Бизнис

Електронската трговија од аспект на македонскиот потрошувач

Емилија Ѓорѓиоска

Aвторот е доктор по правни науки

Интернет-револуцијата доживува своја експанзија и во доменот на трговијата. Наместо традиционалната трговија, сѐ поголем број компании своите стоки и услуги ги нудат, а сѐ повеќе потрошувачи се одлучуваат да ги набават потребните стоки и услуги преку интернет. Електронската трговија е ‘трговска активност која се врши со помош на електронска технологија и примарно се состои од дистрибуција, купување, продавање, маркетинг и сервисирање на производи и услуги преку електронски системи како на пример интернет или други компјутерски мрежи’.

Електронската трговија изврши своевидна револуција во глобалниот начин на тргување и секако во потрошувачките навики. Тоа неминовно ја отвори и потребата за создавање правна рамка во која ќе биде регулиран режимот на деловните трансакции – правната рамка на електронската трговија. Токму поради ова во јуни 1996 година Комисијата на ОН за меѓународно трговско право (UNCITRAL) го донесе Модел-законот за електронска трговија заедно со Водич за примена на овој Модел-закон од 1999 година. Во ЕУ најважни правни акти со кои се регулира електронската трговија се: Директивата за електронската трговија 2000/13 и Директивата за заштита на потрошувачите при продавање во далечина 1997/7. Директивите, како нормативни акти со кои се врши хармонизација на правото на земјите членки, имаат цел да ја стимулираат електронската трговија во ЕУ, но и да обезбедат предвидливост и правна сигурност при електронското тргување во единствениот европски пазар. Во Република Македонија Законот за електронската трговија беше објавен во Службен весник на 2.11.2007 година, а стапи во сила на 10.11.2007 година. Со овој закон за прв пат беше уредена електронската трговија во согласност со меѓународните (Модел-законот на УНЦИТРАЛ [UNCITRAL]) и европските (Директивата за електронската трговија 2000/13) стандарди за електронската трговија. Голем напредок во регулирање на правата и обврските на трговците и потрошувачите при склучување на договорите на далечина, а со тоа и во одвивањето на електронската трговија е направен со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите објавен во Службен весник број 97/2015 година. Во согласност со Законот, договорот на далечина е дефиниран како ‘договор склучен меѓу трговецот и потрошувачот во рамките на организирана шема за продажба или давање услуги на далечина без физичко и истовремено присуство на трговецот и потрошувачот, преку исклучителна употреба на едно или повеќе средства за комуникација на далечина до склучувањето на договорот, вклучувајќи го и моментот на склучување на договорот’. Во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, пред потрошувачите да се обврзат со договор на далечина или да ја прифатат понудата, трговците се должни на потрошувачите да им обезбедат низа информации поврзани со субјектот на трговецот, за стоките или услугите кои ги нудат, правото на повлекување и други информации.


Во Македонија според податоците за 2019 година (01.01-30.09), направени се:

6.7 милиони е-трансакции

169 милиони евра е вредноста на е-трансакциите

1020 интернет продавници имало во тој период


Електронската трговија, купопродажбата на далечина со користење на интернетот, стануваат сѐ поактуелени и во нашава држава. Според податоците на Еуростат и Државниот завод за статистика што ги престави Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија (АЕТМ) во својата анализа за состојбата со е-трговијата во земјава, во онлајн трговијата доминираат физичките лица. Во вкупните трансакции во 2017 година направени преку електронска трговија најмногу учествуваат физичките лица со дури 79 % од вкупните трансакции. На ниво на цела година, во 2017 година македонските граѓани во странство оствариле 70 % од вредноста на онлајн трансакциите и потрошиле околу 73 милиони евра за купување производи и услуги онлајн. Во првото тромесечие од 2018 година, 67,6 % од лицата кои купуваат онлајн имаат една до две нарачки преку интернет за приватна намена, а само 3,9 % од нив нарачките ги направиле повеќе од 10 пати. Од онлајн нарачките, 59,8 % се со вредност до 50 евра, а само 1,1 % од направените онлајн купувања се со проценета вредност над 500 евра. Исто така, најмногу 54,9 % од производите, односно услугите нарачани преку интернет се однесуваат на облека и спортска опрема, 16,9 % на електронска опрема, 6,6 % книги, списанија, весници, е-книги, 5,2 % хотелски и други сместувања за одмор и 4,0 % билети за настани (кино, театар и др.). Тоа покажува дека просечниот македонски потрошувач по пат на електронска трговија најчесто набавува облека и спортска опрема (еднаш или двапати годишно) при што најголемиот дел од нарачките се со вредност до 50 евра. 


Во секој случај, трендот за купување од дома е во пораст во последниве 10 години. Ако во 2006 година околу 2 % од населението нарачале или купиле производ или услуга преку интернет, во 2018 година оваа бројка изнесува над 30 %. Во Македонија според податоците за 2019 година (1.1.2019–30.9.2019) направени се над 6,7 милиони е-трансакции, има околу 1 020 интернет-продавници и вредноста на е-трансакциите изнесува над 169 милиони евра. За очекување е дека мерките за заштита од корона вирусот ковид-19 во 2020 година ќе придонесат за зголемување на бројот на онлајн трансакциите како на светско ниво, така и во нашава држава.

Со цел поголема примена на електронската трговија, следење на светските трендови и придобивки, потребна е едукација и зголемување на капацитетите за електронска трговија преку разни промотивни кампањи, едукативни настани, семинари и слични настани наменети како за бизнис-заедницата, така и за потрошувачите

Често потрошувачите поради недоволна контрола во оваа сфера и недоволната едуцираност набавуваат стоки и услуги од лица кои не се регистрирани за вршење на каков било вид на дејност или физички лица кои не ги прават јавно достапни потребните информации, а нудат стоки или услуги електронски преку социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм, веб-страници за огласување итн.). На овој начин, при каква било повреда на правата, потрошувачите остануваат целосно незаштитени бидејќи немаат информации за трговецот за кој би ги оствариле своите права по пат на судска или административна постапка. Организацијата на потрошувачите, чија цел е обезбедување совети, информации и едукација на потрошувачите за остварување на нивните права, има подготвено брошури: „Права на потрошувачите при купување на далечина“ и „Топ 10 начини како да бидете безбедни онлајн како потрошувач“. Целта на овие брошури е едуцирање на потрошувачите и превенција или намалување на бројот на незадоволни или оштетени потрошувачи, чиј број се очекува да биде во пораст додека траат мерките за заштита од корона вирусот.

И покрај добро поставената правна рамка за регулирање на електронската трговија и нејзината усогласеност со меѓународните стандарди за електронската трговија може да се каже дека изостанува или е многу слаба контролата во оваа сфера. Така Државниот пазарен инспекторат кој е надлежен орган да врши надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за eлектронска трговија и Законот за заштита на потрошувачите во однос на информирањето, комерцијалната комуникација и склучувањето договори по електронски пат, според последно објавените податоци во 2018 година, извршил само 3 инспекциски надзори во согласност со Законот за електронска трговија. Во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, Државниот пазарен инспекторат извршил 3 428 инспекциски надзори, но тука не е издвоен бројот на надзори извршени во однос на спроведувањето на законските одредби за договорите на далечина, кои верувам дека не учествуваат со некоја сигнификантна бројка. Сепак, за извлекување на правилен заклучок нужно е подобрување и во евиденцијата на основите по кои се вршени инспекциските надзори.

Со цел поголема примена на електронската трговија, следење на светските трендови и придобивки, потребна е едукација и зголемување на капацитетите за електронска трговија преку разни промотивни кампањи, едукативни настани, семинари и слични настани наменети како за бизнис-заедницата, така и за потрошувачите. Паралелно со тоа, потребно е и засилување и почесто користење на државните механизми за контрола на овој начин на трговија, а сѐ со цел зголемување на сигурноста и заштитата на правата на потрошувачите кои остануваат најчесто незаштитетни или измамени како најслаба алка во синџирот на трговија.

(Економија и бизнис. печатено издание, јуни 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО