МОЈАТА ОПШТИНА

Илијев: Добар развој е можен само со добар урбанизам

Мојата општина

Интервју со Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Кочани остварува континуиран напредок во своето работење?

Н. Илијев: Највидлив е напредокот на финансиски план. Вративме милионски долгови и бележиме постојан раст на капиталните инвестиции. Во 2018 година реализиравме 53 милиони денари од општинскиот буџет, а лани од планираните 131 милион – 116 милиони и 800 илјади денари. Оперативно-техничките трошоци остануваат на исто ниво и се помали од капиталните инвестиции. За 2021 г. се планирани рекордни 312 милиони денари во основниот буџет, од кои 190 милиони за капитални инвестиции, што значи зголемување на капиталните инвестиции за 65 % во однос на лани. Решаваме децениски проблеми: градиме нова детска градинка, планинарски дом, го реконструиравме Мултикултурниот центар; со изградба на нова коловозна лента и кружни текови на улицата „Тодосија Паунов“ го подобруваме сообраќајот во централното градско подрачје; изградивме 8 км патишта само во руралните делови на Кочани, изградивме и обновивме 40-ина улици во градот; почнуваме со градба на нови станбени објекти за домување на ромски семејства; го реконструиравме плочникот во Трговскиот центар. Претстојат реконструкција на Градскиот парк и изградба на пешачки мост во центарот на градот; реконструкција на 2,3 км од главниот цевковод на водоводната мрежа; рехабилитација и изградба на канализација во населени места. Наша определба е рамномерен локален развој, што значи дека подеднакво инвестираме и во урбаните и во руралните делови на општината.
Изработивме Стратегија за одржлив развој на Кочани. Една од приоритетните задачи која произлезе од неа е развојот на туризмот. Изминативе три години на Пониква инвестиравме над 150 милиони денари. Со поддршка од Владата, за една година е рехабилитиран патот од Пониква до Кочани (21 км). По 40 години го имаме најдоброто патно поврзување до зимски туристички центар во државава. Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и Општина Кочани овозможија реконструкција на ски-лифтовите. Почна да се обновува ловиштето „Полаки“ кое, поради човечката негрижа, беше целосно напуштено и уништено. Шест километри од оградата е реконструирана, се внесува и дивеч, а поставена е и неопходната опрема, што значи дека го враќаме сјајот на нашиот бисер.
На Пониква во тек е реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ со кој се гради планинарски дом со 28 легла, но и 35 км велосипедски патеки на релацијата Кочани – Бавчалук – Брана Гратче – Пониква, што ќе претставува нова туристичка понуда.
Значаен момент за Осоговските Планини е што минатата година, со одлука на Владата, дел од овој планински масив е прогласен за заштитено подрачје, што ќе придонесе за одржлив социоекономски развој и поголема можност за искористување на европските фондови кои посебно финансираат и стимулираат активности во вакви заштитени подрачја. Туризмот овде ќе се заснова на промоција на природните и културните вредности на регионот, а истовремено ќе се води грижа за зачувување на природата.
Веќе бараме извори за финансирање за изградбата на брана на локалитетот Арамиска Чешма на Осоговските Планини, акумулација која ќе го реши водоснабдувањето на туристичката населба и на три села во повисокиот дел на Осоговието, а ќе се користи и во рекреативни цели и за адреналински спортови. Реализираните и претстојните проекти поврзани со туризмот на Пониква ќе донесат придобивки и за државава и за локалниот економски развој.
Туризмот е најбрзорастечката гранка, а Кочани има потенцијал и сметам дека е на добар пат планинскиот туризам да го спои со бањскиот благодарение на геотермалните води што ги поседува, кои сѐ уште се неискористени за оваа цел.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Кочани? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

Н. Илијев: Една од пречките е недостигот од паркинг-простор како проблем на урбаното живеење. Секторот за урбанизам работи да најде соодветна локација за изградба на катна гаража за 150 до 200 возила, колку што во моментот се паркираат на сообраќајниците во централното градско подрачје и прават голем метеж. Во делот на урбанизмот треба да се направат проекти со кои ќе се овозможи развој на малото стопанство, да се испланираат парцели кои ќе бидат соодветни за правење бизнис според потребите на стопанствениците, да не мора да се селат на повеќе локации и да прават додатни трошоци. Исто така потребно е да се работи на подобрување на образовниот процес со што ќе се овозможи бизнис-заедницата да добива работна сила според потребите, а во соработка со училиштата со занимања да се создаваат неопходните кадри за пазарот на трудот.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

Н. Илијев: Добар развој е можен само со добар урбанизам. Со олеснување или префрлање на дел од надлежностите од Министерството за транспорт и врски на локалната самоуправа, поврзани со изработката на деталните урбанистички планови, ќе се забрза развојот на општините. Ние се соочуваме со проблем да не можеме за една година да донесеме еден детален план, а за повеќе да не зборуваме. Општина Кочани навистина има проблем со усогласувањето на деталните планови со Генералниот урбанистички план, што го отежнува решавањето на тековните проблеми.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

Н. Илијев: Да, бидејќи сите одлуки и решенија ќе бидат побрзи и поедноставни, а тоа е еден од предусловите за побрз локален економски развој и позадоволни граѓани.

Дали има нешто што самата Општина Кочани може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, расходи и воопшто своето работење во иднина?

Н. Илијев: Во делот на приходите со кои се полни буџетот на Општина Кочани, главно локалната самоуправа ги исполнува своите законски надлежности и работи според позитивните законски прописи и тука немаме многу простор за надополнување бидејќи данокот на имот како од физичките така и од правните лица се исполнува со над 90 %. Ние настојуваме да ги исполниме нашите законски обврски и она што е обврска на општината да биде сработено – сите приходи да бидат навреме собрани и да направиме буџет што ќе биде по мерка на граѓаните на Кочани. Потребно е зголемување на јавната свест за важноста за плаќање на јавните давачки и паралелно да се работи на измена на законските решенија кои ќе го скратат просторот за избегнување на плаќање на даночните обврски. Најголем патриотизам е плаќањето на даночните обврски.

Каква е комуникацијата на Општина Кочани со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

Н. Илијев: Секогаш работиме на тоа да одржуваме континуирана и коректна комуникација со граѓаните и со сите општествени чинители бидејќи тие се индикатори за состојбите што треба да се подобрат и каде што треба да се реагира. Но, за тоа треба добра волја и соработка од двете, односно од сите засегнати страни. Јавните дебати се посебно важни и затоа е потребно јакнење на јавната свест за што помасовно присуство бидејќи оттаму произлегуваат приоритетните задачи за решавање на проблемите на граѓаните. Имаме и директни средби со невладините организации и со бизнис-секторот од каде што црпиме идеи и решаваме проблеми со кои тие се соочуваат и како граѓани.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Кочани?

Н. Илијев: Собирање на сите давачки, урбанистички планови со планирани објекти за колективно домување кои се директен извор на средства кои се вложуваат во капитални проекти и, секако, на ДУП-ови каде што ќе бидат планирани парцели за развој на стопанството, планирање на капацитети за електрична енергија од обновливи извори. Нашето искуство покажува дека ако сработиме како што треба има голем потенцијал и прилив на средства кои помагаат во побрзо решавање на прашања од јавен интерес од локално значење. Само со зголемување на капиталната страна во буџетот е можно навремено решавање на приоритетите на граѓаните и создавање на подобри услови за живот на сите граѓани во општината, што го потврдивме како принцип во изминативе три години.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА - ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

ПРЕПОРАЧАНО