Интервјуа
СЕКОЈ НЕКА СТАНЕ ФАКТОР НА ПОЗИТИВНОСТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Мајк Зафировски
Еден од основачите на „Македонија 2025“

Мајк Зафировски, горд американец и горд македонец, како што вели самиот. Долги години е неуморен борец за просперитетна Македонија. Ова инспиративно интервју прави да се запрашаме што уште може секој од нас да направи за нашата земја


Да започнеме со претстојниот престижен настан - Македонскиот Економски Самит 2015, кој ќе се одржи во Скопје во периодот од 18-20 ноември. Самитот е во организација на “Македонија 2025”, каде вие сте ко-основач и член на Одборот на директори. Која е генералната цел на Самитот?

M.Зафировски: Економскиот Самит ја поддржува севкупната мисија на MK2025, а тоа е да помогне да се создаде попросперитетна економска клима и да се изгради “посилна нација”, која ќе ги зголеми можностите и иновациите за граѓаните, домашните компании и странските инвеститори. Самитот е многу важен настан кој се одржува секоја година за да помогне во остварувањето на оваа мисија.”
Имаме толку многу исклучителни умови (локални Македонци; луѓе од дијаспората; локални и глобални компании од сите големини; граѓани на светот) кои сакаат да и дадат нешто на Македонија во форма на знаење, идеи и најдобри практики. Значи, накратко би кажал дека целта на Самитот е да даде визија, да инспирира и да поврзе.

Ја видов листата од повеќе од 35 говорници од 15 земји; таа ги вклучува Џон Битов јуниор, Хари Крејмер, поранешен извршен директор на Бакстер Интернешнал, Гаетано Масара, извршен директор на ГЕ (Џенерал Електрик) за Југоисточна Европа, Исак Адижес, Стив Шарп, извршен директор на Еуромакс Рисорсиз, Лу Наумовски, Кинрос Голд Корпорејшн Канада, Живко Мукаетов, Алкалоид, Џим Дан, итн., да именувам само неколку. Изгледа прилично неверојатно дека сите овие многу успешни луѓе ќе дојдат во Скопје. Како “Македонија 2025” успеа да собере таква импресивна група говорници?

M.Зафировски: Навистина е импресивно, но не треба да се гледа како неверојатно тоа дека овие луѓе се во посета на Македонија. Земјата ужива репутација која ја негуваат голем број успешни луѓе кои ја претставуваат во странство како некој што е од Македонија и се разбира, луѓе во земјата кои даваат сè од себе за да бидат добри граѓански амбасадори. Говорниците доаѓаат, бидејќи биле поканети од некого во или од Македонија. Она што е уште поважно е тоа што луѓето во Македонија ги користат овие настани за да размислат за нивното знаење, за нивниот начин на размислување, за тоа како тие го гледаат бизнисот и нивната улога како бизнисмен или како компанија во земјата. Тоа е она што го прават вистинските лидери, како што се оние кои доаѓаат да зборуваат на Самитот.

Кои теми ќе бидат опфатени на Самитот?

M.Зафировски: Самитот ќе опфати актуелни теми поврзани со бизнис и менаџмент, технологија, Интернет, ИТ и телекомуникации, личен раст и многу други. Сепак, многу од говорниците ќе го стават во перспектива нивното лично искуство кое е поврзано со погоре наведените како и со други теми. На пример, ќе се разговара за паметни (смарт) градови и за Интернет на нештата (Internet of Things), за промена на културата во рамките на една организација, потоа ќе се обидеме да прикажеме што е тоа што и е потребно на Македонија за да се развие во центар за одредени индустрии, и многу други работи.

Верувам дека сите дискусии на Самитот ќе дадат цел мозаик на идеи кои треба да послужат како стратешка насока за напредок на македонското општество и бизнис секторот. Во овој контекст, какво е вашето мислење? Што треба да се направи со цел Македонија да се стави на патеката на брз и одржлив економски раст?

M.Зафировски: Постојат исклучителни луѓе во Македонија, но има ли доволно луѓе или институции кои можат да им овозможат и да им помогнат на оние со напредни идеи и активности да ги реализираат нивните потенцијали? Македонија се наоѓа на точка каде што секој мора да има желба да стане подобра личност, подобар вработен, подобар шеф, подобар говорник, подобар слушател. На земјата и треба повеќе ентузијазам за промена и оптимизам за иднината. Постои инфраструктура, постои знаење, но тоа мора да биде интегрирано во движечка сила која ќе води напред. Мотивацијата е двигател којшто може да ги одведе поединците и компаниите кон успех, а Самитот во целина е добро место за добивање мотивација (и повеќе знаење) за да го направите она што сакате да го направите.
На пример, сум имал многу мотиватори и ментори во мојот живот, од Џек Велч (мојот поранешен шеф во ГЕ/Џенерал Електрикс), Питер Дракер (според мое мислење, најдобар на сите времиња во областа на практикувањето менаџмент и лидерство), Хари Крејмер (близок пријател, поранешен извршен директор на Бакстер, кој стана најпопуларниот професор на Келог школата за менаџмент, на теми како што е “лидерство базирано на вредности“); и, се разбира, покојниот Џон Битов Постариот (одличен пример за тоа како оптимизмот ги претвора соништата во реалност, и извонреден пример за тоа како да се биде добар сопруг, татко, роднина, пријател, бизнисмен, филантроп, глобален граѓанин, македонски патриот). Јас постојано се обидувам да учам и да се подобрувам; не постои замена за тоа. Многу луѓе зборуваат за потребата другите да се подобрат и да се променат, јас предлагам секој од нас секогаш да започне од себе си! Знам дека не е лесно. Да, секогаш е полесно да се зборува за другите, но не е ни приближно толку продуктивно!

МАКЕДОНИЈА СЕ НАОЃА НА ТОЧКА КАДЕ ШТО СЕКОЈ МОРА ДА ИМА ЖЕЛБА ДА СТАНЕ ПОДОБРА ЛИЧНОСТ, ПОДОБАР ВРАБОТЕН, ПОДОБАР ШЕФ, ПОДОБАР ГОВОРНИК, ПОДОБАР СЛУШАТЕЛ

Со цел да успее во иднина, Македонија мора да има многу систематски приод. Каков вид на бодовна карта треба да развиеме и кои треба да бидат компонентите, индикаторите во таа бодовна карта?

M.Зафировски: Македонија 2025 работеше на сет метрички индикатори за кои ќе известуваме на редовна основа. Оваа “табела” ќе се состои од економски и неекономски метрички индикатори од кои неколку ќе бидат земени како клучни индикатори, како на пример: БДП по глава на жител; раст на БДП; износ на СДИ; квалитет на образованието; истражување и развој; леснотија на водење бизнис; напредок во намалувањето/елиминирањето на корупцијата; и иновации. Ќе има цели што се остварливи, кои ќе бидат споредени со исти цели во земји кои имаат атрибути кои се споредливи со Македонија, на пример Грузија. При известувањето за тоа какви се остварувањата на Македонија низ времето, ќе користиме јавно достапни информации и ќе даваме периодични коментари и анализи, кои би давале насоки за различните засегнати страни, и би претставувале форум за дискусии и соодветни активности.

Се чини дека Самитот, со сите еминентни предавачи и теми кои ќе бидат покриени, е настан кој не смее да го пропушти никој кој би сакал да го прошири бизнисот во иднина. Конечно, што мислите дека ќе биде додадена вредност за оние кои размислуваат да присуствуваат на овој Самит? Имате ли порака за нив?

M.Зафировски: Компаниите кои нудат услуга или производ од светска класа, можат да посегнат и да се поврзат. Оние кои имаат некаква идеја или неодамна почнале да се развиваат може да најдат партнери, а можеби и инвеститор. Ако луѓето знаат што сакаат да постигнат, можат да добијат операбилни информации врз кои може да развијат сопствена стратегија или следен голем потег. Во таа насока, Самитот е најдобар начин да ги тестирате вашите бизнис и претприемачки вештини на еден навистина глобален настан, токму овде во Македонија. Можам да го кажам истото за поединци кои сакаат да станат подобри вработени, менаџери и лидери.

Сега да се осврнеме на “Македонија 2025”. Вие сте еден од ко-основачите. Кога ќе погледнете наназад, како ги оценувате постигнувањата досега?

M.Зафировски: Во изминатите неколку години, ние стануваме се повеќе проактивни како организација, со бизнис заедницата и дијаспората. Како земја, Македонија нема долга традиција во градењето на институциите. Македонија 2025 станува институција која се здобива со искуство за преземање на проекти кои носат поголем предизвик и кои се однесуваат на конкретни случаи. Се надевам и верувам дека една проактивна тинк-тенк организација ориентирана кон преземање активности, која има широк опсег, ќе биде добра за земјата и за нејзините граѓани.

Во септември 2015 година, во Охајо, САД, се организираше Гала вечера за собирање средства, која ја организираше “Македонија 2025”. Што беше постигнато со овој настан? Интересно е тоа што поранешниот американски претседател Џорџ Буш, исто така беше присутен на вечерата.

M.Зафировски: Администрацијата на претходниот претседател на САД, г-дин Џорџ Буш, ја призна Македонија под нејзиното уставно име и беше сосема соодветно да го поканиме како почесен гостин во Охајо, каде што постои заедница на Македонци. Целта на Гала вечерата беше 1) да се зголеми свеста за напредокот, предизвиците и потребите на Македонија; 2) да се претстават целите и постигнувањата на Македонија 2025 и 3) да се соберат средства за образовниот фонд на Македонија 2025, чија цел е да им се помогне на исклучителни луѓе од Македонија да студираат и да добијат дополнителни квалификации, да ги развијат лидерските капацитети, и да стекнат искуство преку менторство, вмрежување, како и програми на некои од најдобрите училишта во САД и Канада. Гала вечерата беше многу успешна. Многу Македонци и пријатели на Македонија дојдоа да не поддржат. Добивме поддршка од компании и ние сме подготвени да се надградиме од каде што почнавме.

Македонското општество е силно поделено од политичка гледна точка. Во такви околности, се очекува практично од секого да избере страна, постои некој вид на став “или си со мене или против мене”. Како “Македонија 2025”, се справува со овој предизвик, за да и помогне во голема мера на земјата, но да остане политички независна и да се гледа на неа како на непристрасна организација?

M.Зафировски: Објавивме соопштение коешто беше пренесено од страна на медиумите, каде што велиме дека сме непартиска, невладина, независна организација која е заинтересирана за добросостојбата на Македонија. Во истото соопштение подвлекуваме дека очекуваме политичките партии да ја прифатат транспарентноста и демократските вредности и дека медиумите и луѓето треба да бидат во можност да известуваат и да зборуваат слободно. Ставот „или си со мене или против мене“ е непотребен. Конвенционалната мудрост вели дека работите никогаш не се црни или бели и дека луѓето треба да ја третираат ситуацијата во зависност од конкретниот случај, а потоа да се изгради позиција. На пример, нашата организација соработува со владини агенции, кога станува збор за привлекување на инвестиции, бидејќи потенцијалните инвестиции на крајот треба да се процесираат од страна на владата. Сепак, по својата природа и секојдневната работа, Македонија 2025 е независна од било какво влијание на политичките партии.



Какви се плановите на “Македонија 2025” за во иднина?

M.Зафировски: Постигнавме добра „висина на летање“ но сакаме да ги забрзаме активностите и наративите на економскиот развој, преку поврзување на луѓето со професионалци од дијаспората, организирање на едукативни активности, и пронаоѓање на иновативни нови начини за да се влијае врз севкупниот развој на земјата.

Генерално, Македонија мора да најде начин да ја вклучи македонската дијаспора во идниот развој на земјата. Таму постои неверојатен фонд на знаење и ресурси кои се на располагање, но овде за дијаспората се дискутира главно во контекст на изборите, во смисла дали таа ќе има право на глас или не? Како да се изгради тој мост, со цел да се забрза економскиот раст и развој на Македонија?

M.Зафировски: Дијаспората од Македонија е многу разновидна во смисла на временскиот период кога луѓето ја напуштиле земјата. Имало неколку бранови на луѓе кои мигрирале на различни дестинации. Секој бран има своја перцепција за тоа што е Македонија и какви чувства буди. Но, без сомнение, секој бран има посебна интимна врска со земјата и луѓето се грижат за неа, особено првите бранови на емигранти. Дијаспората е човечки капитал за Македонија. Самитот во Скопје е доказ дека професионалците од дијаспората ги реинвестираат своите знаења во земјата. Со цел да се забрза економскиот раст и развој, луѓето од дијаспората треба да најдат соодветни, доверливи, вредни партнери. Во суштина, односите меѓу татковината и дијаспората треба грижливо да се негуваат, а оние на кои им значи негувањето на тие односи треба да посетуваат настани како што е Самитот за да запознаат Македонци кои живеат во странство.

Верувам дека нема многу луѓе коишто знаат дека имате дипломирано математика. Колку математиката ви помогна во вашата професионална кариера? Дали универзитетските дипломи од областите СТЕМ (наука, технологија, инженерство, математика) се иднината на пазарот на труд?

M.Зафировски: Математиката исклучително многу ми послужи. Не само затоа што математиката е насекаде во светот на бизнисот, туку затоа што рано ми всади дисциплина и јасност во размислувањето, во смисла на тоа како им приоѓам на проблемите. Треба да продолжиме да ги поттикнуваме младите луѓе да ги истражуваат областите СТЕМ, и да се запишуваат на тие факултети доколку им се допаднат. Образованието и професиите во областите СТЕМ се огромни двигатели на иновации во економијата, а со тоа, и на добросостојбата на граѓаните и народите.

