Интервјуа
ЗА ДА СЕ ПРОМЕНИ ОДНЕСУВАЊЕТО МОРА ДА СЕ ПРОМЕНИ УБЕДУВАЊЕТО

Џим Дан
Консултат, Пасифик институт

Џим Дан е консултант од Велика Британија. Тој ќе биде еден од говорниците на престижниот Македонски економски самит 2015 во средината на ноември годинава во Скопје. Темата за која ќе говори е фасцинантна: „Трансформирање на менталната рамка во поделени општества, трансформирање на земјата преку промена на менталната рамка.

 

Господине Дан, Вие сте член на корпоративниот тим во рамките на Пасифик институтот, меѓународна консултантска групација. Кажете ни за областа во која е специјализирана групацијата и за Вашата улога во организацијата.

Џ. Дан: Пасифик институтот е глобална консултантска куќа специјализирана за промена на однесувањето и на културата. Лоциран во Сиетл, во сојузната држава Вашингтон, Институтот има оперативни бази низ светот, во Велика Британија, во Австралија, во Јужна Африка, во Хонг Конг. Има операции во преку 60 земји, на 23 различни јазици и има преку 44 години искуство во јавниот и во приватниот сектор во водење на организациите низ процес на развивање на нивната посакувана културна димензија. Приближно 6,5 милиони луѓе учествувале во неговите програми и ги користеле неговите процеси и технологии на индивидуално и на корпоративно ниво за да развијат верба и да трансформираат однесувања што ги движат остварувањата.
Како директор на проекти во Институтот мојата улога е да градам врски со клиентите; да го развивам бизнисот; да креирам приходи; да планирам и имплементирам проекти; да придонесувам за бизнис плановите и стратешките прашања и да ги поддржувам операциите, вклучително имплементацијата на програмите.

Изгледа дека глобализацијата на бизнисот и неговото рапидно динамизирање драматично ја зголемија потребата на компаниите за организациски промени. Како ги перципирате овие предизвици за компаниите?

Џ. Дан: Сега постојат докази базирани на истражувања што покажуваат дека културата е двигател на остварувањата. Културата е важна од многу аспекти, ако не и поважна од визијата и од стратегијата. Компаниите и организациите од секаков вид се соочуваат со голем предизвик да ја усогласат својата култура со нивната визија и целите за таа да го поддржува, а не да го забавува процесот на реализација. Во многу организации културата е пречка што треба да се надмине наместо таа да биде клучна движечка сила за остварувањата.
Експертизата на Пасифик институтот е во тоа што може да ги поддржи поединците и групите во идентификацијата и развивањето на оној вид на култура што им е потребен за нивниот бизнис.

ЕКСПЕРТИЗАТА НА ПАСИФИК ИНСТИТУТОТ Е ВО ТОА ШТО МОЖЕ ДА ГИ ПОДДРЖИ ПОЕДИНЦИТЕ И ГРУПИТЕ ВО ИДЕНТИФИКАЦИЈАТА И РАЗВИВАЊЕТО НА ОНОЈ ВИД НА КУЛТУРА ШТО ИМ Е ПОТРЕБЕН ЗА НИВНИОТ БИЗНИС

При давањето на консултантски услуги на бизниси, образовни институции и локални заедници, промовирате позитивна промена. Која е Вашата дефиниција за позитивна промена?

Џ. Дан: Кај секој поединец или организација има две перцепции. Првата е таа за тековната реалност – работите онакви какви што се сега. Втората е таа за визијата – какви би сакале ние да бидат работите. Едноставно кажано, позитивна промена е сето она што предизвикува ние да се поместиме кон она како ние би сакале да бидат работите.
Оваа промена не се случува автоматски. Не помага и ако се запне повеќе.
Во нашиот бизнис велиме: „Секоја разумна и трајна промена започнува однатре и го наоѓа својот пат кон површината.“
Поединците и организациите не функционираат на нивото на својот потенцијал, туку на нивото на нивното убедување. За да се промени однесувањето или остварувањата, неопходно е да се промени убедувањето. Институтот се фокусира на мисловната рамка на поединците и на организациите, на тоа како убедувањата го движат однесувањето и влијаат на остварувањата, на тоа како можат да се развијат посоодветни однесувања преку примена на добро истражени научни принципи.

Вие ќе бидете еден од говорниците на големиот Македонски економски самит 2015 во Скопје, организиран од „Македонија 2025“ на средината од ноември. Темата за која ќе зборувате е „Трансформирање на менталната рамка во поделени општества, трансформирање на земјата преку промена на менталната рамка.“ Ова е фасцинантна тема. Што да очекуваат потенцијалните учесници на Самитот од оваа панел-дискусија и која би била користа за нив?

Џ. Дан: Ќе се осврнеме на неколку работи. Прво, на тоа што е култура, како таа се формира, како може да биде измерена и променета. Второ, на менталните обрасци на луѓето кои имаат високи остварувања и како се стекнати тие обрасци. Трето, на трансформациското лидерство. Тоа е улогата на лидерството во трансформирањето на културата за да се направат промените што им се потребни и посакувани од поединци или од групи.

Вие сте и член на Меѓународниот борд на фондацијата „Патот на надежта“. Кажете ни нешто за оваа активност со хуманитарен карактер.

Џ. Дан: Фондацијата „Патот на надежта“ е регистриран хуманитарен субјект, со седиште во Будимпешта, Унгарија. Таа работи со млади лица од растурени домови, оние што се згрижени во државни сиропиталишта во Унгарија, во Србија и во Украина и со возрасни лица кои живеат во домови за бегалци во градовите. Се грижиме за добросостојбата, образованието и моралната/духовната добросостојба на оние со кои сме во контакт. Го помагаме нивниот развој, асистираме при нивната интеграција во општеството и се трудиме да бидеме вклучени колку што е можно повеќе.
Целите ги остваруваме преку општествени активности, донирајќи облека, храна, средства за чистење и други средства. Има и едукативни активности, подучување за етика, развивање вештини, организирање на спортски и на други активности. Редовно ги посетуваме домовите и сиропиталиштата. Организираме јазични и спортски кампови во Унгарија и во Украина.
Нудиме надеж преку промоција на христијанските вредности, но фондацијата ги почитува религиозните убедувања на оние со кои работиме.
Имаме локален оперативен директор кој е поддржан од мала екипа и значителен број на волонтери кои се прописно оценети и обучени за работата што ја работат.

Поминавте многу години од Вашата кариера во британскиот сектор за челик. Како ги оценувате глобалните тековни состојби во секторот за челик?

Џ. Дан: Вишокот на производствен капацитет е најголемата закана за секторот. Иако побарувачката полека се подобрува, секторот е под закана од постојаниот притисок од вишокот на производствениот капацитет и ниските профитни маржи и светската потрошувачка сè уште заостанува зад производството.
Бројни коментатори веруваат дека индустријата треба да се преструктурира за да ја врати профитабилноста, но опциите се ограничени и изгледа како трајното затворање на производните капацитети со високи трошоци да е единствениот вистински начин за пазарот да се доведе во баланс.
Исто така производителите на челик се изложени и на други закани поврзани со трошоците. Со економското закрепнување, трошоците за работната сила растат побрзо од побарувачката за челик. Растечката возраст на челичарниците и одложувањето на потребното одржување ќе доведе до остар скок на трошоците за поправка и за одржување во иднина. Продуктивноста ќе се намали како што челичарниците стареат или се користат со помал од оптималниот капацитет. Историски ниските каматни стапки не можат да се одржат и идниот каматен товар ќе биде значителен за веќе високозадолжениот сектор за челик.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски
(октомври 2015)
 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top