Е-Б-Ф-Б
КИНА: СТРАВ И НАДЕЖ НА ГЕРМАНСКАТА ИНДУСТРИЈА

Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија

 

 

Кога ќе се соберат шефовите на држави, на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), како што тоа се случи на крајот на ноември 2015 година во Пекинг, тогаш на нашето поднебје во воздухот затреперува прашањето како гледа Европа на ова зближување.

„Дипломат“, магазин специјализиран за политичко-економски анализи на азиско-пацифичкиот регион, во текстот објавен по овогодинешниот четврти самит на Кина и ЦИЕ, не остава сомнеж за крајните интереси на Кина: „За Кина, Централна и Источна Европа претставуваат „мост кон Европа“ во политичка и економска смисла. На дипломатско поле, Кина се надева дека градејќи добри односи со земјите од ЦИЕ, од кои голем број се членки на ЕУ, ќе успее да ги унапреди своите односи со Унијата. Истовремено логистички ЦИЕ ќе одигра клучна улога во тоа кинескиот “Економски пат на свилата“ (англ. Silk Road Economic Belt) да стигне до својата крајна дестинација – Западна Европа“.
Првиот тест за европскиот поглед на зближувањето на Кина и ЦИЕ, барем за пругата Белград – Будимпешта, ќе следува бидејќи Унгарија овие денови официјално побара дозвола од Европската комисија да го одобри овој проект. Пругата е микроскопски крак на замислената копнено-поморска експрес линија на „Економскиот пат на свилата“ (појас и пат) и концептот на поморскиот пат на свилата за 21 век, што има јазол во грчкото пристаниште Пиреја и оттаму се издвојуваат краци кон исток и запад. Но, по многу пресврти со гасоводот „Јужен тек“ и можните пресврти со гасоводот „Тесла“, на Балканот човек не може да биде доволно претпазлив кога се во прашање геополитичките пресврти.
За Германија, што за многумина денес е синоним за клучен фактор на Европа и за Кина, вакви прашања за европско одобрување не се поставуваат. Двете земји веќе со години развиваат особено близок однос на своите индустрии и се сконцентрирани на прашања што се и економски, и технолошки, и безбедносно на далеку повисоко ниво.
Германија сака во Кина да ја зацементира и прошири, она што веќе одамна „во помал формат“ го направи во сите земји на ЦИЕ, позицијата на водечки снабдувач на кинеската индустрија со сложена опрема, а Кина сака во Азија да го повтори германското чудо, да изгради силна технолошки супериорна индустрија од четвртата генерација со глобален апетит.
Ако под „Индустрија 1.0“ се подразбира изумот на парната машина, под „Индустрија 2.0“ појавата на електричната енергија и подвижната лента, а под верзијата 3.0 она што го имаме денес – подем на електрониката и ИТ, тогаш „Индустрија 4.0“ што Германија ја лансираше како своја цел во 2011 година на познатиот саем во Хановер, а Кина на почетокот на оваа година, се паметни машини што меѓусебно комуницираат (Internet of Things) и се во состојба сами да го усовршуваат процесот на производство, комуникацијата во облак (cloud computing) и обработката на големи бази на податоци (big data).

Клучен промотор на индустрискиот развој на Кина е Министерството за индустрија и информатичка технологија чија задача е индустријата да ја префрли од стандардот 3.0 кон почетоците на паметната индустрија (4.0), додека на локално ниво врши низа експерименти со дигитализација на индустрискиот погон и други елементи што водат кон изградба на Кина како индустриска суперсила

Од октомври минатата година двете земји тесно соработуваат на овој проект, а стратегијата „Мејд ин Чајна 2025“ („Made in China 2025”) која највисокото кинеско раководство ја обелодени во мај 2015 година по својата филозофија и по целите е огледало на германскиот план и нов кинески адут за одржување на висок стопански раст во услови на зголемување на цената на работната сила во Кина.
За обете земји „Индустрија 4.0“ е стадиум на индустриското производство што во најголема мера е идеал на стратезите за иднината, ама обете земји, додуша во мошне различен обем, поседуваат индустриски капацитети што во практика ја живеат иднината.
„Мерикс“ – „Меркатор институт фор Чајна стадис“ (Mercator Institute for China Studies), еден од најрелевантните тинк тенкови за оваа област, ситуиран во Берлин, наведува дека во овој момент во Кина има само 23 роботи на 10.000 индустриски работници, а 282 роботи на истиот број работници во Германија (светскиот просек е 58), што јасно зборува за технолошката предност на вториве. Во овој момент Кина има само неколку фабрики што веќе функционираат на овие принципи на иднината, една е на пример „Сани хеви индастри цо. лтд.“ (Sany Heavy Industry Co. Ltd.) – шестиот најголем произведувач на тешки индустриски машини во светот, а другата е „Хајер груп“ (Haier Group), кинеска мултинационална компанија за производство на бела техника и други кујнски апарати, додека мнозинството други кинески постројки се на премин од стандардот 2.0 на стандардот 3.0.
Сепак треба само да се фрли поглед на календарот на саеми во Кина посветени на роботика и електроника за човек да увиди колку оваа нова индустриска револуција е жешка тема во Кина. Или колку е, на пример „Хајер“ (Haier), засега единствената кинеска компанија што е повикана во Њујорк да зборува за своите искуства на овогодинешната конференција „Фрст индастријал интернет комити“ (First Industrial Internet Committee) посветена на паметните технологии, во врвот на новиот индустриски тренд.

За локалните кинески лидери прашањето за изградба на паметни фабрики е едно од најважните во периодот до 2020 година, а централната влада дава силна финансиска поддршка за дигитализација на индустријата уште од 2007 година, многу повеќе одошто тоа го прави германската влада. Мерикс смета дека на кинеската влада ѝ гори под нозете бидејќи ослабувањето на економскиот раст е комбинирано со растот на платите, што на подолг рок ја прави Кина неповолно место, место за масовно трудоинтензивно производство на ниско технолошко ниво. На долг рок, политиката на Кина за едно дете ќе доведе до недостаток на работна сила, па еден од кинеските раководители неодамна горко се пошегува дека Кина наскоро ќе мора да стане земја со најголем број на роботи по глава на жител ако сака да се избори со последиците од наглото стареење на населението.
Клучен промотор на индустрискиот развој на Кина е Министерството за индустрија и информатичка технологија чија задача е индустријата да ја префрли од стандардот 3.0 кон почетоците на паметната индустрија (4.0), додека на локално ниво врши низа експерименти со дигитализација на индустрискиот погон и други елементи што водат кон изградба на Кина како индустриска суперсила. Тоа е напор од гигантски размери, меѓу другото и поради фактот дека во Кина нема развиени и широковоспоставени индустриски стандарди. Дури и оние индустрии што предничат во некоја област поставуваат самостојни стандарди некомпатибилни со стандардите на други индустрии со кои треба да се вкрстат во текот на технолошкиот раст. Со германско-кинеската спогодба потпишана на средина од годинава договорено е кинеско преземање и изедначување на стандардите со германскиот „Индустрија 4.0“.
Колку напредуваше Кина на патот кон технолошка суперсила е прашање на гледање во чаша што е до половина полна со вода. Агенцијата „Блумберг“ неодамна го исмеа кинеското запнување да го освои производството на патнички авиони на кое се работи веќе повеќе од деценија. Замислен како конкурент на моделите „Ембраер“ и „Бомбардиер“, АРЈ21 требаше да биде конкурентен на пазарот на авиони со помалку од 100 седишта, како вовед за подоцнежните предизвици – „Боинг“ и „Ербас“. Меѓутоа, АРЈ21 засега неможе да добие дозвола од американските власти, што значи дека може да лета само во Кина и во некои јужноамерикански, азиски и африкански земји. Покрај тоа, тој е потежок, побавен и помалку енергетски ефикасен од другите авиони во оваа класа, значи – неконкурентен. Имајќи предвид дека според проценките на „Боинг“ Кина во наредните две децении ќе има потреба од 5.580 авиони и ќе стане најголем светски пазар за комерцијални авиони, сосема е јасно зошто не само Германците, туку и Американците и Французите имаат дилеми дали на долг рок е подобро на кинеските партнери да им ги продадат технологиите и „да се вградат“ во нивните производи или да ја негуваат надежта дека Кина ќе биде присилена да ги купува нивните готови производи.
„Блумберг“ смета дека за Кина би било многу подобро да го следи примерот на Јапонија, која пред да го лансира својот авион Митцубиши риџинал џет (Mitsubishi Regional Jet (MRJ)) на крајот од ноември, кој веќе има 400 порачки од странство, ги совладуваше новите технологии чекор по чекор работејќи како подизведувач на големите западни брендови. Но, кинеското искуство со возовите маглев, базирани на трансферот, пред сѐ, на германска („Сименс“), француска („Алстом“), канадска („Бомбардиер“) и јапонска технологија („Кавасаки хеви индастрис“ Kawasaki Heavy Industries)) покажува дека земјата е подготвена да ги соџвака западните технологии, да ги унапреди и да се покаже како сериозен претендент во тоа да стане најголем светски извозник на технологија и опрема во областа на железничкиот сообраќај. Некои од западните технологии (пред сѐ јапонските) сметаат дека помагајќи ѝ на Кина да влезе во срцето на новите технологии си пукаа себеси во нога, создавајќи поевтин и помоќен предизвикувач на глобалниот пазар, патем поттурнат од државата.
Токму затоа „Метрикс“ смета дека „САП“ и „Сименс“ треба да бидат првите германски компании што ќе ги тестираат опасните води на соработка со Кина пред натаму да се упатат малите и средните по големина произведувачи. Најголемата германска грижа е можноста од кражба на индустриски патенти, а најголемиот страв е дека ако таа се воздржува во однос на соработката со Кина за размената на технологија, тоа можат да го направат други конкуренти, пред сѐ САД.
Затоа „Мерикс“ смета дека големите германски компании, со силна поддршка на германската држава, треба да воспостават пилот-проекти со кинеските партнери и да ги обврзат на силна заштита на технолошките иновации во однос на другите и меѓусебна фер поделба на патентите развиени низ заедничката соработка. Во овој момент, германската страна проценува дека Кина по секоја цена сака соработка со Германија и кинескиот државен врв лесно ќе ја пренесе својата волја на кинеските компании.
Каде, во овој свет на високи технологии, има место за земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), што засега се големи корисници на кинески кредити и увозници на кинеска технологија за изградба на пруги (со Македонија како прва земја во регионот што увезла кинески возови) и патишта, а речиси се минорни извозници на своите стоки?
Според најновите податоци, вкупната трговска размена на Кина и земјите на ЦИЕ порасна од 43,9 милијарди долари во 2010 година на 60 милијарди во 2014 година, додека кинеските компании инвестирале околу 5 милијарди долари во овие земји, а 16 земји од ЦИЕ околу 1,2 милијарди долари во Кина.
Нема двоумење дека од сите земји на ЦИЕ најдобро е позиционирана Унгарија, на која до 2010 година отпаѓаа 89% од сите кинески инвестиции во ЦИЕ, а која од избивањето на финансиската криза посебно го насочи своето внимание на привлекување кинески инвеститори со намера од Унгарија да направи центар на Кина во Европа. Во неодамна објавената студија на Агнес Шиномар, Каталин Волги и Тамас Матура, детално се разработуваат опциите на Унгарија за понатамошен развој на оваа политика и предизвикувачите – другите земји од т.н. Вишеградска група. Според проценките на авторите, до 2013 година Унгарија низ различни компании и од различни територии привлече околу 2,5 милијарди долари на кинески инвестиции во хемиската индустрија, телекомуникациите, трговијата, хотелиерството, логистиката, недвижнините и консултантските услуги. Многу од овие 5.000 регистрирани компании се мали дуќани, но и мултинационални компании какви што се Хуавеи (Huawei), ЗТЕ Корпорејшн (ZTE Corporation), Леново (Lenovo), Севнстар Електроникс (Sevenstar Electronics Co.), БИД Електроникс (BYD Electronics), Комлинк (Comlink), кои од Унгарија направија свој главен производствен и дистрибутивен центар не само за Европа туку и за многу други делови на светот, вклучително и Африка.

Според најновите податоци, вкупната трговска размена на Кина и земјите на ЦИЕ порасна од 43,9 милијарди долари во 2010 година на 60 милијарди во 2014 година, додека кинеските компании инвестирале околу 5 милијарди долари во овие земји, а 16 земји од ЦИЕ околу 1,2 милијарди долари во Кина

Во Вишеградската група најсериозен предизвикувач е Полска, која исто така има своја развиена политика на отворање кон Кина, а на Балканот ѝ се придружува Србија која има големи амбиции во користењето на кинеските пари за инфраструктурни проекти, но и за развој на индустриски зони што би требале да бидат поевтина верзија на унгарските инвестиции.
Кога станува збор за извозот, Унгарија во Кина испраќа тони свинско месо, а кинеските раководители најчесто ги спомнуваат земјите на ЦИЕ како можни извозници на органска храна, јагнешко месо и други прехранбени производи. Милена Поповиќ Мартинели, Лидер за знаење во КПМГ (KPMG) во Белград, гледа простор за српската и сите други економии на ЦИЕ точно во сферата на снабдување на помалите кинески градови чии индустрии се на премин меѓу стандардот 2.0 и 3.0, како можни потрошувачи на овдешните стоки. Тоа се градови со средна класа што е во подем, но сепак е релативно помалку пробирлива.
Сепак останува и она крајното прашање: што ќе се случи доколку геополитичките движења бидат такви, па поради некоја некоја причина го попречат партнерството на Кина и ЦИЕ?
Иако на прв поглед изгледа контрадикторно, Унгарија, која има најотворена и најразработена политика на отворање кон Истокот, најлесно би слегнала со рамениците затоа што повеќе од 2,5 милијарди долари што Унгарија ги доби од Кина се само 2,5% од вкупните инвестиции од преку 111 милијарди долари што оваа земја ги доби од Западот, првенствено од ЕУ.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top