Општество
АМЕРИКА ИЗБИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

 

Прирачник за следење на американските избори за претседател 

За 10 месеци, точно на 8 ноември (вторник) оваа година, граѓаните на Америка ќе го изберат идниот претседател на САД. Во рамките на еден од најкомплексните политички системи, изборот на претседател, иако има ограничени ингеренции врз секојдневниот живот на Американците, претставува еден од најважните политички настани во Америка. Ако се стават на куп: ингеренциите на претседателот, кои најмногу се протегаат на надворешната политика на САД; геополитичката моќ која ја обезбедува функцијата во рамките на дипломатските и на безбедносните поместувања во светот; политичкото влијание кое големината на земјата ја емитира надвор од нејзините граници, тогаш слободно можеме да заклучиме дека изборите за претседател на САД го претставуваат и најважниот политички настан за останатиот дел од светот. Високите претставници на американската администрација во Македонија неколкупати имаат повторено дека односите на САД со Македонија се вметнати во долгорочната програма на националните интереси на САД и дека изборот на претседател не би требало да има големо влијание на тие односи. Веројатно би било политички некоректно да речат дека сме премалку важни за да бидеме дел од агендата на претседателските избори и воопшто на функцијата претседател, но тоа секако се препознава. Сепак, од аспект на регионалните геополитички движења или како дел од европската геополитика, изборот на идниот претседател на САД може да има значајно влијание и за нас. 

ВНАТРЕПАРТИСКА ДЕМОКРАТИЈА
Иако не постои официјален старт на кампањата, комплексниот политичкиот систем за почеток ги смета таканаречените „Избори насред мандат“ (Midterm election) или изборите кои се случуваат на половина од постојниот претседателски мандат. Тогаш се избираат сите конгресмени во Претставничкиот дом (кај нас погрешно се нарекува Конгрес) и околу една третина од претставниците во Сенатот. Овие избори имаат исклучителна важност за американската политика имајќи предвид дека се пополнуваат најголемиот број места во законодавната власт. Сепак тие претставуваат и пресвртна политичка точка во која политичките елити на двете најголеми партии ги групираат силите и почнуваат да лицитираат со кандидати за претседател кои би учествувале во внатрепартиските избори. Шест до осум месеци подоцна, двете најголеми партии веќе ги имаат утврдено кандидатите со што неформално започнуваат внатрепартиските избори кои завршуваат на само 4 месеци пред националните избори за претседател. Со тоа пропорцијата на времето поминато во внатрепартиската кампања е трипати поголемо од она кое го поминуваат избраните кандидати во кампања за националните избори.

Внатрепартиските избори во рамките на двете најголеми политички партии во Америка, Републиканската партија и Демократската партија, го претставуваат најголемиот демократски дострел на политичкиот систем на Америка. Повеќе од една година кандидатите во рамките на партијата, во еден прилично децентрализиран систем, се обидуваат да ги привлечат вниманието и наклонетоста како на партиската, така и на пошироката јавност. Низ историјата, овие внатрепартиски избори добиваат формален и институционален карактер за чија законска регулатива, спроведување и делумно организирање се вклучени и поединечните државни администрации каде што се одвиваат внатрепартиските избори. Во голем број држави, овие избори се организираат на идентичен начин како и националните избори каде што на многу места право на учество имаат сите граѓани без разлика дали припаѓаат или не на соодветната партија. Во мал број држави, вклучувајќи ја тука и првата држава во која се организираат внатрепартиските избори, Ајова, овој процес се одвива во рамките на партиите, а право на учество имаат само регистрираните членови на партиите. Низ таканаречените „собири во политички маала“ (caucuses), кои претставуваат политички целини кои најлесно би се објасниле кај нас како месни заедници или избирачки места и кои бројат само неколку илјади запишани гласачи, се избираат партиски делегати на општинско и на државно ниво, кои пак подоцна ги избираат делегатите кои ќе ја претставуваат државата Ајова на националните конвенции на демократите и на републиканците. Интересно е што речиси сите внатрепартиски избори (без разлика дали се партиско-маалски или формални избори со гласање) се случуваат паралелно кај демократите и републиканците, т.е. во речиси секоја држава тие се случуваат во ист ден со што делумно се обезбедува заштита од злоупотреба на партиската база за гласање кај противникот, спротивно на нивните интереси. Во овој систем, иако гласачите и партиската јавност гласаат или ја истакнуваат својата преференција за одреден кандидат, тие всушност само избираат делегати кои ќе ги претставуваат на националната партиска конвенција каде што вистински ќе се избере кандидатот кој ќе ја претставува соодветната партија на претседателските избори. Некои од овие делегати се обврзани да ја почитуваат партиската определба според која се избрани (кандидатот кој јавно изјавиле дека го поддржуваат при нивниот избор), некои се делумно обврзани да ја застапуваат пропорцијата на гласови која ја освоиле соодветните кандидати, а постојат и таканаречени суперделегати кои најчесто се високи претставници на партијата, избрани конгресмени, сенатори или други избрани функционери како што се државни гувернери (претседатели на локалните држави) итн., а кои не мора јасно да ја искажат својата наклонетост пред националната конвенција и кои гласаат по сопствено убедување. Овие необврзани делегати претставуваат околу 1/5 од вкупниот број делегати на конвенциите на двете партии. Конвенциите најчесто се одржуваат во јули кога формално се избира кандидатот за претседател на соодветната партија. Со оглед на фактот дека изборите во државите се одржуваат од почетокот на изборната година, па сè до крајот на јуни, најчесто победникот е однапред познат, иако не се исклучува можноста, при тесен распоред на обврзаните делегати, суперделегатите да го одлучат победникот. Ова е особено важно за овие избори имајќи предвид дека и во двата табора во игра како фаворити се влезени кандидати кои немаат поддршка од партискиот естаблишмент, а поддршката која ја имаат меѓу членството и гласачите ги наметнува како водечки фаворити.

САНДЕРС ИЛИ КЛИНТОН
Минатиот број пишувавме за новото радикално движење кај демократите, кое на крилјата на движењето „Окупај“ и „Ние сме 99%“ како еден од фаворитите во Демократската партија го лансираше Берни Сандерс. Сенаторот од Вермонт, претходно конгресмен од истата држава, а на почеток и градоначалник на Бурлингтон, најголемиот град во Вермонт, е всушност независен кандидат кој сите политички успеси ги остварил без поддршка од Демократската партија. Тој е претставник на новата радикална левица, а самиот себе се нарекува демократски социјалист, што во ПР политичка смисла претставува „богохулење“ на политичкиот систем на Америка. Берни јавно објавува војна на т.н. „корпоративна Америка“ ветувајќи зголемени даноци за корпорациите и за богатите, и големи олеснувања за сиромашните, за студентите и за малцинствата. Неговата номинација на почетокот не претставуваше закана за фаворитката Хилари Клинтон, чиј одобрувачки партиски рејтинг надминуваше 60%. Низ текот на кампањата рејтингот на Сандерс растеше, но Клинтон успеваше да задржи двоцифрена предност пред сенаторот. Сепак трендовите покажуваа дека оваа разлика се топи и додека го пишувам овој текст разликата меѓу овие два кандидата е сведена на +8.6 поени во корист на Клинтон (48,3% - 39,7%). Естаблишментот на Демократската партија, на почетокот на кампањата, отворено застана на страната на Хилари Клинтон, но промената на општото расположение се чувствува и во врвот на демократите, особено по неформалната поддршка која ја доби Сандерс од сегашниот потпретседател на Америка Џо Бајден (формално Бајден сѐ уште нема „ендорсирано“ никого).


 Берни Сандерс и Хилари Клинтон

Таканаречениот „супервторник“ (Super Tuesday) претставува најважен политички настан за внатрепартиските избори. Овој ден секогаш се паѓа во вторник и најчесто е некаде на средината на февруари. Точниот датум се одредува за секои избори посебно, а за претседателските избори во 2016 година датумот е 1 март. „Супервторник“ е прераснат во еден од најзначајните политички настани воопшто, а според вниманието кое му го посветува општата јавност се споредува со „Супербол“, најважниот и најгледаниот спортски настан во американската фудбалска лига. Во 2016 година, на овој ден, во преку 10 земји (11 за демократите и 12 за републиканците) паралелно се одржуваат внатрепартиските избори за кандидат за претседател кога се избираат околу 1/4 од обврзаните делегати за националните партиски конвенции кај двете партии. Веднаш потоа, со неколку политички настани до средината на март, дополнително ќе се одржат избори во уште 15-16 земји со што кумулативно ќе бидат избрани во двете партии околу 60% од обврзаните делегати за нивните национални конвенции. Овие случувања во март најчесто го дефинираат победникот во рамките на партиите затоа што нивната големина и бројност јасно го покажува трендот на национално ниво.
Според сегашните анкети, во рамките на државите од „Супервторник“, но и од државите од останатите избори во рамките на првата половина од март, во рамките на демократите, во длабоко водство сѐ уште е Хилари Клинтон. Во моментов тоа го претставува најголемиот адут на Хилари за освојување на кандидатурата за претседател. Но, „Супервторник“ не е ниту изолиран настан ниту е првиот политички момент кој го покажува правецот во кој ќе се движат политичките преференции. Само четири држави имаат право да организираат внатрепартиски избори пред „Супервторник“, а правото да биде прва секогаш ѝ припаѓа на Ајова. За 2016 година изборите во Ајова се закажани на 1 февруари, што значи дека додека го читате овој текст изборите во оваа држава ќе бидат веќе завршени (текстот е пишуван 10 дена порано). По Ајова следува Њу Хемпшир (9 февруари), па Невада (20 февруари демократите, 23 февруари републиканците) и на крајот, како последна пред „Супервторник“ држава, внатрепартиски избори ќе организира Јужна Каролина (27 февруари демократите и 20 февруари републиканците кај кои последна е Невада). Иако овие четири држави заедно носат помалку од 5% од делегатите за националните конвенции, бидејќи по редослед се први, тие имаат силно влијание на останатите изборни настани, вклучувајќи го тука и „Супервторник“. Ако се земе влијанието кое го има секоја од нив, тогаш од аспект на редослед најважна е државата Ајова, имајќи предвид дека е прва. Од четирите држави пред „Супервторник“, Берни Сандерс до крајот на минатата година водеше само во Њу Хемпшир. Во сите останати Хилари имаше двоцифрено водство, а само во Ајова тоа беше едноцифрено. Но, конвергенцијата на рејтинзите го достигна својот максимум на почетокот од оваа година, а со секоја нова анкета предноста на Берни и во рамките на Ајова станува сѐ поголема и сѐ постабилна (како што рековме, додека го читате текстот изборите во Ајова треба да се завршени, а резултатите објавени). Ако ја додадеме на тоа предноста на Берни во Њу Хемпшир која е практично недостижна за Клинтон, тоа би значело дека во првите две држави во кои ќе се одржат внатрепартиските избори фаворит за победа е моменталниот предизвикувач Берни Сандерс. Политичките рејтинзи на претседателските кандидати во Америка се волатилни, а тоа е особено изразено кај демократите, па така предноста која ја има Хилари на национално ниво не само што во моментов не може да ѝ ја гарантира претседателската кандидатура, туку оваа нова распределба ветува неизвесни и, пред сѐ, интересни избори во рамките на Демократската партија. 

ДОНАЛД ТРАМП ПРОТИВ СИТЕ
Ситуацијата во Републиканската партија може да се каже дека е уште посложена. Доминантниот фаворит Доналд Трамп, во рамките на досегашната кампања, е во континуирана предност пред своите противкандидати од кои само Бен Карсон успеа за момент да го стигне на почетокот на ноември минатата година. Дали поради серијата гафови или поради севкупната политичка несериозност, рејтингот на Бен Карсон експоненцијално почна да опаѓа кон крајот на изминатата година, што остави простор да се појави новиот предизвикувач на Трамп, Тед Круз. За разлика од демократите, каде што водечкиот фаворит е во исто време и фаворит на партискиот естаблишмент, раководството на Републиканската партија буквално не може да го смисли Доналд Трамп за претседателски кандидат, а некои републикански авторитети одат чекор понатаму оценувајќи ја оваа можност за најголемата закана за Републиканската партија. Сепак, преку политичкото циркузантство, Доналд Трамп успеа да го јавне бранот на антиестаблишмент расположението на јавноста и да ја зачува двоцифрената предност пред, сега новиот предизвикувач, Круз. Во моментов предноста на Трамп е 16 поени, но бидејќи распоредот на силите кај републиканците е поделена на повеќе кандидати (сѐ уште во трката се останати 11 кандидати!), Трамп својата предност ја одржува со нестабилен рејтинг од околу 35%. На пример, ако само третопласираниот Рубио (11%) реши да го поддржи Круз (20%), нивниот збирен рејтинг на национално ниво ќе се доближи до оној на Трамп. Ако на тоа се додадат и рејтинзите на Џеб Буш (4,8%) или оној на Крис Кристи (3,4%), тогаш кумулативниот рејтинг би го надминал оној на Трамп. Но, работите да бидат уште позаплеткани Тед Круз, иако е попосакуван кандидат од Доналд Трамп кај републиканците, сепак тој во исто време не важи за миленик на партиските елити во Републиканската партија. Напротив, сѐ почести се изјавите како онаа на републиканскиот авторитет и поранешен кандидат за претседател Боб Дол кој смета дека кога веќе се поддржува кандидат кој не е фаворит на естаблишментот, тогаш подобро тоа да е некој кој има широка поддршка од партиската јавност како што е Доналд Трамп.


Доналд Трамп и конкурентите

Исто како и кај демократите, и кај републиканците клучен настан претставува гласањето на 1 март или „Супервторник“. Доналд Трамп сѐ уште има предност кај државите од т.н. „Супервторник“ која се движи меѓу 10 и 20 поени пред Тед Круз. Но, како што претходно спомнавме, се работи за нестабилна предност имајќи предвид дека во трка се уште 9 други кандидати покрај фаворитите Трамп и Круз, чиј збирен рејтинг го надминува поединечниот рејтинг на фаворитите. Всушност, очекувањата на аналитичарите се дека при изборите во четирите држави во т.н. пред „Супервторник“ се очекува најголемиот број од кандидатите да излезат од трката и да се одлучат да „ендорсираат“ некој од останатите фаворити. Нивниот збирен рејтинг надминува 40% со што нивните натамошни одлуки со сигурност ќе имаат одлучувачко влијание во вкупниот исход на изборите во Републиканската партија. Иако Трамп води во три од четирите држави пред „Супервторник“, во првата, Ајова, на почетокот од јануари предноста ја презеде Тед Круз. Како што претходно објаснивме, победата во Ајова носи незначителен број делегати, но претставува силен ветер во едрата на политичката кампања, што може да има влијание на останатите држави пред „Супервторник“, како и на најважниот политички настан „Супервторник“. Овде повторно напомнуваме дека кога ќе го читате овој текст изборите во Ајова ќе бидат завршени, а резултатите познати. За работите да бидат уште потешко предвидливи, во следната држава која ќе организира избори, Њу Хемпшир, зад лидерот Трамп не се наоѓа Тед Круз, туку Џон Касич. Трет е Марко Руби, а предизвикувачот на фаворитот Доналд Трамп, Тед Круз, е четврти со само 11%. 

СВЕТОТ Е СВРТЕН КОН АМЕРИКА
Во моментов се наоѓаме на средината од кампањата на веројатно најинтересните претседателски избори во САД, а внатрепартиските избори во државите само што започнаа. Може да се каже дека од аспект на атрактивноста, во моментов се наоѓаме во пикот на изборните активности. Во нашиот политички век никогаш порано немало толку неизвесни избори, со толку многу широка политичка понуда ‒ од ултрадесничарскиот претставник кој планира да ги протера емигрантите и да забрани влез на муслиманите во САД до демократскиот социјалист Сандерс, чие кокетирање со социјалистичките ставови и парадигми им ја побелува косата на цврстите претставници на либералниот капитализам. Како никогаш порано партиските естаблишменти се во директен судир со партиската база, а општата јавност со своите преференции му врти грб на досегашното политикантство на партиите. Во Македонија, во моментов имаме предизборен процес во кој не се знае дали и евентуално кога ќе има избори, а уште помалку која е суштината на евентуалниот избор. Доколку за момент сакате да почувствувате вистинска политичка дебата, да научите од вистинските политички и ПР мајстори, да се почувствувате како дел од политички цивилизираниот свет, изборите во САД кои претстојат се одлична можност за тоа, а овој прирачник би требало да ви помогне полесно да се вклучите во следењето на изборите.

 Мирослав Саздовски

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top