Бизнис

Херц оди во стечај

блиц свет

Една од најголемите рент-а-кар компании во светот „Херц“ (Hertz Global Holdings Inc.) соопшти дека започнува стечајна постапка. Компанијата со години се соочува со проблеми предизвикани од сè поострата конкуренција, но во најголем дел причината за стечајната постапка е падот на побарувачката за нивните услуги во време кога беснее пандемијата на корона вирусот. Претходно „Херц“ беше принудена да продаде дел од својот автопарк, а во мај беше донесена одлука да отпушти половина од своите вработени. Вкупниот долг на компанијата надминува 19 милијарди долари, а близу 700 илјади автомобили стојат неактивни поради намалената потреба од рент-а-кар услугите. Раководството на компанијата изјави дека додека трае стечајната постапка, „Херц“ ќе продолжи да ги извршува своите дејности. „Херц“ е една од најголемите рент-а-кар компании во светот и поседува повеќе од 10 илјади точки за изнајмување на превозни средства во 150 земји во светот. Компанијата е и една од најстарите рент-а-кар сервиси, основана во 1918 година во Чикаго, САД.

ПРЕПОРАЧАНО