МОЈАТА ОПШТИНА

Буџетот на општина Kочани
Движења, трендови, показатели

Мојата општина

Прилогот го подготви: Зоран Јовановски

Во рамки на проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“ предмет на анализа е буџетот на општина Кочани. Завршната сметка за 2020 година сé уште не е усвоена, следствено анализата се однесува на 2019 година. Притоа, користени се јавно достапни податоци и податоци добиени од општината.
Како и кај општините анализирани во претходни броеви, при анализата се користи истата методологија со акцент на неколку групи на индикатори: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација.

Големина на локалната самоуправа
Првата група на индикатори ја сочинуваат индикаторите за големината на локалната самоуправа. Таа се оценува преку обемот на вкупните расходи по жител и преку бројот на вработени во локалната самоуправа по жител, согласно последните расположливи податоци.
Првиот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на вкупните расходи на општината по жител. Според последните расположливи податоци во општина Кочани живеат 37.383 лица. Во 2019 година вкупните расходи на општина Кочани изнесуваа 496,7 милиони денари, или 8,1 милиони евра. Во вкупните расходи се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Ова значи дека во 2019 година вкупните расходи на општина Кочани по жител се 13.287,3 денари или 216,1 евро. Ова е пониско ниво од тоа што е регистрирано кај други анализирани општини (Прилеп, Битола, Тетово).
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. Во случајот на општина Кочани, на крајот од 2019 година во општинската администрација работеле 80 лица. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,0021 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општина Кочани има 2,1 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Втората група на индикатори се однесува на даночната автономија на општината. Тоа е важно да се знае за да може да се оцени колку е финансиски независна локалната самоуправа. За таа цел, кај оваа група индикатори користиме четири индикатори.
Прв индикатор за оценка на даночната автономија на општината е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Во овој контекст, како сопствени приходи на општината се третираат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Или, сопствени приходи се оние приходи што остануваат кога од вкупните приходи во буџетот на општината се одземат трансферите од централната власт.
Во 2019 година сопствените приходи на општина Кочани изнесуваат 154,3 милиони денари или 2,5 милиони евра. Тоа значи дека сопствените приходи на општината учествуваат во нејзините вкупни расходи со 31,1%. Ова покажува дека само околу една третина од вкупните буџетски расходи на општината Кочани се финансираат од сопствените приходи на општината. Тоа значи дека степенот на фискална автономија на општината е релативно низок, односно дека постои значителен т.н вертикален фискален дебаланс.
Втор индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Даночните приходи ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Во 2019 година даночните приходи на општина Кочани изнесуваат 37,5 милиони денари, или 0,6 милиони евра. Оттаму, даночните приходи учествуваат во вкупните расходи на општината со 7,5%.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Иако зборуваме за неданочни приходи тука се вклучуваат и тн. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште. Во 2019 година неданочните приходи на општина Кочани изнесуваат 89,5 милиони денари, или 1,5 милиони евра и учествуваа во вкупните расходи на општината со 18%.
Четврти индикатор за даночната автономија е учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи. Вкупниот износ на трансфери на финансиски средства од други нивоа на власт, всушност од централната власт, којшто општина Кочани го добила во 2019 година изнесува 346,5 милиони денари или 6 милиони евра. Со тоа, фискалните трансфери од други нивоа на власт учествуваат во вкупните расходи на општина Кочани со 69,8%. Ова е истата индикација, само погледнато од друг агол, за нискиот степен на даночна автономија, односно високиот степен на зависност на буџетот на општината Кочани од трансфери на средства од централната власт.

Структура на приходите

Големината и структурата на приходите на секоја општина се важни затоа што таа треба да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни разновидни активности што влегуваат во нејзините надлежности, како што се активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина, итн.
Анализата на структурата на буџетските приходи треба да покаже кои се главните извори на приходи. Тоа е поврзано со оценката за нивната даночна автономија и нивниот фискален капацитет и треба да укаже на финансиската одржливост на општините.
Општина Кочани остварила вкупни приходи од 500,8 милиони денари или 8,1 милиони евра во 2019 година. Структурата на овие приходи е прикажана во графиконот 1. Таа покажува дека убедливо најголемо учество во вкупните приходи на општината имаат трансферите од други нивоа на власт (централната власт) со учество од 69,2%.
Втор најголем извор на приходи во буџетот на општина Кочани се неданочните приходи. Во 2019 година тие изнесуваа 89,5 милиони денари или 1,5 милиони евра, со што учествуваа во вкупните приходи на општината со 17,9%.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на општина Кочани се даночните приходи, кои во 2019 година достигнаа 37,5 милиони денари, или 0,6 милиони евра. Нивното учество во вкупните приходи изнесува 7,5%. Притоа, најголем дел од даночните приходи на општина Кочани отпаѓаат на приходите по основ на данокот на имот. Во 2019 година по основ на данок на имот општината остварила приходи во буџетот од 32,1 милиони денари или 0,5 милиони евра. Приходите по основ на данокот на имот учествуваат во вкупните приходи на општината со 6,4%.
Други извори на приходи на општина Кочани се приходите од продажба на земјиште во износ од 24,8 милиони денари или 0,4 милиони евра и учество во вкупните приходи од 5%, и приходите по основ донации од странство со учество од 0,5%.
Структурата на приходите на општина Кочани е генерално во линија со искуствата на другите досега анализирани општини, со исклучок на општина Битола која има релативно поурамнотежена структура на приходите.

Структура на расходите

Структурата на расходите е важна за оценка на способноста и успешноста на општините во извршувањето на нивните надлежности. За жителите на секоја општина е значајно од општината да добиваат услуги со добар квалитет и на ефикасен начин. Во тој контекст, анализата на расходната страна на општинскиот буџет дава индикација за тоа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот.
Тековните расходи на општината служат за овозможување на тековно функционирање на општината. Во 2019 година општина Кочани остварила тековни расходи во износ од 403,1 милиони денари, или 6,6 милиони евра, со што тие учествувале во вкупните буџетски расходи на општината со високи 81,2%.
Од своја страна, тековните расходи опфаќаат разновидни ставки, но доминантни се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Расходите за плати на општина Кочани во 2019 година изнесувале 279,1 милиони денари или 4,5 милиони евра со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 56,2%.
Втора најголема ставка на расходната страна на буџетот на општина Кочани се расходите за набавка на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Во 2019 година овие расходи изнесуваа 124 милиони денари или 2,0 милиони евра и имаа учество од 25% во вкупните расходи на општинскиот буџет.
Третата ставка по големина во структурата на буџетските расходи на општина Кочани се капиталните расходи. Тука спаѓаат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл.. Капиталните расходи ја претставуваат развојната компонента на буџетот и се индикација за идниот развој на општината, па затоа се најважниот дел од буџетот. Општина Кочани за капитални расходи во 2019 година потрошила 73,7 милиони денари или 1,2 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 14,8%. Иако износот и учеството на капиталните расходи на Кочани треба да се зголеми, тоа сепак е нешто повисоко од некои од другите досега анализирани општини.
Најмалата ставка на расходната страна на буџетот на општина Кочани се т.н. останати расходи. Тие ги вклучуваат отплатите на главнина, трансферите до невладини организации и други трансфери. Во 2019 година т.н. останати расходи изнесуваат 19,9 милиони денари или 0,3 милиони евра и имаат учество од 4% во вкупните буџетски расходи на општината.
Кога ќе се земе во целина, структурата на буџетските расходи генерално ја следи линијата на структурата и на најголем дел од другите анализирани општини.

Задолженост и даночна администрација
Информациите од општина Кочани укажуваат дека општината нема проблем со одржување на својата ликвидност, нејзината сметка досега не е блокирана.
Во однос на даночната администрација, оценката се гради врз основа на неколку показатели. Еден е коефициентот на сопствените приходи по жител како показател на фискалниот капацитет и даночниот напор на општината. Во случајот на општина Кочани вредноста на овој коефициент е 4.127,9 денари и е понизок од некои од досега анализираните општини.
Показател за даночната администрација е и износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Овој индикатор го покажува даночниот напор на општината и ефикасноста во наплатата на даночните приходи. Општина Кочани во 2019 година наплатила 468.320 денари по вработен во општинската администрација.
Друг показател е соодносот на реализирани и планирани даночни приходи. Според податоците за 2019 година, реализираните буџетски приходи на општина Кочани се пониски во однос на планираните за 52 милиони денари, или за 9,4%. Тоа во најголем дел се должи на помалите приливи по основ на трансфери од централната власт за 38,3 милиони денари и по основ на приходи од такси и надоместоци за 5,3 милиони денари. Од друга страна, остварени се повисоки буџетски приходи ид планираните кај наплатата на данокот на имот за 2,9 милиони денари.
Бројот на даночни обврзници за недвижен имот во 2020 година изнесува 12.694 обврзници. Притоа, од станбените единици на кои се плаќа данок на имот 11.105 единици се стан/куќа во кои се живее, а 2.533 единици се стан/куќа во кои не се живее.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

ПРЕПОРАЧАНО