Бизнис

Петровска-Русомароски: Првата генерација на проектот 20-20-20 денес ни се колеги кои успешно ги извршуваат работните задачи

Анета Петровска-Русомароски

проект-менаџер на Проектот 20-20-20, раководител на Одделот Човечки ресурси и организација во ЕВН Македонија

Учењето преку работа претставува ефикасен начин за зголемена вработливост на учениците по завршување на стручното образование и обука преку здобивање вештини и знаење кои се бараат на пазарот на труд, додека работодавачот обезбедува база на соодветни кандидати на одржлив начин и квалитетен кадар чија продуктивност ја надминува продуктивноста на кандидатите од традиционалните образовни програми.

Нашето искуство со проектот 20-20-20 нè увери во предностите на одржлива инвестиција во општествено одговорни проекти и образовниот систем кои даваат резултати на среден и долг рок. Со досегашна инвестиција од над 250 000 евра и над 10 000 работни часови на вработените вклучени во проектот, ЕВН Македонија дава значаен придонес и поддршка на тековните реформски процеси во стручното образование и обука во земјава.

Зголемување на интересот за стручно образование
Од самиот почеток проектот 20-20-20 водеше кон зголемен интерес за профилот за кој претходно немаше никаков интерес. Уште првата година бројот на запишани ученици се зголеми во однос на запишаните ученици претходно во 3-годишното образование. Паралелно на интересот се работеше и на промовирање на еднаквоста, се зголеми инклузивноста и се разбија различните стереотипи во однос на стручното образование. До денес има запишано околу 170 ученици од различни националности, социјален статус, како и првите ученички кои го изучуваат овој профил.

Јасна комуникација и координација
Редовната координација и соработка на компаниите со сите актери во образовниот систем, како и поддршката од топ менаџментот и синдикалните организации на ниво на ЕВН и Енергетика е еден од предусловите за успешни приказни во стручното образование и обука. За нас се работеше за процес на промена во компанијата и формализирање на соработката со Министерството за образование и наука, училиштата, учениците и другите компании кои подоцна се вклучија во проектот. Тоа ни овозможи јасна поделеност на улогите и на одговорноста, поефикасно користење на ресурсите и корисна размена на искуства и знаење меѓу образовниот и приватниот сектор.

Подготовка и имплементација
Подготовките за проектот траеја 2 години и се одвиваа во повеќе фази. Најнапред започнавме со анализа и планирање на потреба од персонал во следните 20 години. Јазот меѓу понудата и побарувачката, фактот дека електромонтерите претставуваат над 40 % од бројот на вработени во нашата компанија од кои повеќето треба да се пензионираат во следната деценија, како и огромното искуство на ЕВН Австрија во имплементацијата на дуално образование водеа кон одлуката за наше поактивно учество во тековните реформи. Направивме анализа на националната регулатива и ги применивме добрите практики адаптирани на потребите на пазарот на труд за подготовка на нова програма. Се формираше стручен тим, се реализираа обуки за сертифицирање на ментори (на над 50 наши колешки и колеги) и верификација на компанијата за практична обука преку Стопанската комора на Македонија, како и промовирање на новиот профил. Нашиот тим подготови нов Наставен план и програма со Центарот за стручно образование и училиштето „Михајло Пупин“ и обезбеди одобрение од Министерството за образование и наука за започнување на реализација на програмата, опремивме нови училници во училиштата во Скопје и во Гостивар, дониравме алат и заштитна опрема во училиштата, изградивме тренинг центар, организиравме обуки и работилници за професорите кои реализираат стручни предмети и практична настава и дониравме таблет за секој ученик и професор и обезбедивме паричен надоместок за учениците. Од минатата година наставната програма се спроведува и на албански јазик во училиштето во Гостивар.

Меѓународен успех
Во рамките на Европската недела на стручното образование и обука организирана од Европската комисија, ЕВН Македонија доби и меѓународно признание: во конкуренција на проекти на големи компании од земјите на Европската Унија и кандидати земји влезе во финалниот избор од 2 компании во натпреварот VET Excellence Awards.

Препораки за иднина
Како пионери во државава во имплементација на дуалното образование, се разбира, се соочивме со различни предизвици кои беа тековно надминувани во соработка со релевантни институции. Сега, по неколку години, свесноста и активностите на сите засегнати страни во системот се на значително повисоко ниво и базирани на нашето искуство и пракса која ја следат останатите училишта и компании. Важно е компаниите соодветно да се подготвени. Стопанската комора на Македонија во иднина како доверлив и стручен партнер ќе игра клучна улога во давањето поддршка на компаниите при имплементацијата на учењето преку работа.

(Ставови од Стопанската комора на Македонија)
(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО