Бизнис

Азески: Светот, сепак, не почнал од нас

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Како потсетување на четиригодишнината од објавувањето на мојата најпозната книга „Економската историја од антиката до Втората светска војна“ го користам просторот да го реобјавам нејзиниот воведен дел. Сметам дека економската историја ни е потребна да нè мотивира да ги издржиме овие тешки денови за светската економија и да сфатиме дека бизнисот проживеал многу поголеми кризи од денешната бидејќи како што вели насловот на воведниот дел „светот, сепак, не започнал од нас“.


„Македонскиот бизнис започнува со првата југословенска петолетка и планот на Кидрич за засилена индустријализација на неразвиениот југ на земјата“ – приближно вака звучи одговорот на просечниот Македонец на прашањето каде се корените на македонската економија и стопанство. Постарите без поголемо воодушевување се сеќаваат дека, сепак, и неколку години пред Втората светска војна постоела и по некоја фабрика, но дека сето тоа е минорно и неважно, а според многумина и невредно за споменување. За најмладите, пак, не постои ниту турско ниту југословенско време, туку почеток на светот е неодамнешната транзиција во која, според нивното мислење, „од ништо се создало нешто“.
На нашето логично прашање „Ако економијата започнала пред седумдесет години, од што живееле нашите баби и дедовци во турско време?“ добивме матни одговори базирани на низа сиромашни прекажувања од колено на колено. Дури кога го поставивме и нашето трето прашање за тоа како изгледал македонскиот бизнис во антиката, многумина и нѐ исмеваа отворено велејќи ни дека популистичката антиквизација која се форсираше во изминатиот период и во која не верувале ни самите нејзини пропагатори, токму ние сме ја сфатиле пребуквално.
Потоа помисливме дека големиот број наши соговорници имаат проблем со поимањето и со дефинирањето на термините „бизнис“, „економија“ и „стопанство“. Можеби бизнис за нив е само кога Марк Цукенберг од Фејсбук за неколку милијарди долари ќе го преземе Инстаграм и со тоа ќе направи нови неколку милијарди долари. Но, барем ние не гледаме разлика меѓу ваквата аквизиција и бизнисот на некој наш предок од Античко Стоби, кој сфатил дека ако организира трговија со керамика меѓу Тесалоника и Скупи по долината на Вардар, процентуално ќе оствари приближно слична додадена вредност како онаа која ја остварил генијалецот Цукенберг. Зарем постои разлика меѓу денешната идеја за засилена експлоатација на минералните суровини на Далечниот Исток и средновековната одлука на византиската влада да ги насели искусните рудари Саси од Јужна Баварија во Источна Македонија за да го раздвижи рударството на овие простори?
Така лутавме во пронаоѓање на причината за ваквите сиромашни познавања и ограничени сфаќања на македонската јавност за оваа проблематика, сѐ додека не ја отворивме литературата што досега го разработувала ова прашања. Дури тогаш запрепастувачки сфативме дека таа речиси и не постои. Малкуте автори што визионерски се охрабриле да зборуваат за оваа проблематика се посветиле во најголем дел на планското југословенско стопанство, колективизацијата и работничкото самоуправување. Уште помал дел од нив навлегле малку и во Предвоена Југославија, а најмал дел опфатиле и нешто малку од турското стопанство во 19 век. Сѐ што пронајдовме наназад за стопанската историја постара од сто години е расцепкано на последните страници од разни општи книги кои разработуваат сосема други проблематики.
Нашата цел е да се обидеме не само да го доближиме минатото до сегашните генерации туку и да ги еволуираме нивните дводимензионални погледи во тродимензионалните широкогледи на иднината. Впрочем, ако оваа навидум општа флоскула е корисна во обичниот живот, тогаш во бизнисот е неопходна бидејќи тоа е единствената работа во светот која толерира само 0 % грешки.
За да ја докажеме нашата главна теза, дека светот не почнува од нас, неопходно е да кажеме барем по нешто за сите четири анализирани историски периоди на економскиот развој во оваа книга.

АНТИКА (1000 год. п. н. е. – 500 год.)
„Најбогатиот човек на Вавилон“ е мала и симпатична џебна книга за која особено се заинтересира македонската општествена елита пред десетина години. Навистина, станува збор за несекојдневно четиво напишано на неконвенционален стил, кој плени со својата главна порака дека бизнисот и правењето пари не се измислени вчера, туку дека функционираат врз база на истите принципи од почетокот на современото сметање на историјата, а можеби и претходно.
Сепак, останува нејасно како и покрај толкавата популарност на оваа книга никој од нас не се заинтересира каква била економијата во нашите градови.
Можеби не се заинтересирал затоа што нашето образование со години го занемарува фактот дека Ајга, Пела, Хераклеја (Битола), Лихнид (Охрид), Амфипол биле стопански активни градови во истото време кога и Вавилон. А можеби и никогаш не слушнал дека вакви развиени центри воопшто постоеле.
Е па, историографските факти очигледно се тука за да ги демантираат сите наши стереотипни предрасуди. Тие го кажуваат следново.
На територијата на географска Македонија за време на антиката се водела жива стопанска активност на сите можни полиња што ги дозволувал тогашниот техничко-технолошки развој.
Како прво, Македонија во антиката била прочуена по преработката и по извозот на дрва во големи количини. Универзално е мислењето на историчарите дека сиот прочуен успех на грчките полиси од златната доба се должи на увозот на македонско дрво без кое нивната славна флота не можела ниту да постои. Познато е и дека извозот на дрво не само што им носел огромни приходи на македонските кралеви туку и тие го користеле како главен аргумент за дипломатско „ценкање“ со Атина (нешто што очигледно денес насушно ни недостасува).
Понатаму, Македонија во антиката била позната и по развиеното рударство и металургијата во тогашна смисла на зборот. Голем бил бројот на рудници од каде што македонските кралеви ваделе не само железо и бакар туку и сребро и злато од кое ковале сопствени монети. Тогашната македонска држава, впрочем, водела цели војни со соседните народи само за да го обезбеди суровинскиот материјал.
Иако не постојат прецизни податоци за состојбата на сточниот фонд во тоа време, со сигурност се знае дека Македонија произведувала доволни количини месо и волна за свои потреби. Ова било навистина голема предност во време кога храната била најтешка за обезбедување и, според многумина, е основа за континуираниот раст на моќта на античката македонска држава.
Во Античка Македонија не само што функционирало полјоделството туку познато е дека државата сериозно вложувала во негов развој и технички напредок. Прочуени се иригационите системи на македонските кралеви во близина на Филипи (северно од полуостровот Халкидики) каде што цело едно заразно мочуриште се претворило во плодна житница. Исто така прочуен е и многу поамбициозниот неуспешен обид за повторување на таа постапка во мочурливата Ематија (просторот меѓу Воден и морето), проблем со кој македонските кралеви се бореле со децении.
Историските извори кажуваат за големи количини квалитетно вино кое се произведувало во Македонија. Ако ова се спои со малку подоцнежните римски и византиски извори, кои буквално го воспеваат вкусот на охридското тенко вино, тогаш ќе дојдеме до лесен заклучок дека ова поднебје отсекогаш било обдарено со винова лоза.
Ако историјата на бизнисот за најголем дел од нас започнува по Втората светска војна, тогаш инфраструктурата започнува со изградбата на првите современи автопатишта. Повторно крајно погрешно ако се знае дека старите познати римски патишта Вија Егнатија и Вија Милитарис биле подигнати врз трасите на античкомакедонските патишта по кои се одвивала трговија уште од памтивек. Уште античките кралеви сметале дека клучните инфраструктурни коридори по кои се движеле трговските карвани треба да се одржуваат и да се обезбедуваат. Тогашните македонски првенци дури биле свесни и дека немањето своја трговска флота е слабост, па склучувале договори со грчките полиси за долгорочно загарантирано снабдување со стока. Можеби овие тогашни македонски првенци гледале малку подалеку и од денешните бидејќи со низа градежни зафати овозможиле Вардар и Бистрица во свое време да бидат пловни за разлика од денес.
Дека сета оваа античка економија и тоа како функционирала, најголем доказ е постоењето на кралскиот трезор кој се наоѓал на изолиран остров меѓу непроодните мочуришта на Ематија. Ако сте мислеле дека Форт нокс (трезорот во кој се чува сето американско и голем дел од светското злато) е светско чудо, што ќе речете за кралскиот македонски трезор кој бил изграден и функционирал неколку илјади години претходно?

СРЕДЕН ВЕК (476 год. − 1457 год.)
Сите правници во Македонија (кои ги имаме прилично многу) слушнале за Јустинијановиот кодекс кој е основа на Римското право. Дел од нив начуле и за неговите финансиски и даночни реформи со кои ја преродил Империјата.
Но, сѐ уште никој не се запрашал дали, ако во средниот век постоеле толку многу различни даноци за рударство, за трговија, за риболов, за бродарење и сл., тоа значи и постоење и функционирање на сите овие погоре споменати дејности.
Апсолутно ДА, и многу повеќе од тоа.
Стопанството на територијата на Македонија за време на Византија било едно од најразвиените на целиот Медитерански Басен. Историјата памети дека со губењето на Египет од муслиманите Империјата морала целосно да се потпре врз македонското производство за снабдување на Цариград со неопходните производи. На тој начин македонското производство го добило она за кое и ден-денес сонуваме, а тоа е неограничен и платежно моќен пазар, состојба која ќе трае со векови.
Ако мислите дека германската канцеларка Ангела Меркел измислува топла вода со тоа што прима емигранти и бегалци за утре да ја искористи нивната евтина работна сила за развој на сопствената економија, тогаш размислете уште еднаш. Сетете се само што направи Византија со примањето на повеќе од сто илјади Словени од Истокот, кои во подоцните фази на Империјата ѝ станаа главен воен, но и стопански потпирач.
Повторно ќе се навратиме на византиското законодавство. Според него, можеме лесно да заклучиме дека Византија била една од најсредените и најдобро организирани држави што некогаш постоеле на овие простори. Ако на тоа се додаде дека во одредени периоди нејзината територија се протегала и до Гибралтар и дека во неа не постоеле никакви национални дискриминации, што значи дека секој можел да развива бизнис врз база на личната способност, тогаш можеме недвојбено да констатираме дека бизнис-климата во една ваква држава не била ништо полоша од денешната во рамките на Европската Унија.

ОСМАНЛИСКИ ПЕРИОД (1395 год. – 1912 год.)
Легендарниот Стале Попов во своето епохално дело „Крпен живот“, меѓу другото, ни раскажува и една цела стопанска историја на македонскиот народ за време на османлискиот период. Стале таму споменува и за масовното домашно производство на најразлични производи и за редовната трговија која функционирала меѓу Мариово и Прилеп, а спомнува и производи што доаѓале директно од Солун, па дури и од Стамбол. Во сцената со бегот кој е дојден да собира данок, детално набројува што сѐ произведувале Мариовците и на што сѐ плаќале даноци. Раскажува и за подалечно патување кон Бугарија, Србија и кон Грција или со една реченица ни дава докази за жива економска активност во најнеживиот дел на Македонија.
Ако така било во Мариово тогаш, во Охрид и Битола би требало да биде многу подобро.
Најголемиот дел од нас се воодушевуваше кога се отвори „Скопје сити мол“ пред неколку години. А тоа што Битола имала безистен со сосем иста намена и со сличен габарит уште пред три века никој и не спомнува.
Да не постоеле бизнис и економија во турско време, тогаш од каде ни се податоците за толку многу македонски, а не турски чорбаџии? Што претставува музеј-куќата на Робевци во Охрид ако не плод на развиениот бизнис што го спроведувало ова семејство со векови?
Сите ние денес се гордееме ако некој од нас успее да групира две или пет илјади овци и да ни ги подигне жалните статистики поврзани со сточниот фонд. Но, ако се знае дека само еден голем ќаа во турско време поседувал и по 100 000 овци, а дека на целата територија на Македонија се напасувале и до 12 милиони од овие корисни и кротки животни, тогаш, за жал, може да констатираме дека ние денес со вкупен сточен фонд од 350 000 овци не само што не сме напреднале туку и многу сме назаднале.
Ако мислите дека било неможно сето тоа месо, млеко и волна да се пласира на немирните пазари, сетете се само дека Османлиската Империја се протегала од Еуфрат до Триполи и дека пазар за македонското јагне и сирење секогаш можело да се најде. А трговијата не морале да ја прават самите произведувачи како денес, туку постоела цела мрежа луѓе кои биле оспособени за тоа. Не се случајни приказните дека по должината на целиот пат Солун − Стамбол сите анови биле во сопственост на македонските Власи кои со сета своја умешност гарантирале непречен проток на трговијата. Изгледа иронија на судбината е што денес на истиот тој пат не само што не постојат анови туку не постои ниту бензиска пумпа каде што патникот може да си почине.
Сепак, скептиците ќе речат дека тогашните бизнисмени не можат да се споредат со денешните бидејќи само работеле и немале каде да ги потрошат парите во согласност со денешните современи хедонистички гледишта. Повторно крајно погрешно. Ако верувате дека вашиот спа-центар за кој плаќате дебела месечна членарина е врвот на хедонизмот, посетете некој стар турски амам за да се уверите како уживале вашите богати предци меѓу ѕидовите од вистински и лажен мермер и со нозете во изворска топла вода, а не греана во ’рѓосан бојлер.

БИВШО КРАЛСКО ЈУГОСЛОВЕНСКО ВРЕМЕ (1918 год. – 1941 год.)
Веројатно најанатемизираниот период во македонската историја од тесно политички причини. Ако се гледа на економски план, во овие 22 години, 1919 – 1941 година, е направено повеќе отколку во претходните 220 години.
Ако прошетате во кој било помал или поголем град од Македонија, како потсетник на ова време ќе ги најдете препознатливите големи и жолти згради на монополите.
За да стигнете до градовите Прилеп, Битола, Штип и Кочани, сѐ уште треба да се возите по пругите што се изградени во ова време.
Хидроцентралата „Матка“ веројатно е најголемиот монумент и доказ дека и во овој период постоеле стопанство и економија и дека таму постоеле некои раководители што размислувале прогресивно.
Ова е и период кога по Охридското Езеро сообраќале редовни бродски линии и кога во Скопје се подигнувале градби од типот на Народниот театар, Офицерскиот дом и Ристиќевата палата, чиј луксуз и комфор не сме во можност да го ископираме ниту денес.
Тоа било време во кое се размислувало како да се конзервира препознатливиот вкус на рибата од Охридското Езеро за да се извезува на западните пазари и кога вината на „Тиквеш“ се наоѓале на кралските трпези низ целиот Балкан.
Скопската индустриска зона е изградена во тој период. Ако тогаш сте поминеле на патот од Керамидница накај Маџари, исто како и денес ќе сте се сретнеле со фабриките „Европа“, „Алкалоид“, „Пивара“ и други.

СЕГАШНОСТ НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК
„Сега знам дека ништо не знам“ беше клише заклучокот на авторите откако прочитаа неколку илјади страници од морето информации поврзани со историско-економската проблематика. Очигледно не е случајно што најдобрите студенти на развиениот Запад прво учат четири години историја, па дури потоа се префрлаат на втор факултет по свој избор, како на пример бизнис, менаџмент, економија и слично.
Кај нашиот источен сосед има еден многу добар израз – ИСКУСТВЕНИ НАУКИ, поим што ние, од некои причини, сме го исфрлиле од употреба. Како и да е, економијата дефинитивно е искуствена наука, а во согласност со тоа бизнисмените што ја практикуваат треба да се преполни со тоа искуство за воопшто да успеат во бизнисот како, генерално, најтешка работа во светот.

(Економија и бизнис, пелатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО