Општество
ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА ПАРИСКИОТ МИРОВЕН ФОРУМ ПРЕКУ ВИДЕО-КОНФЕРЕНЦИСКА ВРСКА

Говор на Господинот Жан-Ив ЛЕ ДРИАН, Министер за Европа и за надворешни работи, Париз, 29 април 2020 година.

 

Дами и Господа Амбасадори,

Многу сум погоден од кризата низ која минуваме во моментот поради нејзината невидена и длабока симптоматска природа.

Оваа криза е посебна поради екстремната сериозност и големината на нејзините последици, во сите области.

За само неколку месеци, од Ковид - 19 беа погодени и продолжуваат да бидат погодени милиони луѓе. Тоа ги промени нашите животи.  Меѓународните врски сега се скоро во мирување. Нашата генерација никогаш не се соочила со вакво искушение. Никогаш во поновата историја не сме се соочиле со таков брутален и масовен шок ; толку многу што овој момент може да означи крај на една ера.

Ова барем го тврдат некои коментатори.

Што се однесува до мене, повеќе верувам дека оваа криза всушност делува како прекрасно откритие : ако подобро погледнете, ја истакнува природата на предизвиците и силата на опасностите со кои меѓународната заедница требаше да се соочува многу години и кои ќе продолжат да бидат тешки тенденции со кои ќе треба да продолжиме да се занимаваме. 

Она што го открива кризата со коронавирусот е пред сè стекнатата и влошена форма на природата на меѓународните предизвици од 21 век.

Заедничко за овие предизвици е што  не познаваат граници и ниту една земја не е поштедена : на ниво на животна средина  тоа се климатските промени и ерозијата на биолошката разновидност, на ниво на развојот тоа е глобалната нееднаквост, на поле на безбедноста тоа е  појавата на глобализираниот тероризам, на поле на технологијата тоа е дигиталната револуција. Соочени со овие предизвици, здравиот разум повикува на колективни и усогласени одговори.    

Овие предизвици нè засегаат сите нас. Тие влијаат врз нас, обично во различен временски интервал и со различен степен, до тој степен што некои, непознавајќи го глобалниот обем, не се соочуваат со својата одговорност. Ненадејното ширење на ковид-19 не остава простор за нејаснотии: како животните во басната од Ла Фонтен, сите ние сме „ засегнати “, на сите континенти и речиси истовремено со разлика од неколку седмици.

Може да се најде спас само доколку знаеме да ги обединиме напорите за да заеднички се избориме против вирусот. Соочувајќи се со него, сите сме на иста страна. Затоа што никој од нас нема да може да се смета себеси за заштитен сè додека пандемијата не биде ставена под контрола. Здравјето на секого зависи од здравјето на сите. Затоа оваа криза нè потсетува на трите неопходни работи кои секогаш треба да нè водат во насока на денешните глобални предизвици : 

  • најпрво неоходноста од координација, зашто „ секој  за себе “ може да не доведе само до колективна немоќ ;   
  • потоа неопходност од соработка - единството е сила, тоа го докажуваме  секој пат кога сме во можност да сметаме едни на други за да помогнеме во враќањето на нашите државјани или да испратиме медицинска опрема ; 
  • и на крај, неопходноста од солидарност, бидејќи сите ние немаме исти ресурси да се соочиме со кризата. Од суштинско значење е меѓународната заедница да им помогне на најранливите земји, особено оние во Африка. Како што знаете, тоа е приоритет за Франција. Сето ова, не само затоа што имаме хуманистичка визија за светот, но и затоа што сме убедени дека е добро разбран нашиот колективен интерес.

Она што го открива кризата со коронавирусот се поделбите кои со години го поткопуваат меѓународниот поредок.

  • Овде мислам пред се на потврдувањето на логиката на моќ и систематизацијата на соодносот на сила. И ние го видовме тоа : дури и среде пандемиската криза, продолжуваат ривалствата и борбите за влијание, како да е соодветно време за поделба. 
  • Овде мислам пред се на оспорувањето на мултилатерализмот, кој до ден денес наоѓа противници, против секоја логика.

Според мене постои реален ризик актуелната криза уште повеќе да ги истакне овие поделби. Од оваа гледна точка, „ светот потоа “ би можел да биде и полош од „ светот претходно “.  Ова е, во суштина, она што го кажав неодамна јавно и денес би сакал да отстранам секакво недоразбирање во таа насока : за мене, не е неизбежно, едноставна песимистичка констатација и откажување, Напротив ! Тоа е покана за колективно делување. Бидејќи можеме и, верувам дека оваа криза можеме да ја пренамениме во забрзувач на промените што ни се потребни на сите.   

