Lifestyle

Удобен пат низ вселената, господине Карден

Лидија Георгиева

дизајнер, редовен професор

"Поседувам 100 проценти од сè, јас сум самоодржлив. Можам да пијам мое вино, да одам во мојот театар, да јадам во моите ресторани, да спијам во моите хотели, да се облекувам, да носам сопствен парфем ...".

Пјер Карден, дизајнер, визионер и пионер во областа на лиценци, со оваа храбра и денес ретка стратегија, ги постави основите на комерцијалниот аспект на современиот моден бизнис. Тој почина вчера во Франција, на 98 години.

Минатиот век со секоја своја декада паметеше по еден генерациски револуционерен бран, а модата тоа го следеше од близу и рака под рака. Денес, живееме во време кога идеолошките револуции полека си заминуваат, а ни остана само технолошката. Единствените борци, активисти денес се оние за зелена планета, се друго е помалку или повеќе налево – надесно.

За брендот Пјер Карден е врзана модната револуција во ера на вселенското освојување. Тој беше футурист, креатор, бизнисмен, дизајнер – но пред се вљубеник во својата слобода и независност. Уште на самите почетоци на вселенската ера, тој дизајнираше вселенски костуми за мажи и жени. Па така, во 1969 година, НАСА му наложи да дизајнира интерпретација на вселенски костум, што ќе продолжи како инспирација и во неговата подоцнежна работа.

"Фустаните што ги претпочитам “рече тогаш", се оние што ги креирам за живот кој сè уште не постои“.

Неговите дизајни значеа иновативни геометриски силуети и форми, честопати изведувани во за тоа време експериментални материјали (сребрена фолија, хартија, винил...).

Се сеќавам живеев и работев во Париз, кога тој изјави дека подобро ќе продава кикирики под брендот Карден, одколку да ја продаде својата компанија. Оваа желба и љубов кон независноста длабоко ме заинтригира и имаше големо влијание врз моето работење, пристап кон колекциите но и контактите со потенцијалните инвеститори.

"Не престанувам, тоа ми е потребно, исто како сликар или писател. Ми треба да се изразам. Модата е мојата причина да постојам".

Тој не сакаше да биде само дизајнер и ни од далеку не беше само дизајнер.

Ви посакувам удобен пат низ вселената, господине Карден.

ПРЕПОРАЧАНО