МОЈАТА ОПШТИНА

Силјаноски: Потребно е „созревање“ на целото општество

Како до подобри услуги за жителите на Општина ОХРИД? Можности, ограничувања, предизвици...

Мишел Силјаноски, член на Советот на Општина Охрид, СДСМ

Секој граѓанин неопходно е навремено да може да се обрати до општинската администрација и навремено да ја добие својата услуга. За таа цел потребна и неопходна е и промена на свеста, на менталитетот и на начинот на размислување и на дејствување во делот на извршување на услугите и зголемена ефикасност од страна на општинската администрацијa и јавните претпријатија основани од општините.
Општина Охрид во однос на транспарентноста, на отчетноста и на отвореноста граби со брзи чекори напред. Согласно резултатите од мерењето на индексот на отвореност на општините за 2020 година, како дел од проектот на УСАИД за граѓанско учество, Општина Охрид има најдобри резултати од сите општини на територијата на РСМ. Индексот на отвореност се фокусира на четири принципи, и тоа: пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност.
На секоја општина ѝ се ставени на располагање значителен број на средства (грантови и неповратни средства) од домашни и странски меѓународни фондови за изработка и реализација на проекти со посебна намена од кои најголем бенефит би имала самата општина и нејзините граѓани. За таа цел, неопходно е обучување на кадри за изработка и аплицирање на проекти како опција која нуди многу можности за секоја општина. Општина Охрид изминативе години инвестираше огромен износ на средства за подобрување на локалната инфраструктура (патна инфраструктура, водоводна и канализациска мрежа), но потребна и неопходна е подобра патна инфраструктура до и околу Општина Охрид (завршување на автопатот Охрид−Кичево−Гостивар). Потребно е „созревање“ на целото општество.
Потребни се енергија, разум, едукација, интелигенција, иновативност, дисциплина и посветеност од сите чинители на процесите во рамките на една општина.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано