Општество
ЕПОХАЛНИТЕ ОТКРИТИЈА НА ИСАК ЊУТН ВО САМОИЗОЛАЦИЈА

Љупчо Поповски
Авторот е новинар

Има десетици и десетици примери од историјата кои покажуваат дека од самоизолацијата може да произлезе врвна наука и врвна уметност. Исак Њутн, Вилијам Шекспир, Ван Гог и Игор Стравински се само некои од примерите. Само треба времето да се искористи паметно и со врвна посветеност.

Во 2020 година изгледа дури и неприродна пораката на политичките и здравствените власти во најголемиот број земји на планетава луѓето да останат дома, во изолација. Затоа што пандемијата на еден толку опасен вирус, како што предочија Обединетите нации, му се заканува на самото човештво. Во самото битие на човекот е да се дружи и да остварува контакти со другите луѓе. Затоа овие барања на властите луѓето да останат дома и да ги намалат комуникациите со другите изгледа сосема невообичаено во овој планетарно вмрежен свет не само преку интернетот, туку и со милијардите други конекции преку патувањата, туризмот, работата, науката...
Франклин Рузвелт во неговото инаугурално обраќање кога прв пат стана претседател ја кажа прочуената сентенца која денес одѕвонува како предупредување:
„Значи, пред сè, дозволете ми да го потврдам моето цврсто уверување дека единствено од што треба да се плашиме е... самиот страв“.
Навистина, дали треба да се плашиме од самиот страв во времето кога ковид-19 ни се заканува на нас самите, на нашите најблиски, на нашите пријатели, на непознатите, на сето она што го знаеме околу нас. Сите влегуваме во самоизолација чекајќи да помине оваа „чума“ и да останеме живи.
Едно од главните прашања е како да го организираме нашиот живот седејќи дома и постојано гледајќи телевизија, вртејќи по нашите мобилни телефони и компјутери за да видиме колкава доза на страв ќе нѐ пречека. Дали може да го организираме нашето време во осаменост многу поумно? Ова прашање е многу лесно да се постави, но дали може да најдеме одговор на него.
Има повеќе фасцинантни примери во историјата кои покажуваат дека самоизолацијата придонела за извонредни научни и уметнички достигнувања. Затоа ќе наведеме неколку како илустрација дека самоизолацијата не мора да значи казна, туку голем чекор во иднината.

ДОДЕКА БЕШЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ПОРАДИ ЧУМАТА ВО АНГЛИЈА, ИСАК ЊУТН ГО ОТКРИ ЗАКОНОТ ЗА ГРАВИТАЦИЈА И ГИ ПОСТАВИ НЕГОВИТЕ ТЕОРИИ ЗА ОПТИКАТА

Гравитација и изолација
Веројатно најспектакуларен е примерот на големиот англиски научник Исак Њутн, физичар, астроном и теолог. Њутн беше во неговите рани 20-ти години кога студираше на Тринити колеџот во Кембриџ. Во 1665 година Англија ја погоди големата чума која најмногу го зафати Лондон. Во таа и следната година Лондон загуби 100 000 луѓе (една четвртина од неговото население) и не можеше да открие од каде дошла бактеријата која го покоси населението. Требаше да поминат 200 години пред научниците да откријат дека бактеријата за чумата била пренесена од црните стаорци.
Англиските власти тогаш донесоа една уредба за „социјално дистанцирање“, слична верзија на денешниве препораки на сите влади во светот, па Исак Њутн го напушти Кембриџ и се повлече на семејниот имот на стотина километри западно од универзитетскиот град. Тоа негово повлекување во изолација како резултат имаше неколку епохални откритија. Најголемото од нив е законот за гравитацијата.
Во осаменоста на имотот ги немало неговите професори да го водат низ науката, но Њутн и без нив напредувал. Подоцна тој ја оквалификува таа година во изолација како annus mirabilis, „година на чуда“.
Прво, тој продолжи да работи на математички проблеми што ги започна во Кембриџ.
Потоа набавил неколку призми и експериментираше со нив во неговата спална соба. Дури отиде и дотаму што направи дупка во неговите тешки завеси за низ неа да помине само мал зрак. Од ова произлегоа неговите теории за оптиката.
И веднаш пред неговиот прозорец имаше јаболкница. Таа јаболкница.
Приказните како тој дошол до идејата за законот за гравитација додека седел под јаболкницата и бил погоден од јаболко што паѓало во голема мерка се преувеличени. Но, според неговиот асистент, Џон Кондуит, постои елемент на вистина. Еве како подоцна го објасни тоа Кондит:
„… Додека тој се врткаше во градина, му дојде во мислите дека истата моќ на гравитација (како што јаболко паѓаше од дрвото на земјата) не беше ограничена на одредено растојание од земјата, туку мора да се прошири многу подалеку отколку што обично се мислеше. ’Зошто не толку далеку колку до Месечината?‘, си рече тој самиот за себе...“
По оваа година во изолација, Њутн се врати на Тринити колеџот во 1667 година со списи во неговата папка кои го изменија нашето сфаќање за универзумот. За шест месеци стана соработник, по две години професор, а малку подоцна ја доби и благородничката титула сер.
Шеестина години претходно, за време на епидемијата на друга чума, една од најславните личности на човештвото – Вилијам Шекспир – се најде во слична ситуација. За време на чумата која почна во 1603 година во Лондон умреа 30 000 луѓе.
За време на кралот Џејмс Први Шекспир стана врвен драмски автор – но поради чумата, лондонските театри почесто биле затворени отколку отворени. Лондонските власти биле загрижени дека блиските контакти во преполнетите мали театри може да бидат голем извор на зараза. Па кога театрите во 1606 година биле целосно затворени, Шекспир почнал да работи во изолација цела година. Во таа осаменост Шекпир напиша три прочуени драми „Кралот Лир“, „Леди Макбет“ и „Антониј и Клеопатра“. Неговите биографи пишуваат дека осаменоста на кралот Лир, осаменоста на Антониј и Клеопатра се резултат на осаменоста на Шекспир во драматичното време на пандемијата. Можеби навистина е така, а можеби таа осаменост произлегла од неверојатниот гениј на Шекспир. Како и да е, овие три претстави се меѓу највредните во опусот на Шекпир.

Ван Гог и Стравински
Двесте и осумдесет години подоцна, во 1889 година, уште еден фасцинантен уметник се најде во изолација – Винсент ван Гог. Не поради чума или или друга пандемија, туку поради своите здравствени проблеми.
Ван Гог беше примен во болницата „Свети Павле“ на југот на Франција откако си го отсече увото. Неговиот брат Тео, кој без прекин водеше сметка за страдањата на уметникот, сметаше дека Винсент не е во можност да живее сам, па се договори тој да живее во установа во Прованса. Во установата за ментално лечење Ван Гог имал среќа да користи две простории: во едната спиел, а другата ја користел како студио. Во писмото до Тео, Винсент пишува: „Постојат повеќе од 30 празни простории – имам една во која можам да работам.“ Неколку месеци потоа, во писмото до неговата мајка Ана, тој напишал: „Јас работам речиси без да застанувам од утро до вечер, ден за ден, и се заклучувам во студиото за да не ме вознемируваат.“
Во „Свети Павле “ Ван Гог останал цела година. Во таа година на осаменост произлегоа некои од најдобрите негови дела како „Ѕвездена ноќ“. Во писмото до неговиот брат ја опишува инспирацијата: „Ова утро го видов селото од мојот прозорец долго време пред изгрејсонце, со ништо друго освен утринската ѕвезда, која изгледаше многу голема.“
Оваа изолација му овозможила на Ван Гог да оди во смели уметнички насоки. Тоа го покажуваат и сликите „Поле со жито со кипарис“ и „Ирис“. Направил безбројни скици за слики и само една која го покажува неговото засолниште за изолација однадвор.
Кога таткото на модерната класична музика, Игор Стравински, се заразил од тифус при јадење на расипани школки, заминал во центар за грижа близу Париз за да се опорави. Тој веќе имал договор со Слободниот театар во Москва да напише опера и бил во контакт со Константин Марџанов, директорот на театарот, за неговата болест. Стравински наскоро му признал дека не може да ја заврши обврската во договорениот рок, во септември 1913 година. Марџанов му одговорил да не се грижи и да ја напише операта кога ќе биде подобар. Но, Стравински неуморно работеше и успеа да ја напише операта „Славејот“ во изолација. Тој ја заврши операта следната година додека неговата сопруга беше изолирана и се лечеше од туберкулоза во Алпите. Композиторот зел стан во близина и осамен ја завршил операта додека неговата сопруга се опоравуваше.
Ова се само неколку примери. Има уште и десетици други кои покажуваат дека од самоизолацијата може да произлезе врвна наука и врвна уметност. Само треба времето да се искористи паметно и со врвна посветеност. Што може да направиме ние? На тоа прашање секој треба да си одговори самиот. Примерите не можат да бидат единствениот одговор.

(Економија и бизнис. електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top