Општество
ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА ДОБИ ДОНАЦИЈА ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ ОБЕЗБЕДЕНА ОД ФОНДАЦИЈАТА НА COCA-COLA И ПИВАРА СКОПЈЕ

08.05.2020

Клиниката за инфективни болести во Скопје ги доби неопходните материјали кои како донација ги обезбедија и Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје, а се реализираат преку Црвениот крст. Примопредавањето на оваа донација е дел од активностите со кои годинава, под мотото „Сите сме црвени“, се одбележува 8. Мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина. Истиот ден воедно е и роденден на Coca-Cola.

„Денешната донација кон Клиниката за инфективни болести во услови на зголемена фреквенција на пациенти е само уште еден позитивен пример за солидарност, општествена одговорност и поттик за меѓусебна помош и поддршка во услови на пандемија. Особено сме им благодарни на Фондацијата на Coca-Cola и Пивара Скопје за финансиските средства што ги обезбедија за реализација на оваа активност на Црвениот крст“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје.

Донираните материјали за Инфективната клиника се дел од листата на приоритетни потреби на Министерството за здравство во борбата со пандемијата на Ковид-19.

„Како интегрален дел од оваа заедница, ние во Пивара Скопје сме горди што имаме можност да помогнеме тогаш кога тоа е потребно. Тоа е дел од нашата компаниска култура, на нашите вредности и на нашето општествено одговорно делување, кое е насочено кон потребите и интересите на заедницата, на луѓето што ја сочинуваат и на целата земја. Од големо значење е и поддршката од групациите Coca-Cola HBC и HEINEKEN каде припаѓа нашата компанија. Во оваа прилика, сакам да им упатам голема благодарност на сите вработени и волонтери на Црвениот крст за нивната огромна посветеност и работа, а воедно би сакал посебна благодарност да упатам и до целокупниот медицински персонал кој се грижи за здравјето на пациентите со Ковид-19“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје.

Голема благодарност за донацијата и целокупната поддршка што ја добива Клиниката за инфективни болести во справувањето со здравствените предизвици од пандемијата искажа организацискиот директор на клиниката, д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев.

„За нас оваа донација преставува гест на подадена рака, но и поттик за уште поуспешна работа и храбро и посветено да го издржиме целиот овој тежок период. Клиниката за инфективни болести била секогаш на првата борбена линија кога станува збор за кризни ситуации. И во оваа ситуација, како и секогаш претходно, сите ние го даваме максимумот во борбата и справувањето со истата. Овие кризни времиња ни даваат можност дополнително да си помагаме уште повеќе и нѐ потсетуваат дека пред се најважно е да се биде човечен“, изјави д-р Пехчевска Поп-Илиев.

Инаку, донацијата за Клиниката за инфективни болести во Скопје е само дел од активностите на Црвениот крст насочени како одговор на пандемијата од Ковид-19 кои меѓу останатото опфаќаат обезбедување итни социјални и здравствени сервиси, психо-социјална поддршка, логистичка асистенција, медицинска заштита и информирање на населението за справување со Корон вирусот. Во тие рамки, активни се и 37 мобилни волонтерски тимови на Црвениот крст кои вршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и истите ги доставуваат до домовите на старите, изнемоштени лица кои живеат сами, хронично болните, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории граѓани на целата територија на земјата. Финансиските средства за реализација на овие активности ги обезбедија Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top