Е-Б-Ф-Б
ВЕСЕЛА ГЕОГРАФИЈА НА НАДВОРЕШНАТА ТРГОВИЈА

Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Статистиката за надворешната трговија знае да биде една од најздодевните рубрики во ТВ вестите. Во тие моменти повеќето гледачи нервозно го бараат далечинскиот управувач во обид веднаш да го сменат каналот. Тоа е најмудрата реакција на нападот од голи статистички факти препишани од соопштенијата на Државниот завод за статистика. Сепак, зад тие здодевни бројки понекогаш се кријат интересни приказни што тешко може да се препознаат во збирните, макроекономски статистики. Оваа статија е обид да се внесе барем малку свежина, овојпат во печатените медиуми, при толкувањето на случувањата во надворешната трговија на Република Македонија. За почеток, фокусот на анализата е на географските аспекти на македонската надворешна трговија.

Меркантилистички поглед на светот
Многу економисти велат дека е сеедно дали се остварува трговски дефицит или суфицит. Доколку земјата не е ефикасна во производството на определено добро, тогаш подобро е да го увезе. Се разбира, под претпоставка дека може да го финансира трговскиот дефицит и да го одржува во контролирани граници. На истата линија е и официјалната реторика на многу влади. Сепак практиката сведочи за враќањето на меркантилизмот, доминантна економска теорија од XVI до XVIII век во Европа, која фаворизирала остварување на високи трговски суфицити. И покрај жестоките обвинувања (особено од САД) за големите трговски суфицити на НР Кина, таа и понатаму продолжува со стратегијата на извозно предводен економски растеж и акумулира астрономски износи на девизни резерви. Според тоа меркантилизмот не е препорачлив, но изгледа не е толку штетен на краток рок. Како и цигарите!
Во тој контекст интересно е да се анализира од каде Република Македонија остварува извозни приливи и одливи. Од меркантилистичка перспектива, статистиките се поразителни. Во првите 11 месеци од 2014 година, Република Македонија има трговски суфицит со 35 од вкупно 181 земја или територија за кои се води надворешно-трговска статистика. Обратно кажано, размената со 146 земји бележи трговски дефицит. Најголемиот трговски суфицит е со СР Германија: 1 милијарда и 139 милиони долари. За жал, она што доаѓа како нето извозен прилив од СР Германија веднаш заминува како нето-одлив во трговијата со Велика Британија и со Грција. Збирниот трговски дефицит со овие две членки на ЕУ е 1 милијарда и 160 милиони долари во анализираниот период.

Deutschland über alles! (Германија, над сè!)
Њутновиот закон за гравитација, несомнено, наоѓа своја потврда и во тековите на надворешната трговија. Билатералната трговија е правопропорционална на големината на бруто домашниот производ на двете земји (нивната економска маса), a обратнопропорционална на оддалеченоста меѓу нив. И навистина, малото и отворено македонско стопанство е силно привлечено од гравитациското поле на 350 пати поголемата германска економија. Во речиси целата независна економска историја на Македонија, СР Германија го задржи приматот на најзначаен трговски партнер на Република Македонија. Ако во 1990 година трговијата со Германија претставуваше 17,9% од вкупната трговија со стоки, во првите 11 месеци од 2014 година учеството изнесуваше 23,3%.
Конкурентноста на германската економија е неспорна, но во глобалните синџири на производство ја имаме таа „среќа“ како снабдувач на големите германски корпорации, најчесто, да остваруваме трговски суфицит во трговијата со најмоќната европска економија. Ова особено важи за периодот од 2010 до 2014 година кога се остварени најголеми суфицити во трговијата со СР Германија благодарение на додадената вредност во германските корпорации „Дрекслмејер“, „Кромберг и Шуберт“ и други помалку познати, но значајни германски инвестиции. Кажано во стилот на некогашните неприкосновени социјалистички директори, само во првите 11 месеци од 2014 година трудот на македонскиот работник обезбеди нето извозен прилив од СР Германија во вредност од 1.139 милиони САД долари!
Но, да ги погледнеме и големите дефицити во надворешната трговија.

Το πετρέλαιο (Нафтата?)
Откако ескалираше европската должничка криза, билатералната трговија со Грција е во процут! Малку попрецизно, драстично е зголемен увозот и истовремено е продлабочен трговскиот дефицит со Грција. Првиот, непроверен заклучок е дека падот на животниот стандард (или квалитетот на живот) кај јужниот сосед придонесува за поголема трговска соработка со Македонија од 2009 година наваму. Како е можно ова? Дали поевтинувањето на одредени производи во Грција ги направило нив попримамливи (или поконкурентни) на македонскиот пазар?
Одговорот е, сепак, многу поедноставен одошто се мисли. Огромниот пораст на увозот од Грција е концентриран кај ставките 271012 Масла добиени од нафта и масла добиени од битуменозни минерали и 271019 Нафта, производи од нафта и сродни производи од нивната дестилација. Само по овој основ Македонија платила увоз во вредност од 418,9 милиони САД долари во 2013 година, што претставува 60% од вкупниот увоз од Грција. Вредноста на увозот се зголемува од година во година и тој е за потребите на рафинеријата „ОКТА“ а.д. Скопје. Таа покрива значаен процент од домашниот пазар, а извезува и во Косово, во Србија и во Албанија.
Инаку статистиките говорат дека Македонија од Грција, исто така, увезува железо и челик (8,9%), текстил (3,0%), пластика (2,7%), преработки на железо и челик (1,7%), алуминиум (1,5%) и овошје (1,2%). Увозната статистика е секако потценета ако се земе предвид и неоцаринетата стока за лични потреби, која македонските граѓани ја носат од шопинг турите во Солун.
Според тоа приказната за дефицитот во трговијата со Грција првенствено се сведува на зголемениот увоз на нафта.

Freefall! (Слободен пад!)
Едно од најинтересните случувања во надворешната трговија на Република Македонија е спектакуларното продлабочување на трговскиот дефицит со Велика Британија во изминативе неколку години. Неговото движење може да се изедначи со слободен пад во непознат амбис. Бидејќи ѓаволот е длабоко во деталите, одговорот мора да се побара во структурата на увозот од островската земја. Статистиките говорат дека најголемите увозни ставки се: 711011 Платина – необработена или во форма на прав и 711021 Паладиум – необработен или во форма на прав, на кои отпаѓа 72% од увозот од Велика Британија во 2013 година. Македонската економија е толку мала што влезот на британската мултинационална компанија „Johnson Matthey“, специјализирана за хемиски производи и одржливи технологии, предизвика тектонски промени во надворешната трговија. Оваа компанија отвори два производствени капацитети за автомобилски катализатори за кои важен инпут се токму платината и паладиумот.
Македонските граѓани не би можеле со векови да потрошат толкаво количество платина и паладиум! Од тие причини потребно е да се открие географската дестинација на финалниот производ: 381512 Разни хемиски производи - катализатори - со благородни метали или соединенија на благородни метали. Интересно, Република Македонија во 2013 година имала извоз на катализатори во вредност од 584,5 милиони САД долари во СР Германија и 4,8 милиони САД долари во Велика Британија. Со пресметан ризик дека се сервираат премногу бројки, до ниво на дегутантност, вредно е да се напомни дека катализаторите сега сочинуваат 15,1% од македонскиот извоз.
Со оглед дека автомобилските катализатори се извезуваат на западноевропските пазари, поточна е констатацијата дека трговскиот дефицит со Велика Британија се компензира со трговски суфицит со СР Германија, а не обратно. Освен тоа произлегува дека трговскиот дефицит со Велика Британија воопшто не е загрижувачки бидејќи станува збор за увозно зависна високотехнолошка индустрија. Кој вели дека Република Македонија не се грижи за светската екологија?!

Evropa zdaj? (Европа сега?)
Ширењето на Европската унија кон Источна и Југоисточна Европа влијае и на надворешно-трговската статистика. Некако премногу лесно се стекнува впечатокот дека Македонија сè повеќе тргува со оваа моќна европска интеграција. Иако во минатото владееја различни царински режими, поисправно е иако, не и докрај точно да се анализира трговијата со сегашните 28 земји-членки на Унијата во изминативе две децении. Учеството на трговијата со нив во далечната 1994 година, на пример, изнесуваше 71,9% од вкупната надворешна трговија на Македонија. За споредба, во 2013 година се намали на 66,6%.
Заклучокот е дека македонските компании тргуваат помалку со европските партнери, во релативна смисла (во проценти). Притоа многу поразигран е македонскиот увоз на добра бидејќи се зголемува трговијата со поголем број неевропски земји. Според тоа словенечкиот слоган „Evropa zdaj“ („Европа сега“) кај нас е веќе одамна имплементиран, што се однесува до билатералната трговија. Дури и полека излегува од мода.

Mind the gap! (Внимавајте на процепот!)
Вистински трговски партнер во најава е НР Кина. Во 1994 година, трговијата со оваа гигантска азиска економија беше незначителни 0,2% од вкупната трговија на Македонија. Од 1999 година наваму, трговијата со НР Кина почнува да расте и достигнува 4,4% во 2013 година. Поради ниската споредбена основа, излегува дека трговијата со НР Кина се зголемила за 21 пат во изминативе 20 години. Да не заборавиме дека трговијата со НР Кина започнува да расте токму во годината кога Република Македонија го призна Тајван како суверена држава. Цинично, но излегува дека прво ја налутивме постојаната членка во Советот за безбедност на Обединетите нации, потоа таа нè пронајде на светската карта и, на крајот, ја зајакнавме билатералната економска соработка за да не се инспирираме, случајно, со слични дипломатски експерименти.
Се разбира, никој нема дилеми дека со НР Кина континуирано остваруваме трговски дефицит што понира во нови и нови длабочини. Трговскиот дефицит со Кина е дури 11,8% од вкупниот надворешно-трговски дефицит на Македонија во 2013 година. Најчестото предупредување во лондонското метро: „mind the gap“ („внимавајте на процепот“) е актуелно за голем број земји кога ја анализираат билатералната трговија со НР Кина. Тоа важи и за Република Македонија! Уште поинтересно прашање е што извезуваме во НР Кина. Деталните статистики говорат дека на Кинезите им извезуваме, пред сè, железо и челик, на кои отпаѓаат 95,6% од вкупниот извоз кон Кина.
За жал, разликите во надворешно-трговските статистики на НР Кина и Македонија се огромни и тоа влева голема несигурност во анализата. Република Македонија објавува дека има трговски дефицит со НР Кина од 275,7 милиони долари, а НР Кина известува дека има дефицит од 44,5 милиони долари со Република Македонија. Кому да се верува? Дискрепанцата изнесува 320,2 милиони долари и таа не може да се објасни со разликите во клаузулите при транспортот: „fob“ (free on board) и „cif“ (cost, insurance and freight). И Кинезите нам лути, и ние ним, што се одлеваат девизи!

Партнери од доверба
Република Македонија има најстабилни трговски односи со: СР Германија, Хрватска, Австрија и Црна Гора. Во независната економска историја, трговијата со овие земји покажува најмали осцилации, мерени според коефициентот на варијација на нивните учества во вкупната надворешна трговија на Македонија. Тоа се нашите традиционални партнери, партнери од доверба. Од друга страна, најмногу варијабилна (или најмалку стабилна) е трговијата со: Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Бразил. Изгледа дека и трговците веруваат во изреката: „далеку од очите, далеку од срцето.“

Македонија, конечно, се глобализира!
Заклучокот би бил дека надворешната трговија на Република Македонија се разгранува и во географски и во производен аспект. Гравитациските полиња на трговските текови се СР Германија, Велика Британија, Грција и Италија. Како и во многу други земји, вистинските главоболки ќе доаѓаат со галопирачкиот увоз од НР Кина. Од 2007 година наваму, учеството на трговијата со најблиските соседи во вкупната трговија е во опаѓање. Тоа говори дека сè повеќе ќе се намалува значењето на географската положба на Република Македонија. Исклучок е трговијата со Бугарија, што е во подем и што на среден рок изгледа дека ќе ја достигне вредноста на трговијата со Србија. Косовскиот пазар има огромен извозен потенцијал, но добива недоволно внимание. Спектакуларниот пораст на трговскиот дефицит со Велика Британија не треба да загрижува бидејќи е предизвикан од увозно зависна високотехнолошка индустрија. Македонија, конечно, се глобализира!

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top