Бизнис

Булдиоски: Време е да си ги потсредиме е-продавниците

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk decal.mk

Доволно е еден конкурент да има подобро оптимизирана продавница од вас за да ви ги собере најголем дел од потенцијалните купувачи. Затоа додека не е доцна потрошете време да ја оптимизирате вашата е-продавница

 

Продолжуваме со серијата текстови во кои целиот фокус паѓа на е-продавниците и е-трговијата. Едноставно е, епидемијата беше главен фактор да го дочекаме моментот кога нема да има оправдание за еден бизнис да не ги понуди своите производи и услуги на интернет.
Се разбира преокупирани и презафатени сме со овие теми и деловно, но искрен да бидам добар дел од искуствата ги стекнувам и преку пребарувањата и решавањата на своите приватни потреби.
Човек може по којзнае кој пат само да им честита на Google, за тоа колку добро успеаваат да го мапираат интернетот и брзо и ефикасно да не опслужат со релевантни информации. Па дури и кога станува збор за ултра локално пребарување во некој домен во кој не да нема конкуренција туку вистинско воодушевување е кога ќе сфати човек дека има нешто на таа тема онлајн. На македонски. Па уште и може нарачка да се направи. Браво Google, браво... не, не браво македонски е-продавници. Не. Само браво Google затоа што успева со толку малку и недоволно прецизни информации поставени на самите е-продавници да разбере што пребарувате и што сакате да најдете. А најголемиот дел од локалните продавници, помалку злобно, но, посакувам побрзо да дојде денот кога ќе имате малку посериозна конкуренција па нема да се најдете на првата страница на резултатите од пребарувањата.
Посетителите кои доаѓаат од пребарувачите се оние кои најчесто и „конвертираат”. Односно, процентуално гледано, тие се оние кои во споредба со другите највеќе трошат пари во вашата е-продавница а притоа вас ве чини на долг рок најмалку. Во продолжение, токму заради важноста на оптимизацијата за пребарувачи или попознато како SEO, особено кај е-продавниците, ќе ги разгледаме основните елементи на кои треба да внимавате во вашата е-продавница.

1 Истражување на клучни зборови и фрази
Веќе еднаш пред скоро цела година пишував колку е важно да се обидеме да ја откриеме намерата која ја имаат корисниците на интернет кога пребаруваат. А токму намерата се открива преку зборовите со кои пребаруваат корисниците. Затоа добро истражување на начинот на кои пребаруваат самите корисници локално е клуч. Не се разликуваме нешто премногу од останатите интернет корисници, да бидеме искрени, но фактот што конкуренцијата уште е мала ни дозволува кога пребаруваме, да внесуваме доста општи термини. Но, не е во сите сегменти така, има бизнис сектори каде доволно е да има само еден конкурент и ако е над вас во резултатите да ги земе најголем дел од кликовите и да реализира многу повеќе продажби од вас. Верувајте ми, го имам посведочено ова уште пред некоја година, тука на нашиот пазар.
Значи, да повториме, намерата на корисникот всушност ни кажува во која фаза од купувањето е. Што поконкретно пребаруваат тоа значи дека се поблиску до одлуката и точно знаат што сакаат. За жал нема премногу алатки кои ќе ви дадат бројки за локалниот пазар на пребарувања, ама тоа е. Останува да се потпреме на оние кои ни ги дава Google и да бидеме упорни со истражувањето.
Погледнете кои клучни зборови ги користи вашата конкуренција, погледнете како на другите пазари се оптимизираат вашите сродни е-продавници, користете алатки како ahrefs, semrush и сл. Направете проценка колку е лесно или тешко да се појави вашиот сајт на првата страна на Google за одредени клучни зборови и почнете да работите, континуирано.

2 Направете ја структурата да биде едноставна ама подобна за развој
Не треба да постои страница до која за да се отвори се потребни повеќе од три клика. Менито, и неговата структура треба да даваат јасна и брза слика за се што може да се најде во продавницата. Не заборавајте, ако некоја категорија е поврзана во менито нејзината релевантност во очите на „ранкинг” факторите на Google се зголемува. Градење на добра навигација знае да потрае, да бара малку повеќе размислување, но како и кај голем број други сегменти, пребарувањето клучни збороови може многу да помогне.
Истакнувањето на некои брендови, некои типови на производи и сл. може да го направите само ако приметите дека посетителите често ги пребаруваат и ги кликаат кога веќе еднаш се на вашата е-продавница. Секако дека структурата и навигацијата не се фиксни, но гледајте да не менувате премногу.

3 Име на производ и опис
Всушност овој дел и ме мотивираше да го напишам овој текст. Често, пречесто кај локалните е-продавници гледаме производи кои имаат кратки, недескриптивни и понекогаш комплетно нелогични имиња. Дали на пример знаете што е визитарка? Дали некогаш би пребарувале визитарка ако воопшто не ни знаете дека постои тој збор? Нормално дека не. Но, визитарка е името кое продавачите на оние мали новчаници за чување визит карти го користат на своите вебсајтови. Притоа никаде нема дополнителен опис, никаде не се спомнува клучниот збор визит карта за некој да може да го најде ако пребарува.
Токму тука може да се направи вистинската разлика. Има две крајност, едната е онаа каде името на производот е истото со името под кое е заведено во софтверот за магациснко работење, заедно со шифрата. Другата крајност е онаа што ја гледаме на Ali Express или Амазон, 3-4 реда долги имиња на производи со наредени (најверојанто) сите клучни зборови по кои може да се пребарува соодветниот производ. Ако треба да бирам, јас би ја одбрал втората крајност, но секако најдобриот пристап е некаде во средина. Производите да имаат долго описно име кое ќе вклучува клучни зборови релевантни за самиот производ.
Исто е и за описот. Често немаме време да се помачиме да напишеме по некоја реченица за секој производ одделно, па ги оставаме така ризикувајќи не само да не дојдат посетителите туку и кога ќе дојдат брзо да си заминат.
И повторно ќе го спомнам Амазон, во една ситуација клиент ни велеше дека нема баш што да се пишува за производите во опис. Дека е само 2-3 бројки техничка спецификација и толку. Се обративме кај пријателите од Амазон, да видиме тие производи каков опис имаат кај нив. Нормално, не само што имаа опис, туку имаа солидна должина на текст кој можеби нема да го читаат сите, ама тој е тука, и служи да помогне во носење посети, служи да помогне во носење одлуки. Тој едноставно треба да биде тука.

4 Фотографија и видео
Листата на работи кои се основни за да почнете со оптимизација на вашата е-продавница може да е навистина долга, но јас ќе ја завршам во овој текст со важноста на добрата фотографија и секако потребата од видео. Една фотографија никогаш не е доволна. Што повеќе, тоа подобро. Што побрзо се отвораат, тоа подобро. Што подобро го опишуваат и претставуваат производот, тоа подобро. Името на самата слика, „alt” описот на истата и текстот кој ја опкружува тоа е оној текст од точката погоре, играат клучна улога дали таа слика ќе си ја заврши работата. Не заборавајте, од неодамна Google го смени начинот на кој ги прикажува резултатите од пребарување на фотографии. Сега клик на сликата те носи на страницата на која е таа објавена. Значи посета повеќе, и можност за купуваш повеќе. Исто како и со описот, бара малку истражување, учење од другите, од конкуренцијата и секако си бара работа. Резултатите брзо ќе станат видливи, ве уверувам од лично искуство.
За потребата од видео мислам дека нема потреба премногу да се зборува. Денес не е ни толку тешко да направите едно мини студио (бела позадина) и со мобилен телефон да снимите кратко видео со вашиот производ. Да го фатите во раце, да покажете како функционира, како се употребува и кои му се основните карактеристики. На овој начин ќе влеете поголема доверба кај потенцијалниот купувач и секако ќе помогнете полесно да се надмине потребата од физички допир на самиот производ пред да се донесе главната одлука, да се купи!
Како што веќе напоменав, совети и препораки за оптимизација на е-продавници има многу, цели книги има на темава. Сега за сега конкурентноста на нашиот пазар е ниска, и тоа не става во позиција да не мора да се грижиме за премногу детали, ама за овие основните едноставно мора. Мора да направиме добра структура и да напишеме добро име и опис на производот. Пак ќе повторам, има разлика!

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО