Бизнис

Самарџиоски: Ако има изместување на одредени очекувања, тогаш сигурно дека годината ќе биде неизвесна до крај во секој поглед

Што очекуваат од 2021 година?

Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска пиварница:

Прво и единствено е што можам да кажам дека ќе биде најнеизвесна и најпредизвикувачка година од осамостојувањето на државава, па досега. Има многу непознати во равенката и тешко е да се каже кој ќе биде резултатот. По она што го кажуваат меѓународните институции и НБРМ, дека се очекува пораст наредна година од 4 % годишно во однос на 2020 година, би значело дека треба да се очекува некое закрепнување, т. е. да се вратиме на состојбата пред ковид кризата. И сето тоа доколку во првиот квартал се реализира вакцинирањето на населението и се спречи понатамошното ширење на вирусот. Но, и тука има многу непознати (кога ќе пристигне вакцината, колкав број ќе пристигне, кој ќе ја прими прв, колку луѓе ќе бидат изложени на вакцина, што со тоа ако има голем број кои нема да сакаат да ја примат и сл.) така што затоа сум малку резервиран за прогнозите.
Во нашава индустрија очекуваме првиот квартал да биде сè уште тежок квартал и нема да бележи позитивни бројки на пораст, па затоа кога ќе го споредиме со претходниот прв квартал (2020) ќе имаме пад затоа што лани кварталот беше многу појак зашто немавме ковид ситуација до март месец. Првите знаци на закрепнување ги очекуваме во април и мај и понатаму во континуитет. Годината ја естимираме да биде на нивото од 2019 година затоа што третиот и четвртиот квартал би требало да бидат подобри. Предизвик ќе бидат угостителскиот сектор и туризмот затоа што многу компании (најчесто малите) прашање е дали ќе го преживеат овој зимски период, така што можно е да има прегрупирање, т. е. преземање на едни од страна на други, како и очекувани 15 до 20 % да ги затворат своите бизниси засекогаш. Кај ретаил пазарот се очекува зголемување на модерната трговија (синџири на маркети), а намалување на ТТ-објектите (традишнл траде. Е-трговијата ќе продолжи и понатаму да расте со голема стапка на раст и по ковид кризата затоа што луѓето во време на пандемија се научија да ги користат придобивките од пазарење онлајн и тој сегмент ќе продолжи да расте. Ние како Прилепска пиварница ги усвоивме буџетите за наредна година и со одредено реструктурирање (оптимизација на трошоците) и одредени новитети на пазарот, сметаме дека ќе успееме годината да ја завршиме со добар резултат кој ќе биде задоволителен и за вработените на компанијата и за акционерите. Но, сето ова доколку работите во првиот квартал се случуваат онака како што ги предвидуваме. Ако има изместување на одредени очекувања, тогаш сигурно дека годината ќе биде неизвесна до крај во секој поглед.

ПРЕПОРАЧАНО