Интервјуа
ГО ГУБИМЕ ПАЗАРОТ НА КОСОВО

Неби Хоџа
Претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија

 

 


Господине Хоџа, Вие сте новиот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија. За почеток, кажете ни нешто повеќе за Вас, за Вашето образование и за досегашната професионална кариера.

Н. Хоџа: Роден сум во Скопје, по професија дипломиран електроинженер, потекнувам од големо еснафско семејство што веќе пет децении се занимава со изработка на златен накит. По студиите се вратив на традицијата на фамилијарната дејност каде што како менаџер занаетчиската дејност смарагд ја развив во фирма со меѓународен карактер.
Од 2003 година сум основач и косопственик на АСК (Американ скул оф Косова), колеџ во Приштина, АСК е К-12 образование со американски образовен систем акредитиран од Вашингтон. АСК е познат како една од најпрестижните образовни институции во Косово и пошироко.
Од 2006 година влегов во партнерство во дрвниот комбинат „Тефик чанга“ каде што ја реорганизиравме фабриката во три нови опремени одделни фабрики: „Дивани“, „Децо“ и „Тедес контракт“, сите три од областа на мебелот и на ентериерот.
Покрај производството, дел од бизнисот е и компанијата „Рубин инвест“ која се занимава со градежништво, со над десет станбени и деловни згради. Сите овие компании се дел од „ОЏА-Гроуп“ групацијата каде што претежно се фамилијарни компании.
Во својата кариера, освен бизнисот, веќе дваесет години бев член на неколку невладини граѓански организации како: Управен одбор на еснафот на Скопската чаршија, Управен одбор на Фондацијата на Албанците за стипендии, преседател на Балканската асоцијација на златари и веќе четврта година како член на Управниот одбор на СКСЗМ.

Кои се основните факти за Комората, бројот на членки, нивниот вкупен промет, бројот на вработени итн. Каква е Вашата оценка за севкупниот бизнис на Вашите членки?

Н. Хоџа: Стопанската комора на Северозападна Македонија е основана со новиот Закон за стопански комори во 2005 година. Да споделам една тајна со вас. Според овој Закон ние сме најстара стопанска комора во Македонија. Ние почнавме во Тетово каде што за почеток вкупно имаше 122 членки, но за две години се преселивме во Скопје со двапати зголемен број на членки и, секако, зголемувајќи ги административните капацитети. Денес СКСЗМ брои околу 1.800 членки кои дејствуваат во различни индустрии и се распространети речиси на целата територија на Република Македонија. Само 100 од најголемите компании за 2014 година имаат реализирано околу 600 милиони евра годишен обрт, 15 наши членки се во ТОП 200 најуспешни компании во конкуренција со јавните претпријатија, телекомуникациските корпорации, нафтените компании, што е показател за нивниот успех. Стоте најголеми работодавачи имаат вработено околу 5.000 вработени без да се земат предвид сезонските вработувања кои би го зголемиле овој број во голема мера.
Јас го делам мислењето дека тие се многу успешни со оглед на тоа што немаат институционална поддршка, имаат тешкотии во пристап до кредити и севкупно постои не многу поддржувачка клима кон нив.

Минатата година ја оценивте како мошне тешка за бизнисмените во Република Македонија. Кои се оние работи на кои најмногу се жалат Вашите членки?

Н. Хоџа: Последните години би рекол дека жалбите на нашите членки се движат во иста насока така што би ги нагласил следниве: нееднаков третман на домашните со странските компании или преголем приоритeт на надворешните директни инвестиции оставајќи ги на страна домашните инвеститори кои од постоењето на Македонија како држава придонеле за развој, исто така биле и сè уште се главен извор за полнење на буџетската каса и реален двигател на економијата, потоа ригорозната фискална политика или би рекол казнувачка политика која нема цел едукација на компаниите за тие да бидат редовни плаќачи на данок и да се намали сивата економија, туку по секоја цена да се казнат, ненавременото враќање на ДДВ кон компаниите, ненавремените плаќања на долговите кон приватните компании, корупцијата како сериозен проблем, нефункционирање на државниот апарат - админстрацијата, процедурите за царинење при извоз, добивањето дозволи и воопшто неработењето на царинските терминали и сл.

Што е она што го оценувате како позитивно во тековното функционирање на македонската економија?

Н. Хоџа: Секако дека има и позитивни трендови во годината што ја оставивме, и тоа во дадените напори за привлекување странски директни инвестиции и намалувањето на гепот во трговската размена или намалувањето на трговскиот дефицит, но за ова ја критикуваме власта поради монополистичкиот пристап за постигнување на ваквиот резултат.

Вашето предвидување за 2016 година не беше многу оптимистичко. Предвидувате дека растот на македонската економија нема да надмине 3%. На што се темели ваквиот воздржан оптимизам?

Н. Хоџа: Нашите предвидувања не се емоционални, туку рационални. Нашите проценки се направени врз база на некои економски параметри и политички околности. Пред сè, оваа година ќе имаме техничка влада која ќе има обрвска да ги организира предвремените парламентарни избори и нема да може да преземе инвестициски активности, исто така бегалската криза ќе продолжува и оваа година. Политичката нестабилност го блокира патот кон интеграција во ЕУ и во НАТО. Проблемот со Грција, сојузник на Нато и на Еу, за името. Свесни сме дека овој процес има директно влијание во надворешните директни инвестиции. Врз основа на овие аспекти, на сите политички актери ќе им предложиме конкретни мерки за економски развој на државава.

Да се свртиме кон можните решенија за проблемите. Што е она што би помогнало за побрз економски раст? Вие предлагате цел пакет мерки. Што содржат конкретно Вашите предлози? Како може најдобро да им се помогне на Вашите членки за да бидат подобри во бизнисот?

Н. Хоџа: Првин ние ќе доставиме предлози за економски развој во кој се инкорпорира и економскиот раст бидејќи во годините наназад ние само зборуваме дека имаме раст, додека пак животниот стандард на граѓаните гледаме дека не се менува во иста насока ниту зголемувањето на нашите компании или снабдувањето со најновa технологија којa би билa потенцијал за развој. Ние постигнуваме економски раст во бројки поради извозот од слободните зони, но тоа не се забележува во реалниот живот во земјава. Нашите мерки или предлози ќе бидат посеопфатни и ќе се фокусиираат на повеќе области како што се: легислативата, економските политики кои, по себе, се многу широк поим и имаме конретни чекори кои сме сигурни дека ќе му помагаат на реалниот сектор за развој и за раст. Нашиот пакет мерки ќе биде јавно предложен и вие ќе бидете информирани за тој настан. Во овој момент не можеме конкретно да ви ги кажеме содржините.
Секако најважен аспект е едукацијата, државната помош во областа ослободувања од даноци на старт-ап или на специфични сектори, полесен пристап до финансиски средства со ниски камати, планирање на државни квоти во областа на набавките, да има квоти за набавките од бизниси кои се менаџираат од младите, од жените, од луѓето со инвалидитет со што и овие категории ќе ги мотивираме да останат во државава, истовремено ќе имаме посилни мали и средни претпријатија кои се двигател на светската економија или на националните економии поединечно.

Успева ли да го искористи Република Македонија својот потенцијал за поголемо присуство на пазарите во Косово и во Албанија? Извозот кон Косово има тренд на сериозен пад. Што треба да се направи во тој поглед? На пример, зошто толку долго време нема решение за проблемот со изградба на автопат на делницата Скопје – Блаце?

Н. Хоџа: Република Македонија како земја која долго време е „пред вратите на ЕУ“ требаше да игра улога на локомотива на економскиот развој на регионот. Од политичка гледна точка, само со овие земји ние како држава немаме меѓудржавен спор. Со Косово дури немаме ни јазични бариери, блиските односи треба да се негуваат и да резултираат во подобрена економска билатерална соработка. Последниве години го изгубивме тој позитивен економски биланс што го имавме. Економските оператори во прекуграничните зони меѓу Македонија и Албанија имаат основано партнерства, но тие не можат да се реализираат бидејќи во пограничните премини постојат административни бариери и не се вршат царински услуги кои создаваaт дополнителен проблем за бизнис заедницата. Горлив проблем останува патната инфраструктура. За жал, и тука удел има политиката. Целата инвестиција на државата е фокусирана на Коридор 10, додека Коридорот 8 останува неприоритетен на оваа владина гарнитура без разлика што тој прекугранично може да ни нуди предност во споредба со Коридор 10. Овој пад на извозот со Косово се одрази со раст на економска размена меѓу Косово и Албанија со изградбата на автопатот Приштина - Тирана (256 км). Ние го губиме пазарот на Косово во однос на Албанија за 13 км автопат од обиколницата до Блаце.

Како ја оценувате соработката на Вашата Комора со Владата? Има ли респонзивност од нејзина страна за Вашите предлози?

Н. Хоџа: Нашата Комора има цел да одржува и да ја унапредува својата соработка со сите засегнати страни за економскиот развој на државава. Истиот пристап е и со Владата на РМ. Ние како Комора целиме кон тоа да ги заштитиме нашите членки како клучни чинители на економскиот развој и неминовно е да имаме однос со креаторите на политиките во земјава. Односот со Владата е генерално коректен, со некои министри односот е унапреден како резултат на нивниот проактивен пристап. Но, ние немаме никакви препреки да алармираме за проблемите во економијата на државава, како на пример огромното задолжување или недостатокот на инвестициите во патната инфраструктура. Предлагаме конкретни мерки за премостување на идентификуваните проблеми. Ние сме тие да правиме бизнис, а тие мора да ни го овозможат тоа. Треба да се внимава на триаголникот држава - партија - бизнис затоа што во ваков случај не гледаме перспектива.

ОВОЈ ПАД НА ИЗВОЗОТ СО КОСОВО СЕ ОДРАЗИ СО РАСТ НА ЕКОНОМСКА РАЗМЕНА МЕЃУ КОСОВО И АЛБАНИЈА СО ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ ПРИШТИНА - ТИРАНА (256 КМ). НИЕ ГО ГУБИМЕ ПАЗАРОТ НА КОСОВО ВО ОДНОС НА АЛБАНИЈА ЗА 13 КМ АВТОПАТ ОД ОБИКОЛНИЦАТА ДО БЛАЦЕ

Интересен е Вашиот став за тоа дека странските инвестиции што се базираат на ниски плати не носат долгорочно одржлив прогрес. На што се должи ваквиот став?

Н. Хоџа: Овој став СКЗМ го има спомнувано во неколку наврати и продолжуваме да го креваме гласот за тоа. Надворешните директни инвестии во слободните економски зони вработија околу 15.000 вработени и најголемиот дел се со ниски плати кои не се на ниво на просечната плата во Македонија или се околу 30 до 40% под просекот. Потрошувачката кошничка се движи околу 32.000 денари, ова е доволен показател дека со тие примања вработените ќе ги покриваат само трошоците за прехранбени производи и тоа со тешкотии. Ова е поради тоа што ние промовираме пазар со евтина работна сила што за нас е погрешна политика и важен показател зошто младите ни бегаат надвор од земјава. Не носат одржлив прогрес бидејќи тие само нумерички им служат на макроекономските показатели да ни прикажaт поголема покриеност на увозот со извоз и само толку.

Неодамна се огласивте и во поглед на проблемот со високата загаденост во Тетово, споменувајќи како решение изградба на обиколница. Можете ли да ни дадете повеќе детали за овој предлог?

Н. Хоџа: Загаденоста во Република Македонија станува голем проблем кој треба да се третира стратешки и долгорочно. Иако начелно ние сме заштитници на бизнис заедницата, еколошките и социјалните аспекти не треба да се занемарат. Ние како комора би поддржале алтернативни мерки што нема да ѝ наштетат на бизнис заедницата. Ние ја инициравме оваа идеја со другите општини што гравитираат во тој регион, но истовремено ги анализираме можностите на финансирање на проектот бидејќи изградбата на обиколницата ја гледаме како опција која би имала повеќекратен придонес за целиот регион, но ние не сме влада и само можеме да предложиме до нив конкретен проект и мерки и се надеваме дека ќе наидеме на слух од владините претставници.

Како го оценувате работењето на стопанските комори во Македонија? Имате ли предлози за унапредување на коморското работење во земјава?

Н. Хоџа: Коморите во Македонија се имаат етаблирано и се почитуваат во општеството. И тоа како факт е успех, но успехот треба да се претвори во важност. Да се биде важен треба кредибилитет што тешко се добива и многу лесно се губи. Сè на сè, коморите имаат јасно дефинирана цел и мисија. Ние како комора бележиме декада постоење, како организација растеме како од аспект на активностите што ги преземаме така и од аспект на членството. Генерално солидно се движиме, но секогаш има простор за подобрување.
Коморите првично треба да се поврзат меѓу себе како на институционален план, така и неформално бидејќи, без разлика што имаме различни членки, интересот е заеднички, т.е. економски и политички стабилна развиена држава. Коморите треба да се вклучат во консултативните состаноци на владините и на јавните институции кои креираат политики во областа на економскиот развој. Институционалниот дијалог е клучен за квалитетни законски решенија. Треба да постои институционална соработка меѓу коморите и академијата, односно универзитетите во Македонија како од аспект на практична примена на знаењата во бизнисот, така и од аспект на дефинирање на студиските програми. Предизвик останува зајакнување на капацитетите на коморите за анализа и за лобирање на законските решенија кои не секогаш се во прилог на бизнис заедницата.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top