Бизнис

Гечев: Моделот на зголемена потрошувачка како излез од кризата треба да биде заменет со модел на зголемени инвестиции и извоз

Што очекуваат од 2021 година?

Александар Гечев, сопственик и раководител на Алпос Металургија од Шентјур, Словенија:

Нашите очекувања за 2021 година се оптимистички, од здравствен и од економски аспект. Антикризните пакети во големите европски економии почнуваат да даваат резултати и како компанија директно ги чувствуваме нивните ефекти преку зголемена побарувачка за нашите производи. Со новото политичко раководство во САД очекуваме олабавување на протекционистичките мерки и крај на трговските војни што, исто така, е многу битно за нашиот бизнис.
На домашен терен сметаме дека во 2021 година моделот на зголемена потрошувачка како излез од кризата треба да биде заменет со модел на зголемени инвестиции и извоз (поради малото учество на домашното производство во домашната потрошувачка).
Сепак, за пофалба се плановите на Владата за приватизација на јавни претпријатија и други нерентабилни сектори од економијата, за зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и за учество во големи регионални енергетски проекти. Овие 3 теми ги сметаме за светли точки на домашната економска политика и се надевам дека во 2021 година Владата истрајно и упорно ќе пристапи кон нивна реализација.
Во услови на зголемен буџетски дефицит, Владата треба да одолее на потребата за зголемување на даноците без соодветна теоретска анализа: на кој спектар од Лаферовата крива се наоѓаме со оглед на сегашното ниво на сива економија и даночна евазија, дали зголемувањето на даноците навистина би резултирало со зголемени даночни приходи или би било контрапродуктивно намалувајќи ја конкурентноста и атрактивноста на државава како инвестициска дестинација.

ПРЕПОРАЧАНО