Имате навистина импресивна професионална кариера. Дваесет и една година бевте претседател/извршен директор/оперативен директор на Нортел, Моторола и други компании. Во тие 21 година, растот на приходите на компаниите во кои работевте надмина 8 отсто на годишно ниво. Исто така, вие сте во Бордот на директори на Боинг веќе 11 години, а претседавате и со голем број на компании за Блекстоун Груп. Имајќи ја предвид оваа професионална изложеност, која е вашата порака до бизнис секторот во Македонија?

МАКЕДОНИЈА ИМА ПОСЕБНО МЕСТО ВО СВЕТОТ, И НИЕ МОРА МНОГУ ДА РАБОТИМЕ ЗА ТАА ДА ГО ЗАЧУВА ТОА МЕСТО И ЗА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА ВО ОНА ШТО МОЖЕ ДА СТАНЕ. ЖИВЕЕМЕ ВО МНОГУ ВОЗБУДЛИВИ ВРЕМИЊА ПОЛНИ СО ПРЕДИЗВИЦИ, КАДЕ ОПШТЕСТВАТА МОРА ДА СЕ ТРАНСФОРМИРААТ ЗА ДА НЕ ЗАСТАРАТ. ТОА Е ПРЕДИЗВИКОТ ЗА МАКЕДОНИЈА

M.Зафировски: Нека дојдат на Самитот! (и да, само делумно се шегувам). Ова е широко прашање и може да ми бидат потребни неколку часа за да дадам целосен одговор. Но, дозволете ми да посочам неколку многу општи опсервации, по што би истакнал и две посебни препораки. Ќе започнам со опсервациите. Прво, водењето бизнис не е лесно само по себе, но е релативно лесно во споредба со предизвиците како што се решавање на проблемот со гладот во светот, или решавање на територијалните спорови. Не треба премногу да ги комплицираме и/или премногу да размислуваме за нашите деловни активности. Втора опсервација е дека добро водените бизниси се вистински дар за општеството, тие обезбедуваат вработување, достоинство кое произлегува од работата, квалитет на живот, потребни услуги и производи по пристапни цени, иновации, итн. Имплицитните можности и одговорности за нас кои сме во бизнисот (без разлика дали сме вработени, менаџери, сопственици) се значајни и неограничени. Моите две специфични пораки кон бизнис секторот се следниве:
1) Бидете предводник. Започнете со тоа што ќе правите сè што можете за да бидете најдобар што може. За повеќето од нас, тоа е долг список, но тоа е добра вест. Списокот ги претставува можностите за секого од нас поединечно, за нашите компании, како и за целата земја.
2) Ангажирајте се повеќе и станете поголем дел од решението. Инвестирајте го вашето време и таленти во бизнис организации и тинк-тенк организации (на пример стопански комори, МК 2025, итн.) и промовирајте паметни политики и реформи; кажете ги очекувањата и приоритетите за образованието; вклучете се во политичкиот процес со тоа што вашиот глас и потреби ќе бидат слушнати.

Г. Зафировски, да го завршиме ова интервју со едно лично прашање. Во Република Македонија постои силна перцепција дека вие сте многу успешен во својата професионална кариера, но во исто време инвестирате многу напори и енергија, со години, за да и помогнете на Македонија. Од каде доаѓаат оваа љубов и страст за Македонија?

М. Зафировски: Како прво, ова е моја родна земја и земја на моите предци. Сега сум горд Американец, но исто така сум и горд Македонец. Двете носат значајни одговорности, вклучувајќи го и тоа никогаш да не заборавите од каде сте дојдени, како и да им помогнете на другите најмногу што можете. Покрај тоа, многу е важно да се запамети (и да се потсети светот) дека стабилна, просперитетна, инклузивна и демократска Македонија е многу потребна во овој важен и нестабилен дел од светот.
Како таква, освен што има прекрасна природа, многу интересна и сосема уникатна културна традиција, би сакал да ја видам Македонија да стане земја со подобра и посилна нација, инклузивна земја со добро владеење на правото и со добри институции. Македонија има посебно место во светот, и ние мора многу да работиме за таа да го зачува тоа место и за да се реализира во она што може да стане. Живееме во многу возбудливи времиња полни со предизвици, каде општествата мора да се трансформираат за да не застарат. Тоа е предизвикот за Македонија. Тоа е добар предизвик, вреди да се учествува во него, вреди да се биде фактор кој овозможува, фактор на позитивност. Заради оваа причина ги поканувам сите да ја споделат страста на Македонија 2025 во помагањето Македонија да стане посилна нација!

Зоран Јовановски
(ноември 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top