Интервјуа
НЕМА НЕУСПЕШНИ ПРЕТПРИЕМАЧИ, ИМА ЛУЃЕ КОИ ЛЕСНО СЕ ОТКАЖУВААТ

Бојан Џиков и Огнен Огненоски
Сопственици на „Таргет Груп“ ДОО Скопје

Во време кога голем дел од младите од Република Македонија сонуваат за работа во јавниот сектор или за заминување во странство, Огнен и Бојан со дипломите од странски универзитети се враќаат во Македонија и започнуваат заеднички бизнис. Ова е една од оние приказни какви што би сакале да ги имаме повеќе во Македонија.

 

Вие сте млади луѓе со одлично образование стекнато во странство. Што ве мотивираше да го изберете потешкиот пат во однос на образованието?

О.Огненоски: Многу е тешко да одлучиш по кој пат ќе тргнеш по завршувањето на гимназија, а уште потешко да знаеш кој од можните патишта се правилни. Мислам дека личноста се формира до 18 години, но најважното следува потоа, а тоа е високото образование. По природа сме луѓе кои ги привлекуваат нови, иновативни, несекојдневни нешта, работи што го карактеризираат модерното општество. Мораме да напомнеме дека имавме огромна поддршка од нашите родители да се едуцираме на едни од појаките универзитети во Европа, односно САД. Неколку години пред запишување на факултет знаевме дека тоа треба да биде факултет во странство. Огнен: „Изборот на државниот Економски факултет во Љубљана – Менаџмент и претприемништво – е можеби судбина, а најверојатно придонесе сугестијата од моите родители дека токму овој универзитет е правиот избор. Мотивите за студирање во странство беа повеќе: факултетот што го избрав беше меѓу 50-те најдобри економски факултети во светот, светски признатата диплома, професионалниот пристап кон образовниот процес на младите, искуството што можев да го добијам во текот на студиите, отворањето на нови видици, но пред сè можноста да донесам свежи и нови идеи на македонскиот пазар, што подоцна се потврди дека е така. Од друга страна, Бојан го направи својот избор да студира на Универзитетот Витербо во Винсконсин на насоката за компјутерски информатички системи како резултатот на професионалните ангажмани на неговите родители во САД.”

НАШАТА ПОРАКА ДО МЛАДИТЕ Е ДА СЕ ПОСВЕТАТ МАКСИМАЛНО НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС, ДА СТЕКНАТ РАБОТНА НАВИКА, ДА ГО НАУЧАТ МЕНТАЛИТЕТОТ НА ЛОКАЛНИОТ ПАЗАР И ДЕТАЛНО ДА ГИ АНАЛИЗИРААТ ПОТРЕБИТЕ НА ЕКОНОМИЈАТА

Во време кога голем дел од младите од земјава сонуваат за наоѓање работа во странство, вие со странските дипломи се вративте во Македонија. Како ја објаснувате таа своја одлука?

Б. Џиков: Мислам дека успешноста на еден претприемач е да препознае недостаток или проблем во едно општество и да ги искористи своето знаење и лични способности и вештини да креира продукт или услуга што ги пополнува и/или решава недостатоците, односно проблемите во општеството. Како резултат на моето работење во САД во една од најголемите 500 компании (Ingersoll Rand) како бизнис аналитичар и работното искуство на Огнен во Словенија во Секторот за мултилатерално порамнување на долгови, стекнавме огромно знаење и искуство што претставуваше совршен скоп на две различни искуства и два различни карактера, што ветуваа ништо друго освен успех. За жал, условите во нашава држава не се во корист на оние кои сакаат да започнат бизнис, особено оние кои немаат капитал за тоа, па така и нашиот почеток беше релативно тежок и бараше огромна поддршка од нашите родители. Сето ова беше дополнително отежнато со општиот песимизам на поголемиот дел од луѓето што нè опкружуваа. Нашата упорност, строго поставените цели и желбата за успех на крај се исплатеа и денеска претставуваме пример за многу идни претприемачи кои ќе одлучат да ги инвестираат своето време и знаење во остварување на нивните желби и идеи.

Моментно во Македонија постои висока невработеност и мноштвото невработени претпочита да работи во јавниот сектор. Наспроти тоа, вие имавте солидна работа, но сепак одлучивте да го оставите сето тоа, да преземете ризик и да започнете свој бизнис. Зошто?

Б. Џиков: Моментално во државава се одвива еден период на промоција за започнување на сопствен бизнис, ние тој „mindset“ го стекнавме за време на нашето школување во САД и во Словенија, земји каде што младите сакаат да го користат својот потенцијал за развој на нови бизниси, продукти и решенија. Со ова уште пред нашето враќање во Македонија знаевме дека ќе се вратиме да основаме наш сопствен бизнис и тоа беше главната цел. Бојан: „Одлуката да се вработам во финансискиот сектор беше, пред сè, резултат на културниот шок што го доживеав со моето доаѓање во Македонија. Веднаш сфатив дека ми треба време да се адаптирам на менталитетот, на начинот на работа и на функционирањето на стопанството. Од друга страна, Огнен беше релативно блиску до дома и на еден или на друг начин беше во тек со работите и знаеше што го чека“. Финалната одлука за почеток на сопствен бизнис ја направивме откако увидовме кои се проблемите со кои се соочува приватниот сектор и веднаш стапивме кон креирање на решенија што ги адресираат овие проблеми.

Сопственици сте на фирмата „Таргет Груп“ ДОО Скопје. Вашата фирма им нуди на заинтересираните субјекти информации, регистарски и финансиски, за компаниите од Република Македонија. Која е, според вас, конкретната корист за една компанија од пристапот кон податоците што ги нудите?

О.Огненоски: Во Македонија моментално постои една голема потреба за пристап до квалитетни и лесно обработливи деловни податоци. „Таргет Груп“ оваа потреба ја увиде пред 3 години и можеме да кажеме дека голем дел од потребите ги имаме задоволено и постојано ги надоградуваме нашите продукти во согласност со барањата на стопанството. Моментално на компаниите им нудиме три интернет платформи (biznismreza.mk, eboniteti.mk и bonitet.mk) преку кои на клиентите им овозможуваме веднаш онлајн пристап до регистарски и до финансиски податоци за сите компании од Р. Македонија и преку 20 милиони компании од Европа.
Користа од нашите платформи и извештаи е огромна. Со нашата услуга за проверка на блокада на сметка, што е единствена во државава, на клиентите им овозможува да проверат конкретен клиент дали има блокирано банкарска сметка, а со тоа да знаат дали да дадат предмет на извршување. Преку платформата БизнисМрежа.мк нудиме увид во повеќе од 120.000 правни лица од државава со целосни регистарски податоци и увид во нивната поврзаност (поврзани лица). Платформата нуди и мониторинг систем за следење на промените кај компаниите со што на нашите клиенти им се овозможува навремено известување за промените кај нивните партнери, а со тоа директно ја заштитуваат нивната изложеност.
Нашите бонитетни извештаи за компании од државава и од Европа служат за детална проверка на деловните партнери, потенцијални соработници или конкуренти на пазарот. Овие извештаи ги содржат сите битни информации за деловното и за финансиското работење на компаниите и претставуваат одличен инструмент за проценка и за донесување правилни и квалитетни одлуки.
Нашата база на податоци може дополнително да се користи за најразлични цели, од изработка на екстракти на компании што задоволуваат одредени критериуми (град, дејност, големина, број на вработени, приходи, добивка и др.) до ажурирање на податоците на целосното портфолио и/или каков било вид на анализа на пазар (сегментација, целење, профилирање и сл.)

Да погледнеме подетално. Што нудите во поглед на категоријата деловни информации?

Б. Џиков: Нашата компанија е директно поврзана со системот на Централниот регистар на РМ. Оваа системска поврзаност на корисниците им нуди целосни, официјални и точни податоци, а дополнително на ова и податоци што се веднаш достапи без разлика за кој субјект станува збор. Сите видови финансиски извештаи и индикатори се работат врз основа на општоприфатена (на глобално ниво) системска обработка што му овозможува на модерниот менаџер да донесе правилна деловна одлука.
Како што претходно напомнавме, ја поседуваме најголемата приватна датотека со податоци за правни субјекти од државава со целосна архива за последниве 10 години. Како генерални застапници за компанијата „Бисноде“ од Шведска нудиме пристап до повеќе од 20 милиони компании од Европа. Со ова на извозно ориентираните компании им овозможуваме онлајн проверка на бонитетот за странскиот субјект.

Какви се вашите услуги во врска со бонитетните информации?

О.Огненоски: Најпрво би направиле едно објаснување што претставува поимот бонитет и бонитетна информација. Кога спомнуваме бонитет подразбираме оцена за моменталната состојба на компанијата што го претставува финансиското работење, промените што настанале во изминатиот период и споредба со резултатите на останатите компании во таа дејност. Додека бонитетни информации се информациите што се земаат предвид за генерирање на бонитетната оцена, односно мислење.
Нашата компанија нуди бонитетни извештаи (составени од бонитетна оцена и бонитетни информации) за сите компании од Македонија и преку 20 милиони компании од регионов и од Европа.

Интересни се содржините на вашите додатоци на податоците наречени „Мрежа“, „Подружници“ и „Историјат“. Објаснете ни за што станува збор?

О.Огненоски: Овие додатоци се дел од платформата БизнисМрежа.мк што на корисниците им овозможува пристап до целосни регистарски и финансиски податоци. Додатокот „Мрежа“ претставува графички приказ на поврзаноста на македонските компании. Оваа мрежа овозможува корисникот сликовито да увиди по кој основ се поврзани одредени правни субјекти и физичките лица (сопственици и овластени лица), односно дали се работи за директна капитална или управувачка поврзаност или друг вид на индиректна поврзаност. Модулот „Подружници“ ги опфаќа податоците за сите активни и избришани подружници на компаниите со сите придружни податоци за секоја подружница посебно.
БизнисМрежа.мк покрива и информации за историјатот на промените кај компаниите од 2006 година до денес. Со додатокот „Историјат“ може да се види кои биле претходни сопственици, управители или овластени лица кај компаниите. Исто така се овозможува увид во претходните адреси, називи на фирми, дејности, како и архива на постапките за стечај, за ликвидација и сл.

СЕКОЈА УСПЕШНА ПРИКАЗНА ИМА ПАДНИ - СТАНИ, НАЈВАЖНОТО ОД СÈ Е ПО ПАДОТ ПОВТОРНО ДА СТАНЕТЕ И ДА ПРОБАТЕ ОДНОВО

Со која динамика се ажурираат различните видови податоци што ги нудите?

Б. Џиков: Најголемата предност во нашето работење е дневното ажурирање на податоците. Со тоа на нашите клиенти им овозможуваме секогаш да бидат во тек со промените кај сите субјекти што ги засегаат. Информацијата за статус на сметка (блокада на сметка) е веднаш ажурирана, односно во моментот на проверка.

Ваша фирма е релативно млада, основана е пред три години. Каков е интересот за услугите што ги нудите?

О.Огненоски: Нашата мисија е да обезбедиме пристап до висококвалитетни деловни информации и да им помогнеме на нашите клиенти да одржат стабилен степен на ризик, да го зголемат својот профит и да помогнеме при донесување на квалитетни деловни одлуки. Можеме да се пофалиме дека за овие три години успеавме да оствариме соработка со над 200 од најуспешните компании во државава, државни институции и десетици компании од регионов и од Европа. Сè уште се наоѓаме во фаза на развој и комплетирање на нашите услуги и најважно од сè е дека постојано работиме на едукација на компаниите како правилно и ефикасно да ги користат нашите податоци.
Сè поголемиот интерес за нашите услуги ни дава уште поголема мотивација да се развиваме и да ги усовршуваме нашите продукти, а во скоро време и да се прошириме надвор од границите на државава.

Покрај информациите за компаниите од Република Македонија, вие нудите пристап до бонитетни информации за повеќе од 20 милиони компании во Европа. За што станува збор?

Б. Џиков: Нашето успешно работење и квалитет беа препознаени уште на самиот почеток од страна на најголемата компанија за деловни податоци во Европа „Бисноде“ АБ. Во партнерство со нив, на стопанството му ја нудиме платформата bonitet.mk. Оваа платформа нуди пристап до бонитетна оцена, кредитен лимит и маржа, информации за судски спорови, платежен индекс и многу други податоци за преку 20 милиони компании од Европа. Извозно ориентираните компании со оваа платформа можат да го одберат својот најдобар партнер од странство или да ја проверат успешноста на своите деловни соработници. Она што е најкорисно од сè, оваа платформа на корисникот му овозможува да направи анализа на целосното портфолио преку опцијата „Анализатор“ и со тоа да го пресмета ризикот на целосното портфолио. Воедно платформата нуди мониторинг систем што информира за сите критични случувања кај компаниите што се од интерес на клиентите. Мониторингот дневно известува за блокади на сметка, нови судски спорови, промена на бонитетната оцена и слично.

Која е вашата порака до младите луѓе во Македонија, потенцијални претприемачи?

Б. Џиков/О.Огненоски: Нашата порака до младите е да се посветат максимално на образовниот процес, да стекнат работна навика, да го научат менталитетот на локалниот пазар и детално да ги анализираат потребите на економијата. Никогаш не се откажувајте од идејата претприемач, ниеден почеток не е лесен, важно е секој ваш неуспех да биде дополнителна мотивација за нов почеток. Секоја успешна приказна има падни - стани, најважното од сè е по падот повторно да станете и да пробате одново. Нема неуспешни претприемачи, има луѓе кои лесно се откажуваат, немојте и вие.


подготви: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top