Интервјуа
УЧЕНИЦИТЕ НА НОВА СЕ ФАКТОР НА ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ ВО СВОЈАТА СРЕДИНА

Венера Новаковска
Основоположник и директор на Меѓународните училишта НОВА

 

 

Госпоѓо Новаковска, наредната година Меѓународното училиште „НОВА“ ќе прослави убав јубилеј, 20 години од основањето. Во една прилика рековте дека своевремено, кога сте размислувале за проектот „НОВА“, Ве советувале дека „не е време за таква работа“. Кога ќе погледнете наназад, како Ви изгледаат сите овие години?

В. Новаковска: Наредната година се навршуваат 20 години од основањето на нашата прва образовна институција Гимназијата „НОВА“. Истовремено тоа е и првата приватна образовна институција која внесе нова динамика во македонската образовна реалност. Како носител на проектот, пред неговото конечно официјализирање, моја задача беше да ги соопштам неговите нови вредности и предности прво во потесниот образовен круг, а потоа и во пошироката јавност. Да ги убедам дека е време за промени во македонското образование ако сакаме да создаваме современа и модерна држава. Во тоа време тоа беше речиси невозможна мисија. Отпорот прво го почувствував од моите најблиски кои искажaa сомневање дека би можела да успеам во „една таква авантура”. Потоа се случуваа спонтани, но континуирани реакции од образовни експерти и институции кои, иако понесени од идејата, ме советуваа да не брзам, да почекам подобри времиња и созревање на нова свест во македонското општество која би ги препознала и оправдала вистинските промени. Сите ние бевме во право. Тие, затоа што во тоа време не постоеја услови за суштински образовни промени, но и јас затоа што бев убедена дека доколку се чека вистинското време, а не се поттикне, тоа никогаш нема да се случи. Гледано од оваа временска дистанца, можеби „НОВА“ успеа токму затоа што никогаш не се откажа. Го основавме училиштето за да поттикнеме нова образовна реалност, во време кога никој не веруваше или не сакаше да верува во различно образование. Ја градевме првата наменска гимназиска зграда кога Македонија се соочуваше со бегалската криза и бомбардирањата во соседството, и кога луѓето размислуваа како да ја напуштат државата. Промовиравме систем на мултикултурни и мултинационални вредности во време кога независна Македонија се справуваше со меѓуетнички воени конфликти. Подоцна, кога го проширувавме кампусот со зградите на основното училиште и предучилишниот центар, поминувавме низ повеќегодишни катастарски и општински небулози за да го оствариме правото на градба на сопствено земјиште, сето тоа во време на глобална финансиска криза. Навистина времето никогаш не ни беше наклонето, но можеби токму затоа создадовме современ училиштен кампус во кој денес успешно се воспитуваат и едуцираат повеќе од 650 ученици кои претставуваат четириесет и три различни нации и култури.
Создадовме нова реалност не само во образованието туку и во архитектурата со тоа што сите објекти што го сочинуваат нашиот кампус беа наградени за својата иновативност и функционалност. Две големи годишни награди беа доделени во 2001 и во 2010 година од Асоцијацијата на архитекти на Македонија за објектот на гимназијата (проектиран од архитектите Влатко Коробар и Мартин Гулески) и оние на основното училиште и предучилишниот центар (проектирани од архитектот Влатко Коробар). Гимназискиот објект беше и добитник на Големата награда за архитектура на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС) во 2002 година.

Во овој разговор се фокусираме на средното училиште „НОВА“. Во просек, колку ученици има во една генерација, а и во училница, кога следат настава? Како изгледа еден училиштен ден на средношколците?

В. Новаковска: Покрај локалниот легитимитет, Гимназијата „НОВА“ поседува и американска и меѓународна акредитација од што произлегува нејзината специфична структура која мора да почитува определени меѓународни стандарди и рамки во поглед на амбиентот кој го создава, ученичката популација и образовната програма. Во моментов, во Гимназијата „НОВА“ се школуваат 320 ученици, а овогодишната матурска генерација брои 90 ученици. Бројката на ученици во училница зависи од програмата што ја следат така што одредени програми работат со 8-10 ученици, други пак со 20-25 ученика. Обврзната училишна програма се одвива од 8 до 15 часот, но онаа незадолжителната продолжува и неколку часа по завршувањето на училишниот ден во зависност од интересот и од ангажираноста на учениците. Училишниот ден се надевам изгледа интересно, полн со грешки, но и успеси, многу совети и креативни активности. Фокусот е на сериозно академско учење, но има време и за дружење во текот на паузите за ручек кога учениците сакаат да ги прослават своите спортски победи или оние по знаење, да ги коментираат своите патувања, но исто така и да лобираат за некоја своја добра иницијатива. Се надевам дека им оставаме доволен простор да растат и да се развиват, да се пронајдат себе си индивидуално и колективно.

Интересно е дека „НОВА“ нуди разновидност. Има едукативни насоки со различна академска тежина, а учениците имаат можност да изберат некои од предметите. Во повисоките класови постои и можноста за меѓународна или висока матура. Кажете ни нешто повеќе за сето ова.

В. Новаковска: Профилот на нашата гимназија (college prep) укажува на тоа дека ги подготвуваме учениците за понатамошно универзитетско образование. Тоа подразбира разновидна понуда на предмети и различни нивоа на нивно изучување. Учениците можат да го изберат својот правец според нивните интереси и соодветно на тоа да ги изберат предметите што ќе ги изучуваат. Нив можат да ги изучуваат на стандардно или на високо ниво, и тоа поединечно или како дел од комплетна програма. Во рамките на високото ниво ги нудиме програмите Меѓународна матура (верификувана од Организацијата по меѓународна матура) и Висока матура (верификувана од Американскиот колеџ борд). И двете програми опфаќаат изучување на предмети на факултетско ниво според меѓународни стандарди во рамките на нашето акредитирано меѓународно училиште. Подготовката за овие програми се одвива во првите две години од гимназиското образование, кога се втемелуваат основите на јазичното описменување и литература, математиката, природните и општествените науки. Добрата подготовка овозможува успешна реализација на ваквите програми.

Ваквиот практичен пристап значи дека ако на пример некој ученик не го интересира физика, а повеќе го интересираат општествените науки, не мора да посетува четири години настава по физика, туку може да избере да посетува повеќе предмети од општествените науки. Претпоставувам дека учениците позитивно реагираат на оваа можност.

В. Новаковска: Во првите две години од гимназиското образование во „НОВА“, учениците имаат право на избор во рамките на изборната лепеза на предмети. Но, сите без исклучок треба да поминат низ обврзно интегрирано изучување на општествените и на природните науки, како и низ интегрирано математичко и јазично описменување. Во последните две години од нивното гимназиско образование во „НОВА“, учениците можат да ги изберат предметите во кои сакаат понатаму да се специјализираат, и тоа во сите подрачја од обврзната лепеза на предмети. Тоа овозможува, на пример, ученик кој не е заинтересиран за понатамошно изучување на физиката, да избере друг предмет кој го интересира. Тоа понатаму им овозможува на учениците потесни специјализации во одредени насоки кои сами ги бираат според нивните интереси и афинитети и кои можат да бидат успешно поврзани со нивните идни универзитетски програми.

Каков е профилот на Вашите средношколци? Имате ученици кои не се од Скопје, но и ученици кои доаѓаат од странство. Како успевате да ги вклопите сите? Ваквата изложеност на национална, на религиозна и на друга разновидност уште на млада возраст создава ли кај учениците основа за понатамошен космополитски поглед на животот?

В. Новаковска: Меѓународното училиште „НОВА“ е мошне шаренолика средина. Во неа успешно коегзистираат повеќе од четириесет различни нации и култури, и тоа речиси цели 20 години. Во Гимназијата „НОВА“, како составен дел од овој систем, 30% од учениците се странци. Разновидноста е уште поголема во основното училиште каде што странските ученици опфаќаат 70% од ученичката популација. Ние го нарекуваме ова наше богатство. Учениците во „НОВА“ учат уште од мали нозе како да го градат својот свет на вредности преку разбирање и респект за другиот. Нивната изложеност кон други народи и култури ги ослободува од одредени локални стереотипи и предрасуди и ги подготвува за глобално прифаќање на светот.

Програмата на „НОВА“ задолжително вклучува и одреден број на часови што треба да ги поминат средношколците во помагање на заедницата. За што станува збор и зошто е тоа задолжително? Какви други вонучилишни активности имаат учениците?

В. Новаковска: Програмата за помош на заедницата е составен дел од нашата училишна мисија. Таа остава силна порака кај нашите ученици и позитивно го мотивира нивниот личен и социјален развој. Наша цел е да изградиме личности кои ќе бидат чувствителни кон својата локална, но и пошироката глобална средина. Секоја година учениците од „НОВА“ учествуваат во дваесетина различни проекти за помош на заедницата, некои од нив се дел од нашата годишна програма, други пак сами ги иницираат и ги создаваат. Многу од нив, откако ќе заминат од „НОВА“ и ќе ги завршат своите универзитетски студии, се враќаат да ни кажат дека продолжиле и понатаму со добротворно ангажирање и дека тоа му дава дополнителна смисла на нивниот живот. Горди сме на нив.
Во 2009 година ни беше доделено првото признание за нашето вложување во заедницата кога училиштето ја доби Наградата за лидери на општествена одговорност, за развој на филантропски практики, доделена од Центарот за институционален развој (ЦИРА). Истата година „НОВА“ ја доби и Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во Македонија во категоријата „Вложување во заедницата“ доделена од Министерството за економија. Национални награди следуваа и во 2013 и во 2014 година. Се радуваме на ваквите награди најмногу затоа што тие се показател дека нашето општество станува свесно за важноста од вложување во заедницата и ги препознава добрите примери.
Нашите ученици се многу активни и во програмите и клубовите на Модел европскиот парламент, Македонскиот модел на Обединетите нации, ХОСИК, роботика, математичкиот и природнонаучниот клуб, драма, арт... најчесто поминувајќи многу работни часови, понекогаш и во текот на викендите, посветени на овие активности. Позитивното искуство од ваквото дружење останува со нив и откако ќе си заминат од „НОВА“, да ги потсетува на незаборавните гимназиски денови.

Каков е профилот на наставниците во „НОВА“? Сигурно не е едноставно да се обезбеди успешно изведување на меѓународно призната наставна програма.

В. Новаковска: Наставникот во нашето училиште треба да ги исполнува сите меѓународни стандарди на својата професија независно дали е локален или странец. Да биде експерт во својата област, одлично да го владее англискиот јазик (говорен и пишан), да биде исклучително писмен, да има соодветно меѓународно искуство и да биде подготвен да продолжи да учи во рамките на својата професија. Го поттикнуваме развојот на нашите наставници, овозможувајќи им континуирано професионално усовршување преку неделни професионални дискусии, интерни работилници, посета на меѓународни конференции и семинари и наменска програмска обука. Нашите наставници треба да ја следат современата динамика во меѓународното образование за да можат да одговорат на поставените задачи во нивната професија. Со други зборови, создаваме професионален кадар кој гледа на образованието како на свој животен повик, а не единствено како на кариера или работа.

Меѓународното училиште „НОВА“ има меѓународни акредитации. Што значат тие? Кој седи во Бордот на средното училиште?

В. Новаковска: Нашата прва американска и меѓународна акредитација ја добивме во учебната 2003/04 година. Акредитацијата подразбира потврда за исполнетоста на условите и правилно спроведување на практиките во дадените рамки. Меѓународното училиште „НОВА“, во сите свои сегменти, е акредитирано од Мидл стејтс асоцијацијата на факултети и училишта (Middle States Association of Colleges and Schools), која меѓу другите акредитира универзитети од калибарот на Џорџтаун, Колумбија или Џон Хопкинс. „НОВА“ е дополнително акредитирана од Организацијата за меѓународна матура за спроведување меѓународна матура и од Американскиот колеџ борд за спроведување висока матура. Меѓународното училиште „НОВА“ е рамноправна членка на Асоцијацијата на акредитирани училишта од Источна и Централна Европа (CEESA) и е поддржано училиште од Стејт департментот на САД. Во Бордот на „НОВА“, покрај локалните претставници, родители на сегашни и на бивши ученици, кои се истакнати во својата професија, секогаш свое место имаат двајца претставници од Американската амбасада во Скопје, директно номинирани од амбасадорот, и претставници од Европската заедница во Скопје. Ваквото меѓународно присуство во Бордот овозможува изложеност на многу различни мислења и ставови што обезбедуваат здрав развој на нашата институција.

Ги вклучува ли „НОВА“ на одреден начин и родителите во училишните активности?

В. Новаковска: Одборот на родители на „НОВА“ е составен дел од организацијата на училиштето. Тоа е исклучително активен одбор кој го помага развојот на училиштето, создава успешни проекти и настани за поддршка на своите деца, а наши ученици, и учествува во конструктивна критика за подобрување на училиштето. Некои нивни активности, како на пример хуманитарниот пролетен семеен базар, отворен за јавноста, претставува успешен пример за грижа и филантропија во својата сопствена средина, но и пошироката локална средина.

Меѓународното училиште „НОВА“ нуди образование и за помладите преку основното училиште и предучилишниот центар. Кажете ни нешто повеќе за тоа. Дали учењето во Основното училиште „НОВА“ е некаков предуслов за упис во Гимназијата „НОВА“?

В. Новаковска: Меѓународното училиште „НОВА“ во својата структура вклучува три системи на образование: предучилиштен центар, основно училиште и гимназија. Тоа е типичен модел на едно меѓународно училиште кој овозможува континуирана образовна поддршка на деца од тригодишна до 18-годишна возраст. Се разбира, овие различни системи се сместени во посебни наменски училишни згради кои заедно го сочинуваат кампусот на Меѓународното училиште „НОВА“. Сите овие системи се меѓународно акредитирани и исполнуваат високи меѓународни стандарди во поглед на условите што ги создаваат, програмите што ги спроведуваат, меѓународниот диверзитет на учениците и кадарот кој го вработуваат и усовршуваат.
Основното училиште „НОВА“ дава одлична подготовка за нашето гимназиско образование бидејќи сите наши системи се вертикално поврзани, но не е предуслов за запишување во Гимназијата „НОВА“. Учениците во гимназијата „НОВА“ доаѓаат од разни страни на светот и од разни македонски училишта. Меѓутоа, важно е, поради обезбедување образовен континуитет, доколку е тоа можно, да поминат низ четиригодишно гимназиско образование.

Квалитетното образование по меѓународен терк што го нуди „НОВА“ е поврзано и со финансиски издатоци за родителите. Какви се можностите за средношколците да добијат стипендија?

В. Новаковска: Програмата за стипендирање „Борис Трајковски-НОВА“ е извонредна можност за целосно четиригодишно стипендирање на надарени и талентирани ученици кои ги исполнуваат поставените стандарди за влез во училиштето, но и можност за делумна финансиска поддршка на оние кои ги исполнуваат влезните критериуми, а не се во состојба да ја поднесат целосната школарина. Конкурсот за оваа стипендиска програма за учебната 2016/17 е веќе објавен, а пријавувањето ќе трае до 10 март. Оваа програма привлекува повеќе од 150 ученици од цела Македонија и со право може да се каже дека е една од најкомпетитивните стипендиски програми.

Инвестицијата во образование е најдобрата инвестиција што родителите можат да ја направат за своите деца. Каде го продолжуваат образованието матурантите на „НОВА“?

В. Новаковска: Нашите матуранти студираат буквално на сите пет континенти од светот. Некои од нив остануваат во Македонија и во регионот, и по завршување на нивните студии можам слободно да кажам дека тие се фактори на позитивни промени во нашата средина. Листата на светски универзитети каде што студирале или студираат наши ученици е доволно долга и може да исполни повеќе страници од Вашето списание. За куса илустрација, од попознатите, во САД тоа се: Харвард, Колумбија, Стенфорд, Јејл, Бостонскиот универзитет, Џорџ Вашингтон, Универзитетот во Чикаго, Рочестер универзитетот по технологија, Универзитетот на Калифорнија во Беркли, Сан Диего и Лос Анџелес (UCLA), Њу Јорк Универзитетот, Аризона Стејт, Беркли колеџот по музика, Сара Лоренс, Бард колеџот..., во Канада: Универзитетот во Торонто, Мекгил..., во континентална Европа: Бокони во Милано, Утрехт, Ерасмус, Гронинген, Ахен универзитетот по апликативни науки, Берлинскиот универзитет, Бард во Берлин, Универзитетскиот колеџ Амстердам, Сорбона..., во Велика Британија: Оксфорд, Кембрич, Универзитетскиот колеџ Лондон, Лондонското училиште по економија, Сент Ендрус, Кингс Колеџ, Кардиф... Да напоменам дека во повеќето наведени институции имаме повеќе од неколку ученици. Само за илустрација, бројката на наши ученици само на додипломски студии на Харвард изнесува 6, а исто толку и на Оксфорд, што покажува дека овие резултати не се случајни, туку се должат на огромен труд кој училиштето, неговите советници и учениците го вложуваат во текот на нивното образование во „НОВА“.

Која е Вашата порака до сегашните и до идните ученици на „НОВА“ и до нивните родители?

В. Новаковска: Во „НОВА“ создадовме отворен амбиент за градење трајни вредности, но и трајни релации со нашите поранешни и сегашни семејства и ученици. Преку електронските мрежи и преку договорени посети ние сме навистина засекогаш поврзани. Многу нови светски дестинации станаа достапни за нашите локални семејства и ученици преку остварените меѓународни пријателства во „НОВА“, но и Македонија стана често посетувана дестинација од нашите меѓународни пријателски семејства. Ова е посебен квалитет кој не е случаен, затоа сите заедно треба искрено да го негуваме и постојано да го надградуваме.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top