Бизнис

Предизвиците на македонското претседателство со ЦЕФТА

МАКЕДОНСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЦЕФТА

Златко Ветеровски, царинска управа на РСМ

Регионалната соработка на Западен Балкан е едно од најчесто споменуваните прашања последниве години. Како резултат на ваквите дискусии, земјите од регионот на Западен Балкан денес се многу подобро поврзани преку различни форми на соработка отколку пред десет години. Овој успех никако не треба да се потценува. Споредувајќи ја моменталната состојба со онаа во 2000 година, постигнати се низа резултати во економската интеграција на Западен Балкан.

Како едно од позначајните постигнувања во оваа интеграција несомнено е ЦЕФТА-договорот за слободна трговија (CEFTA – Central European Free Trade Agreement) кој денес ја дефинира единствената слободна трговска зона во Југоисточна Европа, иако името на договорот го опишува договорот на земјите од Средна Европа. ЦЕФТА претставува договор за слободна трговија меѓу Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Молдавија, Србија, Косово и Црна Гора.

ЦЕФТА била основана од земјите од Вишеградската група, Полска, Чехословачка и Унгарија во 1992 година. Подоцна членки станале Словенија (1996), Романија (1997), Бугарија (1998), Хрватска (2002) и Република Северна Македонија (2006).
Оригинално ЦЕФТА бил замислен како предворје на регионалната економска интеграција за влез во Европската Унија. Историски гледано сите земји од оригиналниот ЦЕФТА-договор, со исклучок на Република Северна Македонија, влегле во Европската Унија и со тоа ја напуштиле ЦЕФТА. Поради тоа било одлучено договорот да се прошири за да ги покрие и останатите балкански држави кои веќе имале создадено матрица на билатерални договори за слободна трговија во рамките на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа.

На Самитот на премиерите на Југоисточна Европа, во април 2006 година, била усвоена Декларацијата за проширување на ЦЕФТА што ги опфатила Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Србија, Црна Гора и Косово. Новиот договор ЦЕФТА, т.н. ЦЕФТА-2006 стапил во сила на 1 мај 2007 година.

Во периодот по 2006 година, ЦЕФТА-договорот е дополнително менуван уште неколку пати преку усвојување на шест дополнителни протоколи со цел проширување на опфатот на договорот. ЦЕФТА сега не претставува само договор за либерализација на трговијата со стоки. Либерализацијата на трговијата со услуги и олеснувањето на трговијата сега се високи приоритети на агендата на ЦЕФТА.

Во однос на слободата на движењето на стоки, во земјите на ЦЕФТА е постигнато 100 % укинување на царинските давачки, односно увозот на стоки од кој било вид во ЦЕФТА-земјата не подлежи на плаќање на царина. Во економска смисла, ЦЕФТА-регионот претставува потполна зона на слободна трговија. Република Северна Македонија во 2020 година 10 % од надворешно-трговската размена ја остварува со земјите членки на ЦЕФТА. И покрај целосниот степен на либерализација на трговијата со стоки, обемот на интра-ЦЕФТА трговијата во последниве 5 години расте со помала стапка во однос на порастот на надворешно-трговската размена на земјите членки на ЦЕФТА со ЕУ. Овој факт емпириски покажува дека се потребни сериозни подобрувања во напорите за зголемување на растот на трговската размена и поголема регионална интеграција, пред сè, преку елиминирање на нецаринските бариери и поголема посветеност на олеснувањето на трговијата, либерализацијата на услугите и слободата на движење на работници. Сите овие активности се одобрени и се потврдени во дополнителните протоколи 5 и 6 за дополнување на ЦЕФТА-договорот.

Раководењето и управувањето со ЦЕФТА-договорот, по примерот на Европската Унија, исто така е предвидено со ротирачко претседателство. Во 2021 година, претседавањето со ЦЕФТА ќе биде од Република Северна Македонија. Приоритети на македонското претседателство се: слободно движење на стоките, либерализација на трговијата со услуги, отстранување на бариерите за трговијата со стоки и услуги, склучување на дополнителен протокол кон ЦЕФТА-договорот за воспоставување на механизам за решавање на спорови и понатамошен институционален развој на ЦЕФТА. Дел од активностите поврзани со овие приоритети се меѓусебно признавање на одобренијата за овластен економски оператор во сите земји членки на ЦЕФТА, меѓусебно признавање на сертификатите и потврдите за квалитетот на стоките, заеднички профили за анализа на ризик заради олеснување на трговијата со повисок степен на контрола, меѓусебно признавање на професионалните квалификации, како и развој и промовирање на прекуграничната е-трговија. Овие активности треба да придонесат за што поголема вклученост и на малите и средни претпријатија во регионалниот зеднички пазар промовиран со Берлинскиот процес за Западен Балкан.
Клучните предизвици на македонското претседателство, исто така, се поврзани со мерките за интегрираното управување со границите и воспоставување на заеднички гранични премини заради побрзо движење на стоките преку граница, заедничка акција против еколошките предизвици што, исто така, покажуваат регионална димензија. Нашето претседателство е потврда за огромните постигнати резултати на Владата на Република Северна Македонија во подобрувањето и негувањето на регионалната соработка, во соочувањето со тешкото минато на ЦЕФТА-земјите и заплетканите прашања на меѓусебна недоверба. Нашите приоритети се во насока на обезбедување на европска иднина кон која се стремат сите членки на ЦЕФТА.

Заради исполнување на овие приоритети, Владата и сите министерства и институции, пред сè Министерството за економија, Царинската управа, Агенцијата за храна и ветерина и другите гранични агенции, ќе имаат интензивна соработка со Секретаријатот на ЦЕФТА, Транспортната заедница, Европската комисија и Регионалниот совет за економска соработка. И покрај тоа што се чини дека процесот на интеграција во ЕУ е опфатен со контроверзии за „апсорпцијата“ или „интегративниот капацитет“ на ЕУ, а да не зборуваме за „заморот од проширување во ЕУ“ – потребата од зајакнување на регионалната економска интеграција на земјите од Западен Балкан претставува неповратен процес. ЦЕФТА-договорот и неговото понатамошно проширување и спроведување треба да обезбеди доволно ниво на соработка и меѓусебна зависност во регионот на Западен Балкан за да се гарантираат нормални соседски односи и добро однесување на овие земји во иднина како практично искуство пред зачленувањето во Европската Унија.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО