Општество

Нашата ЕУ-перспектива и пандемијата (ковид-19) (радост и страв)

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Само до пред еден месец нашите животи и секојдневието беа преокупирани со други нешта, но никако и со глобалната опасност по сѐ што имаме, па и по нашите животи. Планиравме долгорочно, размислувавме како да ги оствариме нашите цели, како да станеме побогато, поправедно, пофункционално општетство. Европската комисија во Брисел, а и владите во главните градови на земјите членки на ЕУ, пак, првите два месеци од 2020 година фокусот го насочија кон преговорите за обемот и содржината на новиот ЕУ-буџет за периодот 2021–2027 година, кон потенцијалниот нов поголем бран на мигранти од Турција кон Грција, се дискутираше за Зелената агенда, климатските промени, земјоделската политика, за хибридните закани и сајбер безбедноста, нови терористички закани итн. Она за што недоволно се дискутираше, заклучувам од оваа временска дистанца, беше епидемијата во Кина предизвикана од новиот потполно непознат корона вирус или ковид-19 кој се шири неверојатно брзо и за кој нема вакцина. Кина ни се чинеше многу далеку, иако се говореше за голем број на заразени и за смртни последици.

Паралелно, по долго чекање, започнуваме пристапни преговори за полноправно членство во Европската Унија. Одлуката за почеток на преговорите е силен политички исчекор, но и правен симболичен гест на ЕУ кон Северна Македонија. Аплициравме за членство во 2004 година, станавме земја кандидат во 2005 година, првата препорака од страна на Европската комисија дека сме спремни за почеток на преговорите ја добивме во 2009 година, повторена десет пати (2009–2019), за конечно оваа 2020 година сите земји членки да се сложат дека тие се подготвени да ги започнат преговорите со нас. Успех и причина за радост, но... Во ова време невреме, многумина ќе кажат, а зарем е тоа сега важно, имаме други приоритети во моментов, треба да се спасуваат животи. И секој што мисли така е во право, приоритет е борбата против вирусот што има потенцијал да одземе многу животи, да ги наруши економските и финансиските текови, да го сопре животот на кој сме навикнати, вклучително и слободата на движење кое го земавме како здраво за готово. Сето тоа се случува околу нас и сега. Сите искрено се надеваме дека црното сценарио нема да се случи, но одговорно е да се подготвуваме како да ќе се случи со сите претпоставени последици. Од друга страна, исто така одговорно е да се размислува и за денот потоа, за перспективата на земјава, за идните генерации, за нашето идно место во рамките на ЕУ. Дури и оваа криза може да се земе како уште еден доказ дека ако сте внатре како членка на ЕУ, користејќи ги заедничките одбранбени системи, механизми, солидарност, секоја криза може полесно да се пресретне и да се преброди.

КАКВИ И ДА БИДАТ ЗАШТИТНИТЕ МЕРКИ ШТО ГИ ВОВЕДУВА СЕКОЈА ДРЖАВА УНИЛАТЕРАЛНО ИЛИ КООРДИНИРАНО НА НИВО НА ЕУ, НЕМА ДА ЈА ПРОМЕНИ ГЕОГРАФИЈАТА. ВО СЀ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА НАТАМУ СМЕ ЗАЕДНО И ЗАЕДНО ТРЕБА ДА ДЕЈСТВУВАМЕ И ДА СЕ КООРДИНИРАМЕ

Како општество многупати досега покажавме и докажавме дека силно и цврсто веруваме во партнерскиот однос со Европската Унија, веруваме во способноста и објективноста на Европската комисија и нејзините оперативни тела. Потполно сме свесни дека Европската комисија и другите институции ја имаат приоритетно одговорноста кон своите земји и своите граѓани, но за да ја зацврстиме меѓусебната доверба и за да ја продолжиме нашата натамошна здрава соработка очекуваме да бидеме и третирани како партнери. 

Покажавме во текот на мигрантската криза во 2015 година, а покажуваме и сега на дело дека нашава територија не е само географски поим, туку составен дел на ЕУ по сите основи. Она што се случува на Балканот веќе следниот момент се пренесува во ЕУ. Така беше со миграциите, уште повеќе така е и со корона вирусот. Тој не познава граници, а интеракцијата на нашите граѓани со земјите од ЕУ беше голема и секојдневна. Затворањето на границите не го сопре вирусот, само го успори неговото ширење. Какви и да бидат заштитните мерки што ги воведува секоја држава унилатерално или координирано на ниво на ЕУ, нема да ја промени географијата. Во сѐ што ќе се случува натаму сме заедно и заедно треба да дејствуваме и да се координираме.

По релативно млакиот одговор на ЕУ на епидемијата која, во меѓувреме, прерасна во пандемија се случи вонредниот Европски совет (на 10 март за првпат како видеоконференција) кој го одбележа почетокот на „вистинската војна“ против пандемијата при што беа лансирани мерки со широк размер за спречување на ширењето на вирусот, за обезбедување на потребната медицинска опрема и материјал, за поттикнување на истражувањата поврзани со соодветна нова вакцина и пресретнување на социо-економските последици. Следуваше и видеоконференциска средба на ниво на Г7 светските лидери со што се призна ширењето на епидемијата како опасност од глобални размери по здравјето и животите на луѓето, но исто толку голема опасност и по стабилноста на светската економија. Исклучително трагичниот развој на настаните во Италија, Шпанија, Франција, Германија и сите други земји членки на ЕУ без исклучок, САД и глобално целата Земјина топка, резултираше со затворање на границите, укинување на слободното движење на луѓето, затворање на образовните институции, хотели, ресторани, туристички дестинации, воведување вонредни мерки во дел од земјите членки на ЕУ. Неминовна последица на таквиот развој беше прекин во транспортот, намалување или стопирање на производството што, пак, предизвика голем број на работници да ги изгубат работните места и последователно силен притисок на социјалните системи. Рецесијата е неизбежна, неизвесно е само колкава ќе биде. На 18 март реагираше Европската централна банка со отворање на Програма за итни потреби за борба против пандемијата со 750 милијарди евра со цел да влее доза на сигурност во стабилноста на еврото.


(фото: https://www.bioworld.com/)

Паралелно сите земји членки на национално ниво спроведуваат свои програми за амортизација на загубите и дисбалансите предизвикани од глобалната криза при што времено се олабавени сите ограничувања од делот на конкуренција и државна помош. За да им овозможи простор на своите членки, Европската комисија излезе и со мерки со кои се овозможува задолжување без да се запазуваат фискалните правила за ограничен буџетски дефицит и ниво на задолженост. Комисијата ослободи и 37 милијарди евра од Кохезискиот фонд за итни потреби за здравствените институции за земјите членки на ЕУ, за поддршка на малите и средни претпријатија и помош на пазарот на трудот. Во процедура е и проширување на Солидарниот фонд на ЕУ со можност финансирање на активности во здравствениот сектор. Важни мерки се преземени и во делот на транспортот со цел обезбедување на непречен транспорт на стоки и враќање барем на дел од производството во живот, како и помош на авиокомпаниите кои се најпогодени од првиот налет на заштитните мерки. Состојбата се менува од час во час и Европската комисија предлага и презема дополнителни итни мерки со висока доза на флексибилност.
Нема да се осврнам на мерките што ги презема Владата секојдневно во рамките на можностите на нашата монетарна и фискална кондиција, но ќе се осврнам на неколку правци кон кои би можеле да пристапиме од наша страна по однос на нашата соработка со ЕУ.

• Потребно е отворање канал за итна координација со ЕУ со цел да ги размениме информациите и да ги усогласиме клучните мерки преземени од наша страна со оние од страна на ЕК, со респектирање на спецификите и користење на добрите пракси, пред сѐ во функција на заштита на здравјето и животите на населението, но и во насока на обезбедување непречен транспорт и олеснување на движењето на стоките во услови на стриктни ограничувања, како и економски мерки за опстанок на економските оператори и функционирање на јавните претпријатија. Координацијата која е секојдневна во ЕУ може и треба да се прошири на сите земји од Западниот Балкан, односно да се испита можноста и да се побара посредно вклучување (преку редовно брифирање) во Интегрираниот политички кризен механизам на Унијата (Integral Political Crises Response Mechanism-IPCRM). Овој механизам е активиран од 3 март со целосен капацитет за координација на ситуацијата од страна на хрватското претседателство.
• Може да се побара од ЕУ да ја вклучи Северна Македонија, односно Западниот Балкан во мерките кои ги предлага за земјите членки, третирајќи нѐ како регион со европска перспектива и иден дел од Европската Унија, пред сѐ преку поддршка на здравствениот систем, низ сите расположливи инструменти (соработка на експертско ниво со Европскиот центар за превентива и контрола на заразни болести (European Centre for Disease Protection and Control-ECDPC) и користење на Механизмот за цивилна заштита на Унијата (Union Civil Protection Mechanism-UCPM) кој е веќе активиран за есенцијални и витални итни потреби.
• Владата веќе побара и треба да се инсистира на итно вклучување и на земјите од Западен Балкан во имплементирачката регулатива (Commission Implementing Regulation (EU) 2020/402 of 14 March 2020 making the exportation of certain products subject to the production of an export authorization) која се однесува на авторизација на секој извоз на заштитна медицинска опрема (маски, очила, скафандери, ракавици, заштитни мантили, капи итн.). Барањето на Владата е поддржано и од страна на групата пријатели од Европскиот парламент.
• Би можело веднаш да се изготви пресек на сите неангажирани средства од Програмата ИПА и да се побара нивна пренамена за превенција и борба против ширењето на вирусот, во координација со надлежните служби во ЕК во Брисел и ДЕУ во Скопје.
• Треба да се иницира и итна директна буџетска поддршка (или пренамена на постојната) за поддршка на функционирањето на здравствениот систем и на сите јавни здравствени институции.
• Владата побара пренамена на 50 милиони евра кои се во процедура на одобрување како награда за реформските постигнувања, а со цел санација на економските негативни ефекти од кризата, веднаш по нејзиното смирување, со цел да се помогнат економските оператори да се вратат назад во производството и делумно да се санираат евидентните загуби на среден рок (производство, пазари, партнери и сл.).
• Да се побара од ЕУ во услови на криза (за што има основ и во ССА) да се толерираат критериумите за државна помош и конкуренција, со нивна корекција по кризата.
• Треба да се подготвуваме и за барање на макрофинансиска помош од ЕУ за поддршка на платниот биланс, за што имаме основ во ССА, комбинирано со барањето што го упативме за помош од страна на ММФ и на Светската банка.

ТРЕБА ДА СЕ ИНИЦИРА И ИТНА ДИРЕКТНА БУЏЕТСКА ПОДДРШКА (ИЛИ ПРЕНАМЕНА НА ПОСТОЈНАТА) ЗА ПОДДРШКА НА ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ И НА СИТЕ ЈАВНИ ЗДРАВСТВЕНИ ИНСТИТУЦИИ

Постапките не се едноставни, ниту стандардни, но во вонредни услови треба да се бараат вонредни решенија.
Сигурен сум дека огромен број од нас, особено оние кои се одговорни за јавните политики, јавните услуги и јавното здравје, би биле најсреќни кога би можеле да го вратиме времето наназад барем за малку за да можеме да се поправиме, да реагираме побрзо и да се подготвиме подобро. Но, за жал, никој не успеал да го врати времето наназад, ниту да предвиди однапред пандемија. Затоа ни останува освестено да дејствуваме со она што го имаме и што можеме да го обезбедиме во вакви услови и да сториме сѐ за да спасиме што е можно повеќе, од вирусот или од економските последици.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО