Бизнис

Љушев: Наша цел, а воедно и одговорност, е да бидеме стратешки партнер за целосна дигитална трансформација на општеството

Што очекуваат од 2021 година?

Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком:

Годината што помина, и покрај тоа што нè соочи со огромни предизвици, сепак нè научи на една важна лекција. Како никогаш претходно и во таков обем, здравствената криза ги разоткри бројните напластени структурни слабости во нашава земја и неопходноста час поскоро да се зафатиме сериозно со широка дигитална трансформација на општеството. Одеднаш дигиталната трансформација стана највисок општествен приоритет и неопходност за да продолжиме да функционираме понатаму.
Нашиот фокус во моментов е интензивно збогатување на продуктното портфолио со услуги кои ќе овозможат дигитализација на јавниoт сектор и подобрување на продуктивноста на комерцијалните субјекти. Услугите за електронска идентификација, богата лепеза на услуги од доверба како електронски потпис, организациски печат, временски жиг и сл., ќе бидат предуслов за да можеме да направиме квантен скок и да го замениме традиционалното работење базирано на хартиени документи во модерно и автоматизирано работење со помош на дигитални алатки. Целта е да се обезбеди извонредно корисничко искуство преку дигитални канали, без неопходност за физичко присуство пред шалтерите на администрацијата, банките и другите институции, како и поедноставување и автоматизација на интерните процеси во компаниите.
Во годината што измина започнавме неколку значајни проекти за паметни градови, а во моментов се наоѓаме пред потпишување на голем проект за паметен град на територијата на град Скопје. Целта на ваквите проекти се подобрување на ефикасноста преку заштеди во потрошувачката на електрична енергија, користење на технологијата за испорачување на јавни услуги со подобар квалитет и за надминување на еколошките предизвици со кои се соочуваме.
Наша цел, а воедно и одговорност, е да бидеме стратешки партнер за целосна дигитална трансформација на општеството. Тоа го работиме одговорно и со максимална посветеност, наполно свесни дека ќе треба подолг период на вложувања и напорна работа за да се испорача вредност за сите чинители во општеството.

ПРЕПОРАЧАНО