Интервјуа

Кејт Мари Брнз: Нашата визија е Западен Балкан во кој владее мир

Кејт Мари Брнз

Амбасадор на САД

Амбасадорке Брнз, пред неколку дена САД преку УСАИД одобрија дополнителен грант за нашава земја од речиси 16 милиони американски долари. САД отсекогаш биле многу силен поддржувач на нашава земја како финансиски, така и на други начини. Има ли податок за тоа колкава е големината на поддршката што сме ја добиле од САД од стекнувањето на нашата независност наваму?

К. М. Брнз: Навистина е така, најновата спогодба за помош преку УСАИД само го надополнува нашето партнерство што трае со децении. Од стекнувањето на независноста на вашата земја, САД имаат дадено поддршка за развојни цели од преку 1,4 милијарди американски долари. Таа вклучува програми за поддршка на работи како што се економскиот раст, раководењето, секторот здравство, одбраната и безбедноста, и образованието.

Од геостратешка гледна точка, нашиов регион, Западниот Балкан, привлече значителен, би рекол суптилен интерес од најразлични страни. Мислам дека влезот во НАТО претставуваше остварување на клучна цел за нас, но истовремено испрати и јасен сигнал. Каква е визијата на САД за иднината, да речеме во наредниве десет години, на Западен Балкан и особено на нашава земја?

К. М. Брнз: Нашата визија, која ја споделуваме со мнозинството граѓани од Западен Балкан, е регион во кој владее мир, со растечки блиски врски меѓу соседите и регион што продолжува да се интегрира во евроатлантските институции. Регионот е на добар пат да ја оствари оваа цел и ние сме оптимисти дека тоа може да се оствари.

Од стекнувањето на независноста на вашата земја, САД имаат дадено поддршка за развојни цели од преку 1,4 милијарди американски долари. Таа вклучува програми за поддршка на работи како што се економскиот раст, раководењето, секторот здравство, одбраната и безбедноста, и образованието

Би можело да се каже дека иако сме независна земја речиси 29 години, сѐ уште не сме успеале да воспоставиме ефикасен и функционален систем на институции. Овие системски слабости предизвикаа бран на незадоволство и песимизам што резултира со тоа што многумина заминуваат од земјава. Некои од тие кои заминаа беа меѓу најбистрите млади луѓе. Каква лекција можеме да извлечеме од искуството на САД во пронаоѓањето решение за ова прашање?

К. М. Брнз: Ја разбирам фрустрацијата. Транзицијата од комунизам, во форма во која постоеше во Југославија, кон демократија и независност беше тешка. И Северна Македонија се соочи со уникатни предизвици во разрешувањето на спорните прашања со своите соседи. Сега, конечно, оваа земја стана членка на НАТО и доби покана да започне со пристапните преговори со ЕУ. Иако тешката работа е далеку од завршена, вратата кон нови можности е конечно отворена. Мислам дека е важно, особено за младите, да се разбере ова.
Кога станува збор за младите во оваа земја има многу причини за да се биде оптимист. Имав шанса да се сретнам со многумина од нив, токму неодамна имав видеоконференција со една група со која дискутиравме за прашањата со кои се судираат денес, во текот на кризата предизвикана од ковид-19. Она што најмногу ме запрепасти беше тоа што една од нивните најголеми поплаки беше таа дека сакале да направат повеќе за да помогнат, тие покажаа интерес за давање придонес и за волонтирање за во ова тешко време да им се помогне на другите, како и на нивните заедници. Оттука верувам дека заложбата постои. Треба да го искористиме овој огромен резервоар на талент и да не дозволиме тој да остане неискористен.
Во САД младите луѓе преземаат иницијативи на нови и иновативни начини за да ги предводат напорите на заедницата и за изнаоѓање решенија. Иако нашите волонтери од Мировниот корпус се вратија дома поради вирусот, тие продолжуваат да работат со нивните заедници и се обидуваат колку што е тоа возможно на виртуелен начин да го продолжат својот ангажман. И нашите американски простори во земјата создадоа робусно виртуелно програмирање предводено од младите, што продолжува да ја олеснува размената на гледишта и дискусии, а притоа се почитува потребата од социјално дистанцирање.

Јас разбирам дека мораше да се направат отстапки за да се отвори вашата патека кон НАТО и ЕУ и дека овие отстапки вклучуваат тешки одлуки. Иако некој би можел да се обиде да каже поинаква приказна, останува фактот дека односите на оваа земја и нејзините соседи се најпозитивни и најконструктивни од осамостојувањето од Југославија во 1991 година. Бугарија и Северна Македонија се НАТО-сојузници. Ова нешто значи. Тие имаат договор за пријателство. Тоа исто така нешто значи

Како членството во НАТО ќе го преобликува нашево општество од аспект на воведување стандарди во многу области?

К. М. Брнз: Членството во НАТО конечно обезбедува Северна Македонија да има рамноправно место на масата при дискусиите што ја даваат рамката на безбедноста и стабилноста на Европа. Верувам дека тоа ќе даде можност оваа земја да ги покаже своите способности и таленти и како тие можат да придонесат за остварување на пошироките цели на трансатлантската безбедност и просперитет.
Северна Македонија покажа дека е партнер од доверба и способен партнер на САД и на НАТО. Вашата армија ги демонстрираше својата професионалност и вештини во мултинационалните операции во Ирак, во Авганистан и на други места. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да служиме покрај вашите војници, сега не само како партнери туку и како сојузници.

Тука се ближат парламентарни избори. Со можноста постојано да се одржуваат предвремени избори, нашава земја во основа е во постојан предизборен амбиент. Јас верувам дека ова е фактор што го ограничува просторот за храбри, далекусежни мерки и политики. САД, на пример, од 18 век наваму никогаш немале предвремени претседателски избори. Зошто е тоа така? Како ова придонесува за стабилноста на општеството?

К.М.Брнз: Делумно ова се должи на различните изборни системи и системите на владеење. Јас би додала дека нашиот Претставнички дом се избира секои две години така што понекогаш може да се слушне истиот аргумент за постојани избори и во САД.
Најважната работа е дека граѓаните ја имаат слободата да ги изберат оние од кои сакаат да бидат претставувани и дека има механизми на заемна контрола за да се обезбеди отчетност. Преку одржување избори, на луѓето им се нуди избор и важно е можноста за таков избор да се искористи преку гласање.

Би рекол дека дел од разочарувањето тука е поврзано и со постојаните отстапки што треба да ги прави нашава земја на својот пат кон НАТО и во процесот на интеграција во ЕУ. По „Договорот од Преспа“, сега се соочуваме со друг „предизвик“ со Бугарија во однос на македонскиот јазик. Ова наликува на приказна без крај и навистина го издишува ентузијазмот на граѓаните. Каква е позицијата на САД за ова најново прекугранично отворено прашање меѓу две земји членки на НАТО?

К. М. Брнз: Јас разбирам дека мораше да се направат отстапки за да се отвори вашата патека кон НАТО и ЕУ и дека овие отстапки вклучуваат тешки одлуки. Иако некој би можел да се обиде да каже поинаква приказна, останува фактот дека односите на оваа земја и нејзините соседи се најпозитивни и најконструктивни од осамостојувањето од Југославија во 1991 година. Бугарија и Северна Македонија се НАТО-сојузници. Ова нешто значи. Тие имаат договор за пријателство. Тоа исто така нешто значи. Исто така Бугарија даде значителна поддршка како на патот на Северна Македонија во НАТО, така и на патот кон ЕУ. Убедена сум дека какви било прашања меѓу сојузници можат да се разрешат во духот на конструктивен ангажман.

На долг рок мислам дека ќе биде јасно дека демократиите ги менаџираат подобро кризите како оваа. Транспарентноста е од суштинско значење за да се разбере и да се следи оваа болест и важно е дека на крајот лидерите ќе се сметаат за одговорни за која било одлука која ја носат. Овој вирус е голем „израмнувач“, сите сме во иста ситуација и се соочуваме со предизвиците така што мораме да дејствуваме заедно. Ова значи ангажман на граѓанското општество, владата, медиумите и приватниот сектор. Ваквата соработка е она што го даваат демократиите како нашите

Едно од важните прашања последниве години е прашањето на т.н. лажни вести. Приказната на Велес и неговото можно влијание врз последните претседателски избори во САД стана добро позната во светот. Како се борат САД против лажните вести на домашен, но и на меѓународен план?

К. М. Брнз: Дезинформирањето е сериозен проблем, не само тука во Северна Македонија туку и во САД и во целиот свет. Користењето на информациите како оружје за деструкција, ширење недоверба и поткопување на довербата на луѓето во нивните влади е нешто што е непријатно, но со што мораме сега да се справиме.
Ова прашање се обидуваме да го решиме на неколку фронтови. Една програма што ја поддржуваме користи компјутерски алгоритми и други техники за детектирање на лажни или изместени наративи, чија лажност се утврдува и јавно се разоткрива. Сепак, овие активности не можат да се извршуваат во вакум. Ова е прашање што ги надминува границите. Затоа се обидовме да ги поврземе напорите во Северна Македонија со други успешни организации во Европа и назад во САД.
Има едно нешто што сите ние можеме да го направиме за да помогнеме да запре ширењето на овие приказни, а тоа е да се обидеме да потврдиме дали некоја приказна е точна или не пред да ја постираме или споделиме.

Не можеме да го одбегнеме прашањето за пандемијата со ковид-19 вирусот која го тресе светот. Вирусот не бира меѓу мали и големи земји и многумина ја изгубија оваа битка со вирусот. Им го испраќаме нашето сочувство на нивните семејства. Најверојатно, вакцината нема да биде достапна до крајот на оваа година. Како ќе влијае ова на начинот на живот во САД во овој период пред вакцината?

К. М. Брнз: Овој вирус е нешто невидено во нашите животи и го промени начинот на кој сите ние тука во Европа или во САД, како и каде било во светот им приоѓаме на работите, од одење на училиште до купување намирници. Факт е дека додека не биде широко достапна вакцината нашите животи ќе бидат променети.
Како земја досега дадовме преку една милијарда американски долари за напорите што се прават во светот за справување со пандемијата. Во моментов на Северна Македонија ѝ обезбедуваме речиси 2 милиони американски долари за најразлични работи, од лична заштитна опрема и лабораториска опрема за здравствените професионалци во првите „борбени“ линии до хигиенски пакети за ранливото население.
На долг рок мислам дека ќе биде јасно дека демократиите ги менаџираат подобро кризите како оваа. Транспарентноста е од суштинско значење за да се разбере и да се следи оваа болест и важно е дека на крајот лидерите ќе се сметаат за одговорни за која било одлука која ја носат. Овој вирус е голем „израмнувач“, сите сме во иста ситуација и се соочуваме со предизвиците така што мораме да дејствуваме заедно. Ова значи ангажман на граѓанското општество, владата, медиумите и приватниот сектор. Ваквата соработка е она што го даваат демократиите како нашите.
Се надевам дека ќе може да се врати одреден степен на нормалност, на пример повторно среќавање во живо со запазување на социјалното дистанцирање, но реалноста е таа – нашиот начин на живот се промени и ќе биде различен, ако не засекогаш, тогаш уште некое време.

Веќе извесно време сте во земјава. Што е она што најмногу ви се допаѓа во однос на нашава земја и луѓето во неа?

К. М. Брнз: Од денот кога пристигнавме сум под импресија од топлината со која ни беше посакано добредојде во земјата и од пријателскиот однос на кој наидуваме оттогаш. Многу ни се допаѓаат и бројните можности за пешачење во природа и истражување, особено во околината на Скопје и со нетрпение го чекам повторно излегувањето во други делови на земјата штом тоа ќе го овозможат околностите. Сѐ уште имаме долга листа на места што сакаме да ги видиме и секоја од овие случки ми овозможува да сретнам нови луѓе и да слушнам мислења од поинаква перспектива што, исто така, ѝ овозможува на нашата Амбасада да биде уште посилен партнер на Северна Македонија.

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше:
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО