Општество
Бојаџиев: ЏЕК ВЕЛЧ, НАЈГОЛЕМ БИЗНИС-ЛИДЕР НА ДВАЕСЕТТИОТ ВЕК

Марјан Бојаџиев
Авторот е професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје

Во периодот кога целиот свет се соoчува со корона вирусот, со големата неизвесност која е пред нас, можеби е време да споменеме некои од најголемите мислители и практичари од областа на лидерството и менаџментот. Во 2020 година заминаа: Clayton Christensen, професор на Харвард, еден од најголемите мислители на менаџментот, Џек Велч (Jack Welch), легендарниот главен извршен директор на Џенерал електрик, Geerd Hofstede, татко на концептот на национална култура, а претходната година замина и Serghio Marchione, најголем бизнис-лидер во Европа. Беше трети март кога му предложив на главниот уредник м-р Зоран Јовановски да напишам по еден текст за сите нив.
Од трети до триесетти март не поминаа ни 30 денови, а светот се смени за 360 степени. Но, што е тука е. Обврска на секој од нас е да го најде најдоброто во човечкиот дух и да се грижи за негово зачувување. Мој скромен придонес нека бидат овие редови за еден од најголемите бизнис-лидери на дваесеттиот век, Џек Велч.

I. ВОВЕД
На крајот на XX век, Форбс подготви посебно издание „100 најголеми бизнис-умови на XX век“.i Во него Џек Велч беше наречен „директор на директорите“.ii
Fortune го прогласи Велч за „менаџер на векот“, а Фајненшл тајмс ја прогласи Џенерал електрик за „најпочитувана компанија во светот“. Го нарекуваа и „еден од ретките супер ѕвезди на бизнисот, човек кој нема потреба воопшто да биде претставуван“.
Имам чест да бидам коавтор на единствениот патент доделен на универзитет во Република Северна Македонија за моделот на организациска усогласеност – Vox Organizationis. Ние разликуваме четири вида организациска култураiii (4CT) и четири лидерски стилови (4LT) од кои едниот е наречен по Џек Велч, и тоа:

II. НАСЛЕДСТВОТО НА ЏЕК ВЕЛЧ
Некои велат: „Економските и организациските науки само ги објаснуваат појавите кои ги спроведуваат практичарите. Така J. M. Keyns ја фундира својата теорија на политиките и праксата на тогашниот претседател на САД, F.D.Roosevelt...“ Во светот на менаџментот и лидерството слободно можеме да кажеме дека модерната теорија се базира на практиките на Џек Велч.
Да видиме што создал и што ни оставил Џек Велч.

Лидерство водено од мисија
„Mission Drivel Leadership“
Студентите ги учиме за значењето на „мисијата“ за организациите, но и за концептот на водство базирано на мисијата.vii
Во 1991 г. Велч ја наметнал мисијата „#1 или #2: Поправи, продај или затвори“ – фантастична и едноставна мисија која им служела како идеја водилка на повеќе од 300 бизниси на ЏЕ. Практичната импликација не е едноставна. Секој бизнис на Џенерал електрик морал да биде меѓу првите. Доколку не бил #1 или #2, нешто морало да се менува. Ако тоа не успее, бизнисот се продава или едноставно се затвора.
Во периодот меѓу 1981 и 1990 година, Џенерал електрик продаде преку 200 бизниси вредни 11 милијарди УСД и имаше 370 аквизиции вредни 21 милијарда.

Глобализација
Во 1991 година, 80 % од приходите на Џенерал електрик доаѓаат од американскиот пазар. Но, Велч ја сфаќа глобализацијата, и во 1990 година ја модификува својата мисија: „#1 или #2 глобално.“
Тоа резултира со промени во стратегијата на Џенерал електрик кој на крајот на неговиот мандат веќе 70 % од приходите ги остварува глобално.

Современа организациска структура – отстранување на слоевите и воведување на „рамна организација“
Велч наследи „висока“ организација со многу слоеви и комплексен систем на стратешко планирање. Сето тоа го замени со „рамна“ структура. Ја дуплираше широчината на контрола и сега секој менаџер имаше и до 15 подредени.

Организациска култура
„Една компанија може да ја зголеми продуктивноста со реструктурирање, отстранување на бирократијата и рационализација, но не може да одржи висока продуктивност без промена на културата.“ Велч сакаше да воведе нови принципи; отвореност, искреност и сооченост со реалноста, но и нова култура – култура на мала компанија – место каде што сите се чувствуваат ангажирани и каде што секој има право на глас.
Лидерство и „постигнување“ („Work- out“) е процес дизајниран да ја исфрли непотребната бирократска работа од системот, а во исто време да обезбеди форум на кој вработените и нивните шефови можеа да разработат нови начини за справување едни со други.
Групи од 40 до 100 вработени беа поканети да разговараат за нивниот бизнис и како тој би можел да се подобри. Тридневните сесии обично почнуваа со разговор со шефот на единицата кој презентираше еден предизвик и широка агенда. Потоа од шефот се бараше да си замине со што им се овозможуваше на вработените, со помош на нивните фасилитатори, да ги набројат нивните проблеми, да дебатираат за решенијата и да подготват презентации. Последниот ден шефовите се враќаа и од нив се бараше да ги слушаат анализите и препораките од нивните вработени. Правилата на процесот бараа менаџерите да донесуваат одлуки за секој предлог, пред очите на сите, за 80 % од предлозите. Со оваа иницијатива, продуктивноста почна да рaсте со годишна стапка од 4 %.

Лидерство и комуникација – најдобри практики и организација без граници
Во 1988 година Велч ја стартува иницијативата „Најдобри практики“ (Best practices). Прашањето било: Како можеме да учиме од другите компании кои постигнуваат поголем пораст на продуктивноста од Џенерал електрик? Во почетокот учеле од фирми какo Хјулид Пакард и Тошиба. Виделе дека овие фирми се повеќе ориентирани кон процесот, отколку кон индивидуалните активности: тие ги третирале нивните снабдувачи како партнери! Тоа го прифаќа Велч и почнува да гради партнерски односи со доставувачите.
Истовремено, во диверзифицирана организација како ЏЕ, наоѓаат огромни резерви на учење еден од друг. Отворената комуникација меѓу разни дивизии едноставно го надмина ограничувањето на „визија на силос“. Така настанува концептот на „организација без граници“.
„Компанијата без граници која ние ја предвидуваме ќе ги отстрани бариерите меѓу инженерингот, производството, маркетингот, продажбите и опслужувањето на клиентите; таа нема да прави никакви разлики меѓу домашните и странските операции.“

Човечки ресурси и мотивацијa
Џек Велч има една изјава: „Кога водите организација вие сте всушност во бизнис на луѓе. Ќе бидете успешни само доколку создавате вистински лидери. Тоа го очекува вашата организација, но и целата нација.“
Цел април и мај секоја година Велч го поминува времето во исцрпни разговори со најдобрите лидери во ЏЕ. Велч сакал лично да разговара и во 10/12-часовни сесии со 500 врвни менаџери во ЏЕ. Од нив произведувал врвни лидери.

20:70:10
Велч го воведува принципот 20:70:10 што значи: се работи со врвните 20 % и од нив се создаваат идни лидери, 70 % се во златната средина, а 10 % се во долната зона, кои мораш што побрзо да ги отпуштиш. Тоа е на некој начин практична примена на Hersey-Бланчардовата теорија на лидерство.

Опции во акции
Велч ги направил опциите со акции многу помасовни од претходно. Опфатот го зголемил од 300 на 3 000 менаџери. Подоцна овој тренд ќе почнат да го следат многу други фирми.

III. НА КРАЈ... ОПАЃАЊЕ НА ЏЕ
По 2001 година, лидерството на организацијата го презеде Jeffrey Immelt, а потоа и John Flannery, кои не успеаја да го задржат сјајот на големата фирма. ЏЕ испадна од индексот вo Dow Jones во 2016 година.viii
Исто така ЏЕ за последен пат е во ТОП 10 компании во 2016 г. Во 2019 г., на пример, доминираат само технолошки и финансиски компании.

НА КРАЈ... Шкотскиот филозоф Thomas Carlyle, основоположник на Great man theory, велеше дека „историјата на светот не е ништо друго освен биографии на големите луѓе“.
Во светот на бизнисот нема поголем лидер во втората половина на XX век. Сите по нешто научивме и сѐ уште учиме од него.
Џек Велч, почивај во мир!!

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top