Ова е патот што Франција и Европа ќе настојуваат да го отворат во наредните недели и месеци. Третото издание на Парискиот форум ќе биде привилегиран момент во месец ноември за да колективно го следиме тоа размислување.
Но, би сакал уште отсега да Ви посочам некои од нашите приоритети, во врска со прашање од кое денес сме сите засегнати : прашањето за управување со меѓународното здравство. 

За да биде ефикасно, ова управување мора да биде мултилатерално.

Истото треба да биде поддржано од СЗО, организација која апсолутно игра суштинска улога и која мора да ја зајакнеме и да ја реформираме.
Истата мора да овозможи подобра координација на сите чинители од глобалното здравство.

Тоа е суштината на пораката која што сакав денес да Ви ја соопштам, како повик да останеме обединети во оваа криза и заеднички да се подготвиме за соочување со кризите што може да нè погодат утре.

СЗО - како што реков и сакам да го истакнам повторно - игра апсолутно суштинска улога.

Прво заради здравиот разум : СЗО е еден од столбовите на мултилатералниот поредок кој беше основан после Втората светска војна и особено што денес е единствената организација посветена на универзалното јавно здравје.  Истата е неопходна кога се соочуваме со пандемија, која самата по себе е универзална. 

Второ, последните недели истата беше предмет на неосновани критики поради нејзиното ниво на мобилизација.

На почетокот на февруари, СЗО претстави Стратешки план за подготовка и одговор на епидемијата од ковид-19, кој служи како водич за сите земји.
Објави повеќе од 40 „ упатства “ кои се ажурираат, како што се развива знаењето за вирусот. Ова е исклучително корисно затоа што, во маглата на лажни информации, од  клучно значење е да можеме да ги засноваме нашите политички избори потпирајќи се на најновата научна состојба.  

Конечно, СЗО ги координира напорите за истражување за да можеме заедно да развиеме, произведеме и дистрибуираме лекување и вакцина против ковид-19. Тоа е наш заеднички хоризонт и оној на Конференцијата на донатори, организирана на 4 мај од Европската Унија, што ќе ни овозможи да собереме средства во наредните недели.

Ова е причината поради која, според мое, меѓународната заедница денес мора да се обедини околу Обединетите Нации и СЗО. Кризата не е зад нас - далеку сме од тоа ! - и не смееме да си го дозволиме тој луксуз на слабеење на единствениот универзален инструмент кој треба да го употребиме за да се справиме со кризата. Тоа е прашање на конзистентност и прагматизам. Јас велам „ прагматизам “ затоа што, ако Франција промовира мултилатерализам, тоа не е по идеологија. Туку затоа што тоа е метод кој ја докажал својата ефикасност и кој повеќе од кога и да е, е единствениот релевантен за зачувување на светските јавни добра како што се здравјето и климата, биодиверзитетот, образованието или безбедноста на храната.   

Меѓутоа, кога ќе дојде време, ќе треба да се запрашаме за она што всушност не профункционира доволно добро и треба да се подобри, да ги научиме сите лекции од тоа низ што минуваме сега, за да се подготвиме за следните здравствени кризи. Франција започна размислувања на оваа тема, околу двата главни приоритети на кои штотуку алудирав.

Прво, неопходно е да се зајакне СЗО, а тоа може да се оствари преку спроведување на одреден број на реформи.

И, прво, во нејзината нормативна улога.

Меѓународните здравствени регулативи, за кои СЗО е гарант, претставуваат меѓународен правен инструмент кој е правно обврзувачки за 196 земји од целиот свет. Неговата цел е да и помогне на меѓународната заедница во спречувањето сериозни ризици по јавното здравје, а нејзината задача е да даде одговори на овие закани.
Затоа е суштински инструмент. Затоа мора истиот целосно да се спроведе од државите. Сепак, денес немаме механизми за верификација во врска со овие меѓународни здравствени регулативи. Затоа треба да размислиме за тоа. Ваквите механизми може да имаат повеќе форми : механизми за ревизија, објавување препораки, инспекции. 

Се разбира дека сите недостатоци не треба да останат без последици. Може да се земат во предвид присилни мерки.


Зајакнувањето на СЗО, исто така, значи и зајакнување на неговата улога во алармирање.

Веќе е планирано дека прогласувањето на вонредна здравствена состојба во меѓународни рамки зависи од Генералниот директор на СЗО, по препорака на комитет од независни експерти. Но, ние мора да одиме подалеку и да и дадеме на СЗО средства за да независно ги проверува здравствените информации што и ги пренесуваат државите.

За да можеме да дејствуваме брзо, потребна ни е транспарентност и мора да знаеме секогаш што точно се случува со здравствената состојба во меѓународни рамки. Ова е причината поради која Франција ја разгледува можноста за формирање на „ Висок глобален совет за здравјето на луѓето и  на животните “. Тој Совет ќе биде одговорен за алармирање на владите и за информирање на општествата, како што ИПЦЦ може да го прави во поглед на климата.  

Покрај тоа, веруваме - како што веќе сфативте - дека прашањето за здравјето на луѓето мора да се решава заедно со проблемите со животната средина и прашањата за биолошката разновидност. Бидејќи би било илузорно да веруваме дека човештвото ќе живее во добра здравствена состојба на болна планета. Нашето здравје, природата, богатството од животински свет, сето тоа се заеднички добра кои се тесно поврзани едни со други. Ние навистина ќе можеме да се грижиме за нив само доколку ги заштитиме заедно. Ако заборавиме едно, им се закануваме на другите. Само една бројка за да се убедиме во тоа : според СЗО, 60% од новите заразни болести кај човекот се од зоолошко, односно од животинско потекло. 

Овој Висок совет ќе овозможи и зајакнување на целата координација, која стана неопходна, помеѓу надлежните меѓународни организации : СЗО, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (ОИЕ), но и Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП). 

Исто така, веруваме дека е неопходно да се зајакне СЗО во својата улога на подигање на свеста и обука. 

Ова е причината поради која Франција е посветена заедно со СЗО за основање на Здравствената академија на СЗО во Лион. Оваа Академија ќе ги подобри вештините на персоналот на СЗО, но и на креаторите на политики и на здравствените работници.

Конечно, веруваме дека ќе биде потребно да се испита, кога ќе дојде време, како да го промениме начинот на финансирање на СЗО ; за да и се даде на Организацијата повеќе простор за маневрирање но и поголема гаранција за нејзината независност.

Во моментов, само една четвртина од нејзиниот буџет е финансиран од задолжителни придонеси од нејзините земји членки, а остатокот главно се финансира од доброволни придонеси од неколку држави и приватни фондации.

Со други зборови, СЗО денес е премногу зависна од политичките одлуки на државите кои треба да одлучат дали ќе ја поддржуваат или нема да ја поддржуваат. Мора да размислуваме за иновативни финансирања, како алтернатива на доброволните придонеси.  Франција е подготвена да учествува во ова размислување.
Нашиот втор главен приоритет, кој е поврзан со овој прв проект, е зајакнување на координацијата на глобалните актери од здравството : СЗО, секако, но и меѓународните финансиски организации, приватните чинители како и мултилатералните фондови. 

Овие фондови покажаа што може мултилатерализмот да направи за здравјето на луѓето : 

  • Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, откако постои, спаси 32 милиони животи.
  • За дваесет години, ГАВИ, Сојузот за вакцини, вакцинираше 760 милиони деца.
  • Унитаид им обезбедува на најранливите пациенти третман што им е потребен, на пр. медицински третмани кои спречуваат пренесување на ХИВ од мајка на дете.

И Франција е горда што секогаш ги поддржувала овие чинители во, како што јас го нарекувам, мултилатерализам заснован на докази.

Сите овие чинители реагираа енергично на кризата што ја поминуваме и можеме само да си честитаме за тоа. Но, се чини дека целокупната архитектура е премногу фрагментирана и со недоволни средства. Клучно е различните институции да работат подобро заедно, почитувајќи ги нивните мандати и нивната додадена вредност. Бројот на овие чинители е богатство, но неопходно е да се обезбеди нивно соодветно делување за да се искористи до максумум колективното знаење кое тие го поседуваат.

За да се направи ова, СЗО мора да ја зајакне својата улога за координирање на одговорот на сите донатори. Треба да биде поддржана од земјите-членки кои исто така учествуваат во управувањето со овие фондови и имаат тежина пред партнери со поголеми финансиски ресурси, како што се мултилатералните фондови (УНАИДС, Глобален фонд, ГАВИ) или меѓународните финансиски институции (Светска банка, ММФ).

Ние мораме да го зајакнеме Глобалниот акционен план ( Глобален акционен план за здрави животи и благосостојба за сите) во кој учествуваат дванаесетте мултилатерални чинители од глобалното здравство околу обврските да работат подобро заедно за да ја достигнат третата цел во 2030 година за одржлив развој, поставена од Обединетите Нации. Овие заложби сега мора да се претворат во конкретни активности, без оглед дали се однесуваат на истражување, финансирање или решенија на терен.

За да се постигне оваа трета цел, соработката помеѓу овие мултилатерални здравствени чинители мора да се прошири кон други од областа на истражувањето и развојот кои делуваат на билатерален план.


И конечно, неколку зборови за методологијата.

Според мое мислење, мултилатералниот метод сам по себе останува најдобрата можност за подобрување на функционирањето на мултилатералните институции. Навистина, само колективно, преку дијалог и соработка, можеме да ги зајакнеме нашите заеднички инструменти. Ова подразбира и одбивање на три хронични заболувања на мултилатерализмот : еднострано повлекување ; систематско блокирање ; инструментализација за свои интереси.   

Во таа насока јас ко-претседавав, заедно со мојот германски колега Хајко Маас со состанокот на Алијансата за мултилатерализам, на 16 април, на кој учествуваа повеќе од дваесет други земји од сите континенти. Декларацијата што ја усвоивме, во која сите земји се обврзуваат на колективно дејствување, сè уште можат да ја поддржат, а тоа ни дава неколку начини за да се оди напред кон предизвиците што веќе ги споменав.

Токму од таа причина, Претседателот на Републиката, на 24 април, започна координирана иницијатива околу СЗО и најголемите меѓународни чинители вклучени во одговорот на кризата - вертикални фондови (ГАВИ, Унитаид, Светскиот Фонд за борба против сида, маларија и туберкулоза), фондации, фармацевтската индустрија - за дијагностика, лекови и вакцини достапни за сите и зајакнување на националните здравствени системи.

Денес, најважно е, се разбира, да се подготвиме за итни случаи. Но, утре, ќе мора да ги решиме заедно сите основни проблеми откриени од тековната криза. Ова е причината зошто, како што беше претходно кажано, Претседателот на Републиката се надева дека Парискиот мировен форум ќе им послужи на нашите напори да ги пронајдеме, развиваме и зајакнуваме одговорите кон овие предизвици. Покрај прашањето за глобалното управување со јавното здравство, што го споменав, Форумот ќе овозможи да се зајакне мобилизацијата на две други исклучително важни и сродни теми : Градење на одржлива економија преку Самит на развојни банки кои ќе се фокусираат на климатското финансирање и борбата против „ инфодемиите “, кои бараат зајакнување на напорите започнати во текот на првото издание на Форумот за

борба против манипулацијата со информации. 
  

Новиот мултилатерализам што сакаме да го градиме со Европејците и со сите наши партнери кои имаат добра волја е инклузивен мултилатерализам, отворен за сите чинители од меѓународното граѓанско општество, бидејќи сме убедени дека тие носат значителен дел од одговорите што ги бараме. Сепак, ние веруваме дека државите сè уште имаат централна улога. Ова е причината зошто тие ќе го задржат местото во првиот ранг на Парискиот форум, кој ќе го отворат, како и секогаш, Шефовите на држави и влади.

Успехот на двете претходни изданија на Форумот е благодарение на Вас, Дами и Господа Амбасадори. Без ваша помош, не ќе беше можно да се пречекаат 65 Шефови на држави и влади во Париз во 2018 година, а повеќе од 140 официјални делегации на високо ниво во 2019 година. Пред сè, не би било возможно да се започнат или да заживеат големи политички иницијативи во кои учествуваат голем дел од вашите влади : без разлика дали тоа е Парискиот Повик за доверба и безбедност во сајбер-просторот, без разлика дали е тоа Партнерството за информации и демократија, или пак Алијансата за мултилатерализам и уште многу други. 

Затоа Ве замолувам да продолжите да ни помагате, со вашите главни градови, да носиме колективни решенија, солидарни и инклузивни решенија и да ги научиме сите лекции од кризата низ која поминуваме денес.


Затоа Ви закажувам средба на 11 ноември годинава и ги поканувам земјите кои ги претставувате да ја поддржат меѓународната соработка и да ја збогатат со нови иницијативи, особено сега, кога тоа е најнеопходно.

Ви благодарам за вашето внимание./.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top