Lifestyle
ДРУГAТА СТРАНA НА НАДЕЖТА
Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник
Другaта странa на надежта (2017) е последниот филм на култниот фински режисер Аки Каурисмаки, една од највпечатливите авторски појави во поновата филмска историја. Премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал каде што ја доби Сребрената мечка за најдобра режија.

Пред повеќе од десет години имав несекојдневно задоволство да го запознаам еден од моите омилени режисери. Тоа не се случи за време на неговата средба со публиката која се одржа во Кинотеката на Болоња каде што на нашиот шизик му беше дозволено да пие и да пуши и покрај тоа што во една културна установа од тој тип тоа е незамисливо. Средбата се случи потоа и сосема спонтано, во локалната маалска биртија каде што со пријателите заглавувавме по проекциите, дискутиравме за филмовите, пиевме ѕидарско пиво, „млатевме празна слама“ и квалитетно трошевме време. Сам си го нашол местото. Препознавање, афинитети и чувство на припадност.
Во неговиот претходен филм Ле Авр (Le Havre, 2011), Аки Каурисмаки нѐ остави на пристаниште во Нормандија, а сега на почетокот на неговиот нов филм тој нè носи на друго пристаниште, овојпат во неговиот Хелсинки – град кој е крстопат на луѓе, на стоки, на култури и на егзистенции на работ. Надоврзувањето на претходниот филм истовремено претставува и тематско продлабочување на она што самиот автор го најави како „трилогија на бегалците“.
Во Другата страна на надежта се вкрстуваат две приказни, две залутани души, две различни самотии. Викстром е трговец на прагот на пензија кој одлучува радикално да го промени својот монотон живот. Ја напушта сопругата, го распрoдава дуќанот и по една успешна партија покер решава да отвори ресторан во предградието на Хелсинки. Заработувачката му е помалку важна. Во исто време Калед, млад сириски бегалец од Алепо, пристигнува илегално со товарен брод (антологиска е сцената во која изникнува од јагленот) и во очекување на политички азил ги поминува деновите во прифатен центар. Откако наместо азил му испорачуваат екстрадиција се дава во бегство и наоѓа прибежиште и работа во новоотворениот ресторан на Викстром. Колегите од ресторанот му помагаат да ја пронајде исчезнатата сестра бегалка.
Аки Каурисмаки и понатаму останува доследен на својот радикален избор направен еднаш и засекогаш: да се биде на страната на маргинализираните, на губитниците, на оние кои не веруваат во организираното општество контролирано од моќните и нивните слуги. Неговиот избор отсекогаш било раскажувањето на нивните мали и големи (не)среќи, нивната трпелива, но страсна потрага по еден поправеден свет, сочинета од мали чекори исполнети со многу верба. Каурисмаки не може да остане индиферентен на големата бегалска криза и на хуманитарната катастрофа која ја зафати цела Европа, и која во изминативе години е најексплоатираната филмска тема. Неговиот третман на бегалската криза е она што го прави посебен. На негативната европска визија и декларативното славење на различностите и мулти-културализмот тој одговара со сопствената хуманистичка идеја за заедништво отелотворена во мала група луѓе на периферијата, „копилиња и изроди“, микрокосмос кој ја прифаќа другоста, споделува, подава рака без морални тиради, сентименталности или лекции за добрина. Тој ги почитува и ги сака своите ликови и токму затоа воспоставува дистанца меѓу филмот и гледачот.
„Единствено нешто што му преостанува на еден човек е неговиот стил. Сѐ додека го има барем ќе може да го зачува недопрено сопственото достоинство.“
Филмскиот израз на Каурисмаки е оној препознатливиот, вонвременски, одамна изграден стил кој го надминува ризикот од маниеризам и кој со текот на годините достигна ниво на чиста есенција. Прилагодлив е на секој наратив, на секоја ситуација. Минимализам на половина пат меѓу реалистичното и фантастичното. Топлата фотографија на Тимо Салминен, негов постојан соработник кој сѐ уште снима на 35 милиметри, функционира како контрапункт на сиромашните и соголени сценографии и амбиенти заглавени во некое хибридно минато време зад „железната завеса“. Поетика која влече корен од ерата на немиот филм, преку делата на Jасужиру Озу, Роберт Бресон, Жан Пјер Мелвил, па сѐ до неговиот современик и пријател Џим Џармуш. Апсурдноста на човечката егзистенција кај Каурисмаки се манифестира преку луцидниот и „исчашен“ хумор во кој можат да се пронајдат првите симптоми на вирусот.
„Кога ќе ја снема надежта не постои причина за песимизам.“