Анализа на буџетот на општината
- Ставови на членови на Советот на општината
- Ставови на претставници на бизнис заедницата


Катерина Бошевска: ПРЕДИЗВИЦИ НА БАНКАРСКОТО РАБОТЕЊЕ КАКО ПОСЛЕДИЦА НА ПАНДЕМИЈАТА

Дел 3: Активности на Европската Унија за развој на пазарот за тргување со лоши пласмани

Европската комисија има цел да развие насоки за продавачите на нефункционални кредити со цел да им помогне на банките, особено на помалите, да одлучат дали да користат ваква трансакција во насока за поддршка или остварување на нивните цели, како и индиректен притисок кон користење на продажбата на нефункционални кредити.


Тереза Серафимова: РАБОТЕЊЕТО – ПЕТТИОТ КВАРТАЛ

Алатката за виртуелни состаноци Зум имала 10 милиони дневни посети на виртуелните состаноци во декември 2019 година и 300 милиони четири месеци подоцна. 


Виолета Цветкоска: ЗОШТО НАШАВА ДРЖАВА ТРЕБА ДА СЕ ПОДГОТВИ ЗА РАЗВОЈ И ПРИМЕНА НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА?

Едно е сигурно, ерата на вештачка интелигенција доаѓа наскоро и мора да се подготвиме како држава за нејзин развој и имплементација за да ги искористиме нејзините придобивки и да придонесеме за напредок на економијата.


Марио Чобанов: ЧЕКОРИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОЧИТУВАААТ МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ПРИ ПРИМЕНА НА БЕНЧМАРКИНГОТ НА ЛОГИСТИКАТА НА БИЗНИСОТ И СИНЏИРИТЕ НА СНАБДУВАЊЕ 

Предизвиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 се верува дека ги охрабри македонските компании да бидат насочени кон доживотното учење, проактивно работење и вкрстена функционалност во работењето. 


Димитар Фуна: МБИ10 И ФИНАНСИСКИ МОДЕЛИ | ДАЛИ МИНАТОТО Е ДОБАР ПОКАЗАТЕЛ ЗА ИДНИНАТА?

Во светски рамки, секој модел кој може да го предвиди знакот (+ или -) на одреден индекс со над 55 % точност е модел кој би можел да се користи за инвестирање. Приносите би се оствариле така што инвеститорите би зазеле долга или кратка позиција во индексиран фонд, во зависност од предвидената насока на движење. Па така, кога моделот предвидува позитивен знак би купиле удели во фондот, додека во спротивната ситуација би зазеле кратка позиција и би продале удели. На овој начин, без разлика во која насока се движи МБИ10, инвеститорите би реализирале позитивни приноси.


Сашо Трајковски: ПСИХОЛОГИЈА ВО ТРГУВАЊЕТО СО ДЕВИЗИ

Психологијата на тргувањето со девизи е многу важна. Многу често психологијата, а  не недостатокот на едуцираност или вештини е причина за правење грешки. Психологијата на тргување овозможува следење на зададените цели, без разлика на моменталните губитоци.


Татјана Штерјова Душковска: ЗАЕДНИЧКИ АПЕЛ НА ЧЕЛИЧНАТА ИНДУСТРИЈА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН РЕГИОНОТ ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕН ОД ЗАШТИТНИТЕ МЕРКИ ЗА УВОЗ НА ЧЕЛИК ВО ЕУ 

Челичната индустрија има клучна улога во економиите на државите од регионот на Западен Балкан – оваа индустрија значително придонесува во креирањето на националниот БДП во секоја од економиите, учествува со 9 % во реализираниот извоз од ЗБ кон светот и вработува повеќе од 10 000 лица во регионот...


Елена Милевска Штрбевска: АРБИТРАЖАТА КАКО ПРЕДИЗВИК ВО НОВАТА РЕАЛНОСТ 

Еден од најмаркантните настани што ќе се организира следниот месец (11 и 12 мај) во организација на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со ЦЕИ, е меѓународната арбитражна конференција на тема „БИЗНИСОТ И АРБИТРАЖАТА ВО ЕРАТА НA ГЛОБАЛИЗАЦИЈА: ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ“.


Дарко Булдиоски: ТРОЛ-МАРКЕТИНГ

Во презаситеното секојдневие потребно е малку повеќе ризик за да се исплива на површината, некогаш на наш, некогаш на туѓ грб. 


Љупчо Поповски: ПЕТ РАБОТИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ЗНАЕТЕ ЗА АНАЛЕНА БЕРБОК 

Германските Зелени ја избраа Аналена Бербок за нивен кандидат за канцелар. Ова е прв пат Зелените да имаат кандидат за канцелар. Работите во Германија се променети, Зелените во анкетите се на неколку поени до конзервативната коалиција и нема да биде чудо ако по изборите во септември се случи вистински земјотрес, не само во Берлин туку и во Европа.


Дејан Азески: ДРАСТИЧНИОТ ПАД НА КВАЛИТЕТОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО Е ДОЛГОРОЧНО ПОГОЛЕМА КАТАСТРОФА ОД САМАТА КОРОНА 

Нема да е на одмет по завршување на кризата (ако некогаш и воопшто заврши) да се направи една темелна евалуација на сите оние кои своето образование се труделе или не се труделе да го стекнат преку компјутерот дома. Како што дедо ми по Втората светска војна го продолжил образованието со двегодишно задоцнување (така проценила комисијата), така треба и денешните млади да продолжат со образовниот процес токму таму каде што објективно и застанале. Ова се генерации кои не за сто години, туку за десет веќе ќе се вработени некаде во некоја институција и фирма и погрешно ќе го заведува нашиот стаж за утре да не можеме да земеме полна пензија. Најстрашно од сè − тоа ќе се деца кои не знаат апсолутно никаква историја и со тоа ќе се принудени да ја повторуваат заедно со сите нејзини грешки.


Сузана Камберова: ЦИГАРА 

Немаше продолжение. Страниците беа празни. Цигарата догоруваше. Ненадејно се зачу некој шум и тогаш светлина почна да блеска од сите страни. Се вклучуваа и се исклучуваа безброј сијалички како во светлечка претстава и на крај одекна продорен звук на аларм. Госпоѓата Дурес почувствува силна главоболка. Се фати со двете раце за главата, извика и се струполи ничкум на подот.


Емануел Рембер: ДА ЧИТАШ, ШТО ЗНАЧИ ТОА?

И вие сакате да читате? Но, што значи всушност читањето: разонода, повлекување во себе? Подобро да го запознаеме светот или поуспешно да побегнеме од него? Да се опиеме од мирисот на страниците или од сладоста на зборовите? Одговорот отидов да го побарам кај петнаесетина познати франкофонски личности: Брел, Дали, Саган, Делон...


Ѓорѓи Јаневски: СРАМЕЖЛИВА, РАДОСНА, СУРОВА 

„Тато шеќер“ (Sugar Daddy) во англискиот сленг означува повозрасен маж кој дава пари или подароци на млада жена за возврат на нејзината придружба или сексуални услуги.


УБАВА МАКЕДОНИЈА: БРНИЧКИ ВОДОПАД 

Ова е уште една локација од каде што може да ја видите импозантноста на најголемата клисура во Македонија, Скочивирската, која е со должина од 80 километри почнувајќи од с. Скочивир, Битолско и завршувајќи во близина на с. Возарци, Кавадаречко. Култната Црна Река го дели Мариово на два дела. И не може да се зборува за Мариово без да се спомне Црна Река, изворот на животот од праисторијата, па до ден-денешен, но и предмет на божествена почит и култно третирање.


 Сето ова, како и други содржини, на 120 страници, за 150 денари, во најблиската трафика.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано