Lifestyle

СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ – ОТМЕНОСТ И ПРЕФИНЕТОСТ НАСПРОТИ КАФАНСКОТО ЗВУЧНО ЗАГАДУВАЊЕ

СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ aka ЕгоТрип

Диџеј име: ЕгоТРИП (EgoTRIP), но тие што ме букираат ме потпишуваат со Срѓан Јаниќијевиќ (со сите можни грешки во моето име и презиме)

Возраст: 48 години

Стил: Нема лоша музика, има само лошо распоредена музика – моето ДЏ-мото

Особен знак: Режисер, со лонгборд сурфам до местото кај што сум букиран

Резидент/омилени места за сет: Кино Карпош, Нано Бар, Тирио, BKW

Песна/албум на 2018 г.? Не сум баш пресреќен со албумите во оваа година, ама може да набројам 10:
1. Kamasi Washington – Heaven and Earth
2. Dirtmusic – Bu Bir Ruya
3. Kadhja Bonet – Childqueen
4. Jungle – For Ever
5. Young Fathers – Cocoa Sugar
6. Mitski – Be the Cowboy
7. US Girls – In Poem Unlimited
8. Fatumata Diawara – Fenfo (Something to Say)
9. Shame – Songs of Praise
10. Gwenno – Le Kov.
Песна: LUMP – Curse of the Contemporary

Доктор ДЏ, ако твоите слушалки ги замениш со докторски, која е твојата дијагноза за пулсот на Скопје/Македонија?
Реално најубави реакции имало кога сум пуштал современ џез. Млади, убави и опуштени луѓе позитивно изненадени од музиката. Како да има потреба од некаква желба за отменост и префинетост наспроти кафанското звучно загадување.
А сега со слушалки – најверојатно од напнатоста и хистеријата на нашава средина (политика, сообраќај, загаденост) сите имаме некоја тахикардија, аритмија, брадикардија, прединфарктна состојба итн., па пулсот ни е нездрав. Овие дијагнози не се лесни за лечење. Како и секој проблем со кардиоваскуларниот систем, треба многу вежбање, здрава исхрана и правилна терапија. Дали можеме Скопје да го излечиме ако е во прединфарктна состојба, не знам. Ама во секој случај со упорност и посветеност може да се нормализира состојбата. Повеќе движење, ослободување од архитектонскиот холестерол, бајпас на имбецилната политика, стентирање со чист јавен сообраќај итн. Накратко, ако внесеме здрави навики во животот, и пулсот ќе се врати во нормала.

Со еден збор, во каква Македонија сакаш да живееш во 2019 г.?
Ништо што ќе посакам не може да се оствари во 2019 г. поради тоа што треба време. Ама барем да видиме дека почнуваме да ги менуваме нездравите навики за да може Македонија да ја видиме како нормална држава.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано