Интервјуа

Глигор Бишев: Градењето консензус е најголемата предност за малите економии

Глигор Бишев

Претседател на УO и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје

Господине Бишев, како банкар, во моментов претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на „Шпаркасе банка Македонија АД Скопје“, но и како професор и макроекономист, вие имате навистина долгогодишно акумулирано знаење и искуство за да го оцените ова што се случува на економски план, како во светот така и во земјава. Сето тоа практично ве прави идеален соговорник во даденава ситуација. Но, пред да одиме на најновите случувања – да се вратиме чекор назад. Ги маскираше ли корона вирусот ковид-19 слабостите на светската економија што се наѕираа и пред неговата појава?

Г. Бишев: Пазарните економии се циклични економии. Ковид-19 ја прекина глобалната економска експанзија која траеше речиси една декада. Тоа е најдолгата економска експанзија во историјата на САД од 1854 година. Во периодот од 1854 година до денес, економијата на САД се соочила со 33 економски цилкуси, а во периодот по 1945 година, со 11. Во просек, по Втората светска војна на секои 5,5 години се случувала по една рецесија која траела просечно 11 месеци. Она што за прв пат се случува во човековата историја е економската криза да е предизвикана од светска пандемија и да започне истовремено во речиси сите земји во светот.
Економската криза се случува по нејзиното одлагање во повеќе наврати при што најсериозни индиции дека таа се наближува беше крајот на 2018 година и почетокот на 2019 година. Тоа е период на значително успорување на економијата на САД и остварување на негативни стапки на раст во Германија и Франција. Интервенциите на Централната банка на САД во правец на значително намалување на каматните стапки речиси до нула и ефектите од фискалната стимулација како резултат на намалувањето на даночните стапки на данокот на профит и плати во ноември 2017 година го вратија растот во САД. Дополнителното зголемување на негативните каматни стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ од -0,4 посто на -0,5 посто) ги трансформираа негативните стапки во позитивен економски раст во Германија и Франција. Така, 2019 година заврши како една од најдобрите години во светската економска историја. Стапката на невработеност беше една од најниските во последниве педесетина години: во САД 3,5 посто, во ЕУ 7,4 посто. Компаниите и финансиските институции остварија рекордна профитабилност, а берзанските индекси се зголемија за 22 посто. Меѓутоа, искривувањето на кривата на принос на крајот од 2019 година во САД (долгорочните каматни стапки станаа пониски од краткорочните) ги затемнија одличните економски индикатори. Пораката беше – експанзијата завршува.
Во декадата на најдолг економски раст се случија сериозни поместувања во светската економија. Во 2018 година, Кина стана земја со најголем бруто-домашен производ (БДП) во апсолутен износ. Истовремено, во 2019 година таа ги надмина САД во производство на електрични автомобили и произведуваше повеќе од целокупното производство на САД и на ЕУ заедно. Стана лидер по бројот на произведени роботи за домаќинствaта. Речиси десет години по ред ја задржа улогата на најголем трговски партнер и инвеститор за земјите од Африка.
Процесот на деглобализација доби во динамика. Трговската војна меѓу САД и Кина ескалираше со голема веројатност за започнување на трговска војна меѓу САД и ЕУ, а Велика Британија конечно ја напушти ЕУ.

ЈАВНИТЕ ВРЕДНОСТИ ЌЕ ВЛИЈААТ И НА ИНДИВИДУАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ, А МАКСИМАТА „ИНДИВИДУАЛИЗАЦИЈА НА ПРОФИТИТЕ, А СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ЗАГУБИТЕ“ НЕМА ПОВЕЌЕ ДА БИДЕ МОЖНА

По што се разликува оваа криза на светската економија од сите претходни?

Г. Бишев: Се разликува по три карактеристики. Прво, вообичаено е рецесиите да се предизвикани од недоволна агрегатна потрошувачка во однос на растот на производството или целосна искористеност на факторите на производството. Иако, како што реков претходно, економиите на високоразвиените земји беа блиску до целосна искористеност на факторите за производство, оваа криза ја предизвика светска пандемија која влијаеше прво на страната на понудата како резултат на затворањето на економиите и имплементацијата на мерките на социјално дистанцирање, а потоа на тоа се надоврза и намалената побарувачка поради социјалното дистанцирање. Меѓутоа, оваа криза нема да може да се реши само со стимулирање на агрегатната потрошувачка. Второ, оваа криза започнува истовремено во речиси сите земји во светот. Од тој аспект, таа е речиси единствена криза која започна во исто време во толку многу земји. Трето, оваа криза се случува во време на исклучително висока задолженост на економските субјекти. ЕУ не успеа да ја реши должничката криза. Грција остана со висок долг во однос на БДП од 180 посто и нејзе ѝ се придружија Италија (130 посто од БДП), Португалија и Шпанија (со околу 115 посто) и Франција со долг од 88 посто од БДП. Општо земено, светот остана во целина високозадолжен – 350 посто од БДП (вкупен долг на приватниот и јавниот сектор).

Животот веројатно посуштински ќе се нормализира, колку што е тоа можно, по пронаоѓањето и примената на вакцина за корона вирусот. Што ќе се случува со светската економија до пронаоѓањето на вакцината?

Г. Бишев: Најверојатно ќе научиме да управуваме со ризикот што се нарекува ковид-19 и ќе научиме да живееме со него. Ќе престанеме да бидеме „пазарно општество наместо пазарна економија“ (Mark Carney, The Economist, April 25, 2020). Јавните вредности ќе влијаат и на индивидуалните вредности, а максимата „индивидуализација на профитите, а социјализација на загубите“ нема повеќе да биде можна.
Управувањето со здравствениот ризик ќе значи промена на урбаното живеење, промена на стандардите за урбанизам, промена на начинот на дизајн, пакување, воведување на здравствени стандарди на работните места, дигитализација, подобрување и реформирање на социјалната инфраструктура, на здравствената инфраструктура и слично. Брзината на нормализирање на светската економија ќе биде директно корелирана со ефикасноста во управувањето со здравствените ризици, не само со ризикот ковид-19, туку со сите ризици од зарази и нивно ширење, ризиците на климатските промени, ризиците на загадување. Тоа ќе биде дел од новата нормала.

Што да очекуваме во периодот по вакцината? Ќе заврши ли сето ова во одреден момент во иднината со инфлација и тешко совладлива глобална должничка криза?

Г. Бишев: Добро е да имаме визија за тоа како ќе изгледа светската економија на долг рок: колкави ќе бидат растот, стандардот, инфлацијата, задолженоста, отвореноста и глобализираноста на економијата. Но, за да ја правиме таа визија, прво треба да се преживее, да го запреме падот и да се вратиме на патеката на економски раст. Што би рекол Кенз, на долг рок сите сме смртни, сѐ што може да направиме е на краток рок. Не сакам да бидам погрешно разбран – долгиот рок и визијата се битни. Но, сакам да нагласам дека светот денес е фокусиран на мерките на краток рок. Сите напори, сета мобилизација е насочена да се поддржи стандардот на населението, да се зачуваат работните места и да се запре слободниот пад. Светот денес се управува од максимата „да преземеме сѐ што е потребно“.

МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА ИНДУСТРИЈА ИМА ВИСОКА АДЕКВАТНОСТ НА КАПИТАЛОТ ШТО Е МЕРКА ЗА КАПАЦИТЕТОТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ НА ШОКОВИ. НО, ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНИТЕ КРИЗИ, КОГА БАНКИТЕ ТРЕБАШЕ САМО ДА ГИ АПСОРБИРААТ ЛОШИТЕ ПЛАСМАНИ, ТИЕ СЕГА ЌЕ ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖАТ И ДА КРЕДИТИРААТ, И ТОА ЗНАЧИТЕЛНО ЗА ОБНОВА НА ЕКОНОМИЈАТА. КАЖАНО СО МЕДИЦИНСКИ РЕЧНИК, ЌЕ ИМАТЕ ЗАПАЛЕНИЕ НА БЕЛИ ДРОБОВИ, А ЌЕ МОРА ДА ПРОДОЛЖИТЕ ДА ТРЧАТЕ

Каква е Вашата оценка за целата оваа ситуација во однос на македонската економија? Кој бизнис-сектор ќе биде најпогоден?

Г. Бишев: Од ковид-19 ќе бидат директно погодени речиси сите индустрии, но најжестоко трудоинтензивните сектори: туризмот и угостителството, градежништвото, текстилот, игрите на среќа, транспортот. Потоа ќе бидат силно погодени малите и микро компании, а тоа се 95 посто од бројот на компаниите во Република Северна Македонија. Индиректно, преку надворешно-трговската размена, ќе дојде вториот шок за македонската економија. Економската контракција на светско ниво ќе ја намали побарувачката за извозните производи, особено на оние од индустриските зони што се дел од меѓународните автомобилски синџири. Исто така зголемената невработеност во странство ќе ги намали дознаките што пристигнуваат во Северна Македонија. Тие достигнуваат 18 посто од бруто-домашниот производ (БДП).

Кои би биле, според Вас, најсоодветните економски мерки за заштита на македонската економија во даденава ситуација?

Г. Бишев: Тука треба да ја следиме светската пракса. Како што Светската здравствена организација (СЗО) изгради правила и препораки за земјите погодени од ковид-19, исто така ММФ изгради правила и препораки за справување со економската криза. Притоа малите и отворени економии на земјите во развој имаат поголеми ограничувања во примената на мерките и препораките во однос на високоразвиените земји, особено на оние што имаат големи економии. Мерките се групирани во четири групи. Во првата група на мерки спаѓаат мерките за поддршка на животниот стандард на населението: директен трансфер на средства од буџетот на населението, одлагање на плаќањето на даноци и придонеси и одлагање на кредитните обврски од страна на банките. Втората група на мерки се мерките за задржување на работните места и поддршка на компаниите – директна фискална поддршка на погодените компании, директно кредитирање на компаниите, издавање гаранции спрема банките за кредитирање на компаниите, докапитализација на компаниите преку запишување на акции или хибридни капитални инструменти. Третата група се мерките на централната банка – намалување на каматните стапки, уфрлување на неограничена ликвидност, откуп на државни и корпоративни обврзници. Четвртата група на мерки се – зачувување на здравоста и капацитетот за кредитирање на финансискиот систем. Во оваа група на мерки спаѓаат: олабавување на капиталните стандарди и стандардите за кредитен ризик на банките, јакнење на капиталната сила на банките преку задржување на профитот и издавање гаранции спрема банките за да продолжи кредитирањето кон економските субјекти.
Гледано од тој аспект, и ограничениот фискален капацитет и можноста за финансирање од странство, носителите на економките политики во Република Северна Македонија би требало да се потпрат на два столба – директни фискални трансфери за вработените во погодените сектори и гаранции спрема банките и меѓународните финансиски организации (ЕБРД, ЕИБ, ИФЦ и сл.) за да се продолжи со финансирање на фирмите што искажуваат загуба и долгорочно гледано не се солвентни. Притоа, иако мора да се води сметка за долгорочните импликации на мерките, фокусот треба да биде на краток рок – на надминување на негативните егзистенцијални и економски ефекти.

Кој сектор има потенцијал најбрзо и најсилно да ја повлече македонската економија кон нормализација?

Г. Бишев: Најпогодените. Откога ќе застане падот, треба да следува обновата и реструктурирање на економијата. Градежништвото, кое ќе биде сериозно погодено, има капацитет и најсилно да ја повлече економијата. Во 2021 година, локалната власт би требало да оди со задолжување во странство кај меѓународните финансиски институции или да емитира обврзници за дистрибутивна гасоводна мрежа, за справување со депониите, воведување на еколошки стандарди, за развој на транспортната инфраструктура, особено градот Скопје. Земјоделието и преработката на земјоделските производи треба исто така да биде наша компаративна предност. Услугите, особено ИТ, дигитални, здравствени, бањскиот туризам. Исто така ќе треба да се развие соработката меѓу големите и малите бизниси, да се развијат национални и регионални платформи на соработка.

Можеме ли во даденава ситуација и нешто системски да промениме и поинаку да го поставиме во македонската економија за нејзино подобро работење на подолг рок, не само за преживување на кризата?

Г. Бишев: Се надевам и верувам дека кризата со ковид-19 ќе нѐ натера да ја користиме нашата најголема предност – градење консензус. Тоа е најголемата предност за малите економи. Ќе треба да постигнеме консензус кои се нашите краткорочни и долгорочни приоритети. Какви институции сакаме да имаме. Дали да бидеме општество по моделот на скандинавските земји или на немилосрдна пазарна конкуренција од типот на САД или Велика Британија? Да постигнеме консензус каков образовен систем сакаме да имаме, социјална и здравствена инфраструктура. Како да ги интегрираме маргинализираните групи и сивата економија. Кризата е шанса да одговориме на овие прашања и да изградиме консензус.

Во кризнава состојба банките од земјава беа во фокусот на јавноста само во однос на прашањето на каматните стапки за кредитите во наредниве шест месеци. Што направи Шпаркасе банка Македонија во тој поглед?

Г. Бишев: Шпаркасе банка Македонија во овој период е фокусирана на три прашања: јакнење на капиталната сила и ликвидноста на банката; одржување на ликвидноста на клиентите и реализација на процесот на интеграција со Охридска банка. На планот на јакнењето на капиталната сила, стратешкиот инвеститор Штаермеркише и Шпаркасе банка одлучија да се задржи профитот од 2019 година во форма на траен капитал на банката. Исто така се овозможи пристап на банката до ликвидни средства преку кредитни линии во рамките на групацијата и кај меѓународните финансиски институции. На тој начин се очекува значително да се поддржат обновата и растот на македонската економија. Одржувањето на ликвидноста на клиентите на банката се одвива преку три мерки: одлагање на враќањето на кредитите на населението за шест месеци, одлагање на враќањето на кредитите на компаниите во погодените сектори и продолжување со кредитирање на населението и на компаниите како за тековно работење, исто така и за проектно финансирање. Третата активност е забрзување на процесот на интеграција меѓу Охридска банка и Шпаркасе банка Македонија.

ЦЕЛ НА БАНКАТА Е ДА НУДИ УСЛУГИ ВО СОГЛАСНОСТ СО ОЧЕКУВАЊАТА НА КЛИЕНТИТЕ И УСЛУГИ ШТО ИМ НОСАТ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ. ФОКУСОТ ОСТАНУВА НА РАЗБИРАЊЕТО НА ПОТРЕБИТЕ НА КЛИЕНТИТЕ И НИВНО ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА НАЈДОБАР И НАЈЕФИКАСЕН НАЧИН

Но, не може дискусијата за банкарскиот сектор во ваква економска криза да биде исцрпена само со тоа прашање. Кои се ,според Вас, всушност најважните прашања за банкарскиот сектор во дадениве околности?

Г. Бишев: Банкарството е цикличен бизнис. Тоа многу зависи од фазата на деловниот циклус во кој се наоѓа домашната и светската економија. Економската контракција доведува до загуби, несолвентност, пропаѓање на фирмите, зголемување на невработеноста. Независно што оваа економска криза е предизвикана од здравствена пандемија, ефектите ќе бидат економска контраакција и зголемување на невработеноста. За интензитетот и времетраењето сѐ уште нема јасна слика. Тоа ќе доведе до зголемување на лошите пласмани што ќе треба да ги резервираат банките, ќе се намалат приходите на банките и профитабилноста. Македонската банкарска индустрија има висока адекватност на капиталот што е мерка за капацитетот за апсорбирање на шокови. Но, за разлика од претходните кризи, кога банките требаше само да ги апсорбираат лошите пласмани, тие сега ќе треба да продолжат и да кредитираат, и тоа значително за обнова на економијата. Кажано со медицински речник, ќе имате запаление на бели дробови, а ќе мора да продолжите да трчате. Во согласност со тоа, банките ќе дадат голем придонес за надминување на економската криза.

Во постојнава кризна состојба, гувернерите на централните банки им препорачаа на банките да се воздржат од исплата на дивиденда. Тоа го направи Кристин Лагард, го направи гувернерот на Банката на Англија. Најголемите англиски банки, глобалните банкарски брендови, јавно изјавија дека ќе ја следат препораката на гувернерот. И гувернерот на Народна банка даде ваква препорака. Зошто е важна оваа препорака, од што е мотивирана? И, како постапи Шпаркасе банка Македонија во однос на препораката?

Г. Бишев: Фокусот на Народна банка е преку задржување на добивката да се зајакне капиталната сила на банките за да може да се апсорбираат ризиците од ковид-19, но и за да продолжи кредитната активност. Стратешкиот инвеститор во банката прифати целосно да ја почитува препораката на Централната банка. На тој план, нивен приоритет е јакнење на долгорочниот капацитет на банката.

Како се одвива процесот на функционално припојување на Охридска банка во системот на Шпаркасе банка?

Г. Бишев: Процесот на интеграција се одвива во согласност со планираната динамика и во овие услови на ковид-19. Фазата на гапирање на бизнис-процесите е завршена и сега сме во фаза на прилагодување на ИТ-решенијата во согласност со локалните стандарди и стандардите и политиките на групацијата. Исто така при крај е изработката на бизнис-планот и стратегијата на интегрираната банка. Очекуваме процесот на интеграција да заврши во рамките на планираната временска динамика, иако ефектите на пандемијата врз динамиката на проектот се тешко предвидливи.

Какви се амбициите на новата, поголема Шпаркасе банка Македонија?

Г. Бишев: Тоа ќе биде еден од водечките финансиски конгломерати во земјава што ќе има најраширена диверзификација на услуги: банкарски услуги, лизинг услуги, услуги на инвестирање, брокерство и старателски услуги, осигурителни услуги, советодавни услуги и сл. Цел на банката е да нуди услуги во согласност со очекувањата на клиентите и услуги што им носат додадена вредност. Фокусот останува на разбирањето на потребите на клиентите и нивно задоволување на најдобар и најефикасен начин. На тој план се и напорите да се донесат сите нови технологии, надградување на дигитализацијата и зајакнување на користењето на ноу-хау од групацијата во сферата на проектното финансирање. Грижата за ефикасно управување со ризиците, високата капитална сила, ќе останат долгорочни определби и на интегрираната банка.

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО