Lifestyle
„БАЗЕЛВОРЛД“ (BASELWORLD) Раскошна ревија на луксузни часовници

Даниела Парат Јовановска

 

 


Не случајно народот вели „точен како швајцарски саат“. Рачните часовници се меѓу најпознатите извозни производи на Швајцарија. За илустрација, во 2014 година Швајцарија извезла рачни часовници во вредност од 21 милијарда швајцарски франци или тогашни 17,5 милијарди евра. За споредба, вкупниот извоз на Република Македонија во истата година изнесувал 3,7 милијарди евра.

 

Важен елемент за швајцарската индустрија на часовници се саемите, а најголем меѓу нив е „Базелворлд“ (Baselworld), меѓународниот саем на кој, освен часовници, се изложуваат накит и скапоцени камења. Овој осумдневен настан годинава ќе се одржи од 17 до 24 март во Базел, Швајцарија, и се очекува да привлече повеќе од 100.000 посетители од целиот свет. Првата саемска изложба „Базелворлд“ (Baselworld) се одржала во 1917 година и од тогаш наваму овој саем цврсто ја етаблира својата улога како една од најважните платформи за изложување иновации, креации и нови колекции на луксузни часовници и накит, кои ги поставуваат трендовите и определуваат што најмногу ќе се носи и за што најмногу ќе се зборува во текот на наредната година. Овој светски настан ги спојува најголемите играчи во изработката на накит и на часовници, како и трговците со овие луксузни производи.


„Базелворлд“ (Baselworld) ќе собере на едно место околу 1.500 изложувачи од 40 земји, кои се подготвени да ги презентираат своите иновации и креации пред светската јавност и да им ги прикажат на купувачите најновите достигнувања од овој сектор. „Ролекс“, „Омега“, „ТАГ Хојер“, „Брајтлинг“, „Бреге“, „Лонжин“, „Шопар“ и „Зенит“ (Rolex, Omega, TAG Heuer, Breitling, Breguet, Longines, Chopard и Zenith) се само неколку од многуте луксузни брендови кои ќе бидат презентирани на саемот.
Убавиот часовник е многу повеќе од направа која го покажува времето. Тој му дава софистицираност на вашиот деловен костум, додава шарм на вашата едноставна маичка и фармерки и претставува обележје на вашиот стил. Сите ние сме секогаш во потрага не само по обичен часовник туку и по забавни, нови парчиња кои би внеле промена и освежување на „украсот“ кој го носиме на рака. Најновите часовници кои ќе бидат изложени на „Базелворлд“ (Baselworld) се токму такви, возбудливи и привлечни, часовници кои секогаш го положуваат тестот на времето и кои се познати по нивниот висок квалитет и безвременска естетика. Во исчекување на претстојниот престижен настан, ви претставуваме мал дел од уникатните женски и машки часовници кои ќе бидат изложени на „Базелворлд 2016“ (Baselworld 2016).

март 2016

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top