Бизнис

Една последица која ќе остане по корона кризата е зголемен обем на нефункционални кредити и ненаплатени побарувања

Катерина Бошевска

Авторот е генерален директор на ЕОЅ Матрих Македонија и Косово

По финансиската криза од 2008 година и должничката криза од 2010/11 година, периодов вирусот корона зададе еден нов удар на финансискиот и банкарскиот сектор, и тоа во време кога институциите во овој сектор сѐ уште се борат со заостанатите прашања и проблеми од тие времиња. Но, корона вирусот ги запре сите, поголеми и помали деловни субјекти во сите сектори и гранки на општествениот живот. Го смени начинот на живот, начинот на дејствување и битисување во општеството во кое припаѓаме.
Оценките се дека банкарскиот сектор сега е подобро подготвен да се справи со вакви слични шокови отколку што тоа беше случај во 2008 година. Се смета дека сега банките имаат подобра капитална структура и имаат поголем износ на готовина како резерви споредено со ситуацијата во 2008 година и тоа е сѐ како резултат на континуираното прилагодување од страна на банките кон една построга регулација наметната низ периодот во минатото. Сепак, европските банки се најдоа под силен притисок. И тоа во време кога банкарскиот сектор на секој начин се труди да се врати на своите пазарни позиции пред кризата од 2008 година. Кога се чинеше како речиси да успеал во тоа се појави корона кризата која дополнително ја влоши ситуацијата. Доколку го погледнеме европскиот банкарски индекс ќе забележиме дека тој бележеше пад од повеќе од 50 % на почетокот на 2020 година споредено со март 2008 година. Интензивираните продажби на глобалните пазари засилени под дејство на корона кризата придонесе истиот индекс да е сега понизок за 70 % споредено со март 2008 година.
Но, што е она што остана по кризите од 2008 и 2010/11 година (со кое банкарскиот сектор сѐ уште мора да се справува) и како тоа е поврзано или какво влијание врз него има сега новонастанатата корона криза?
Ниско ниво на каматни стапки. Европската централна банка (ЕЦБ) го одржуваше нивото на каматните стапки на рекордно ниско ниво уште од пикот на должничката криза во 2011 година, нешто што сѐ уште се провлекува како резултат од кризите во 2008 и 2010/11 година и на кое се жалеа многу извори на овие задолжувања бидејќи им ги минимизираше профитите. Таквиот пристап на одржување ниски каматни стапки до ниво кое се сметаше како нормално ги доведе економиите во фаза на континуиран спор развој, фаза во која на побарувачката ѝ треба постојана стимулација. Но, и покрај тоа што пазарите очекуваат стапките да останат ниски, сепак тоа не може да се земе како загарантирано. На пример, постои можност дека сепак затворањето на економиите и вбризгувањето на помош и субвенции како одговор на корона кризата во некој краток временски рок во иднината ќе доведе до зголемување на цените, како и тоа дека во поголема мера дефлаторниот притисок во економиите се должи на ниските цени на нафтата кои се чини дека не можат повеќе да паѓаат под нивото на кое се денес.

Се очекува оваа криза повторно да направи проблем во билансите на банките со зголемување на нивото на лоши пласмани, особено што корона кризата директно влијае на животот на одредени мали и средни бизниси кои сега се принудени да затворат или немаат можност за редовна отплата на своите долгови. Така се очекува дека во повеќето земји од еврозоната нефункционалните пласмани ќе достигнат нивоа дури повисоки од оние во кризата од 2008 година (и покрај тоа што во меѓувреме се успеа тие да се намалат значително со низата мерки кои се преземаа)

Нефункционални кредити. Нефункционалните кредити се еден од основните индикатори за финансиската кондиција на банките и претставуваат главно мерило за кредитниот ризик во банкарскиот систем. Искуството покажува дека зголемувањето на нефункционалните кредити има клучна улога во процесот на појава на банкарските кризи. Прашањето за нефункционалните кредити, нивниот ефект врз реалната економија сe примарна грижа на речиси сите земји во светот и решавањето на ова прашање станува предуслов за враќање на функционалноста на финансиските пазари. Главна последица на кризите од 2008 и 2010/11 година беа високите нивоа на лоши пласмани во банките кои во себе вклучуваа и нефункционални кредити. Следствено, се преземаа низа мерки за намалување на овие нивоа на лоши пласмани во билансите на банките. Последните објави на European Banking Authority (EBA) покажуваат дека заклучно со јуни 2019 година пондерираната просечна стапка на нефункционални кредити застанала на 3 % споредено со 6 % во 2015 година. Нефункционалните кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа достигнуваат 35,2 милијарди евра заклучно со 30 јуни 2019 година за целиот регион, со просечен коефициент на нефункционални кредити од 4 %, што е значително подобрување во однос на состојбата од 9,8 % во март 2014 година. Волуменот на нефункционални кредити, заклучно со јуни 2019 година, бележи намалување од 8,4 % за една година. И кога се чинеше дека од причина што нивото на нефункционални кредити опаѓа фокусот треба да биде на подобрување на дата системите во банките и спречување нови текови на нефункционални кредити, како и идентификување на проблеми на корисниците во рана фаза, појавата на корона кризата донесе нови предизвици. Се очекува оваа криза повторно да направи проблем во билансите на банките со зголемување на нивото на лоши пласмани, особено што корона кризата директно влијае на животот на одредени мали и средни бизниси кои сега се принудени да затворат или немаат можност за редовна отплата на своите долгови. Така се очекува дека во повеќето земји од еврозоната нефункционалните пласмани ќе достигнат нивоа дури повисоки од оние во кризата од 2008 година (и покрај тоа што во меѓувреме се успеа тие да се намалат значително со низата мерки кои се преземаа).
Обично банките се двоумат да ги отпишат нефункционалните кредити од нивниот биланс на состојба поради импликациите на таа постапка врз добивката и капиталот. Тие претпочитаат да ја задржат целосната вредност на заемот во нивниот биланс на состојба или сметаат на факторот време, како и подобрување на макроекономските услови сѐ со цел да го свртат заемот или на крајот да го реструктурираат. Прашањето кое треба да се постави е колку е ова легитимно во услови на една општа неизвесност и изненадувања кои може да се појават преку ноќ, токму како што ни се случи со корона кризата.
Како за пример, Банката на Англија спроведе истражување во насока на тоа колку долго банките може да го преживеат овој систем на затвореност од причина што најголемите позајмувачи веќе одвоија проценети 3,4 милијарди фунти за покривање на нефункционални пласмани. Резултатите од истражувањето би требало да дадат и повратни информации до Владата на Англија кои ќе придонесат во градењето на стратегија како да се реактивира економијата најбрзо и најбезболно.

Враќањето назад „во нормала“ по корона кризата е навистина сериозен предизвик пред кој стоиме сите. Сега сме соочени со дополнителни предизвици при што дефинитивно ни е потребно едно иновативно и агилно решение за воспоставување на продуктивен менаџмент во едни сега нови и изменети услови на стопанисување и при сосема променети начини на однесување на нашите клиенти, соработници, доставувачи

Освен што корона кризата донесе само дополнување на веќе постоечките проблеми во финансискиот и банкарскиот сектор, и другите сегменти на економијата стојат пред дополнителни нови предизвици. Се покажува дека компаниите со планови за деловен континуитет и планови за враќање од катастрофи успешно и ефикасно работат во услови на пандемијата од корона вирус и полесно се справуваат со ефектите на кризата од аспект на нивната оперативност и функционалност. Се чини дека инвестирањето во такви платформи во последниве неколку години, како на пример пренесување на оперативните системи на клауд платформи, послужи многу добро за лесно реорганизирање на работата од друга локација. И покрај одредени оперативни предизвици, сепак, поголемиот број од нив се во можност да одговорат навремено на барањата на своите клиенти и сопственици, но и на регулаторните политики пред кои работат. Ваквата организација на работењето е многу значајна, особено за даватели на услуги од причина што корисниците на нивните услуги бараат да бидат сигурни во квалитетот на услугата која ја добиваат и тоа дека давателот на услугата има можност успешно да работи и да биде оперативен и во едни вакви вонредни услови. Неретко се случува корисниците на услугата да направат измена и да бараат поквалитетен доставувач на истата услуга, некој кој успешно се справува со настанатата ситуација и покажува подобра оперативност и поиздржани деловни планови за континуитет или да изберат алтернатива на поставената практика на дејствување.
Од аспект на нивната финансиска стабилност, речиси секаде едно е сигурно, една од главните последици или проблеми кои ќе останат по корона кризата е зголемен обем и влошен квалитет на ненаплатените побарувања. Калкулирајќи ги ефектите од корона кризата, банките, но и сите други деловни субјекти треба сериозно да размислат како ќе се справат во периодот пред нас со проблемите кои дефинитивно ќе ги донесе оваа криза, а особено во поглед на растот на износот и обемот на нефункционални пласмани во билансите на состојба на банките и зголемениот обем на ненаплатени побарувања кај деловните субјекти. Дали вреди да се калкулира со толкав ризик во услови кога пазарот нуди решение?
Директната продажба е еден од основните начини за решавање на нефункционалните кредити или лошите побарувања. Во директна продажба се продава побарувањето на заинтересирани купувачи, а продавачите треба да утврдат фер цена за да се случи продажбата. За време на кризи, купувачите во голема мерка ги намалуваат вредностите на средствата, особено за лошите средства. Од друга страна, продавачите имаат цел да ја задржат продажната цена што е можно поблиску до книговодствените вредности на заемите. Сепак, разликите во цените можат да бидат оправдани делумно поради новата регулатива за заштита на лични податоци поради која не може лесно да се пренесуваат од продавачот на потенцијалните купувачи некои влезни параметри и податоци за носителите на побарувањата кои даваат вредност на побарувањето на некој начин, а делумно и поради сметководствената перспектива во согласност со која поради концептот за временска вредност на парите, а следејќи ги МСФИ-принципите на сметководство, се намалуваат идните парични текови со оригинална ефективна каматна стапка на средството.
Враќањето назад „во нормала“ по корона кризата е навистина сериозен предизвик пред кој стоиме сите. Сега сме соочени со дополнителни предизвици при што дефинитивно ни е потребно едно иновативно и агилно решение за воспоставување на продуктивен менаџмент во едни сега нови и изменети услови на стопанисување и при сосема променети начини на однесување на нашите клиенти, соработници, доставувачи.

Поддржано од EOS Matrix   

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО