Општество
ШТО ИМА ВО ПРЕДЛОЖЕНИОТ ПАКЕТ - ЗАКОНИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

Александар Матески
Авторот е доктор на економски науки

„Со задоволство информираме дека Владата на Република Северна Македонија ја усвои иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за престанок на набавките на еднократно пакување и пластика од страна на државните институции, која ќе стапи на сила од 1 јануари 2020 година. Тоа значи дека во следната јавна набавка спроведена од страна на Владата, пластичните шишиња ќе бидат заменети со стаклени, нема да се набавуваат пластични чаши, сламки, лажичиња и друг пластичен прибор за еднократна употреба и нема да се набавуваат добра како шеќер во пластична амбалажа, туку рефус“ – ова беше известувањето од Владата пред самиот крај на 2019 година. Во медиумите беше пренесена и веста дека пластичните кеси се забрануваат за употреба, а цената на биоразградивите кеси ќе биде зголемена на 10 денари парче. Сепак ова е премал дел од предложените измени во однос на управувањето со отпад. Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање и одржаната инфо сесија пред истекот на 2019 година во Стопанската комора на Македонија, во процедура е голем пакет-предлог-закони за управување со отпад.

Иако е премал просторот за да се изврши детална анализа на предложените закони за управување со отпад, подолу ќе бидат посочени само дел од позначајните измени кои ќе ги тангираат македонските компании, пред сѐ во однос на финансиските импликации од предложените измени.

Со предложените измени за првпат се поставуваат долните граници на надоместокот кој може да го наплаќаат колективните постапувачи. Досегашниот толерантен однос од државата кон колективните постапувачи кои воопшто не ги исполнуваа националните цели, кои воопшто не инвестираа во инфраструктура и слично, им даде голем простор да поставуваат нереално ниски цени, а крајниот негативен ефект беше кон животната средина.

Според предлозите, надоместокот на колективните постапувачи не може да биде помал од 30 % од надоместокот утврден во посебните закони. Дополнително е предложена можност од 2021 година висината на надоместокот да биде и 20 % од предложените законски вредности со тоа што минималниот износ би се зголемувал за по 2,5 % годишно за до 2025 година да биде на износ од 30 %. Попуст е предвиден само за основачите и за производителите кои имаат удел поголем од 20 %. Оттука за првпат надоместоците предвидени со закон стануваат репер за утврдување на најниските надоместоци на колективните постапувачи, што со сигурност значи зголемување на издвојувањата на македонските компании за заштита на животната средина.

АНАЛИЗИРАНО ВО ОДНОС НА ПОСТАПУВАЊЕТО СО ПАКУВАЊЕ И ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ (ЗАКОНОТ КОЈ ТАНГИРА НАЈГОЛЕМ БРОЈ КОМПАНИИ ВО ДРЖАВАВА И КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА НАЈГОЛЕМИТЕ КОЛИЧИНИ ОТПАД), НАДОМЕСТОЦИТЕ ОД НАЈСЕРИОЗНИОТ КОЛЕКТИВЕН ПОСТАПУВАЧ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПАКОМАК ДОО СКОПЈЕ ЗА 2020 ГОДИНА СЕ НАЈКОНКУРЕНТНИ ВО ОДНОС НА НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ КОЛЕКТИВНИ ПОСТАПУВАЧИ ОД РЕГИОНОТ И НЕКОЛКУКРАТНО ПОНИСКИ ОД НАДОМЕСТОЦИТЕ КОИ ГИ ПРЕДЛАГА ДРЖАВАТА (120 И 149 ЕВРА ПО ТОН ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ СООДВЕТНО НА ТИПОТ)

Во Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори предложен е надоместок во висина од 450 ден./кг за преносни батерии (сега 120 ден), 2,25 ден./кг за оловни автомобилски и индустриски батерии (сега 0,9 ден) и 25 ден./кг за неоловни автомобилски и индустриски батерии (сега 8,5 ден). Значително се зголемени надоместоците и за управување со отпад од електрична и електронска опрема, па предложените износи се 100 ден./кг за голема опрема (сега 50 ден), 150 ден./кг за мала опрема (сега 80 ден), 175 ден./кг за монитори и екрани (сега 70 ден) и 350 ден./кг за ламби. Деталните класификации на видовите опрема како и досега се наведени во Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

Анализирано во однос на постапувањето со пакување и отпад од пакување (Законот кој тангира најголем број компании во државава и кој се однесува на најголемите количини отпад), надоместоците од најсериозниот колективен постапувач во Република Македонија Пакомак ДОО Скопје за 2020 година се најконкурентни во однос на најголемиот дел колективни постапувачи од регионот и неколкукратно пониски од надоместоците кои ги предлага државата (120 и 149 евра по тон отпад од пакување соодветно на типот).

Една од клучните измени која е предвидена во новиот пакет-закони се предвидените нови „национални цели“. Имено, по барање на колективните постапувачи предложено е да се изврши коригирање во националните цели на типовите собран отпад (40 % наместо 60 % од тежината на стаклото, 30 % наместо 50 % од тежината на металот со тоа што, пак, цените за хартија и картон од сегашните 60 % предложено е да се зголемат на 70 % и дрвото од 15 % на 30 %, а за пластиката се предлага да се собере 40 % според тежината на пластиката со тоа што се зема предвид само материјалот кој е рециклиран назад во пластика).

Ова беше нужно ако се има предвид дека почетните чекори во насока на собирање на стаклена амбалажа беа направени од Пакомак ДОО Скопје пред само неколку години. За првпат почна да се собира отпадот кој тешко се менаџира, а и воопшто не е атрактивен поради неговата ниска цена. Во 2019 година се собрани околу 3 500 тони стаклен отпад, но сепак сѐ уште пониско од сега поставените цели за 2020 година. Во изминативе години од страна на Пакомак беше извршена набавка на над 750 специјализирани контејнери тип „игло“, а беше воспоставена и соработка со над 1 000 угостителски објекти во дваесетина поголеми македонски општини со што Пакомак уште еднаш потврди дека е најсериозен субјект во однос на управувањето со отпад од пакување и заштитата на животната средина.

Дополнителни измени кои водат кон зголемување на дисциплината се: задолжителното поднесување изјава за исполнување на проширената одговорност за управување со посебен тек на отпад која ќе се доставува како прилог на завршната сметка заедно со потврда од колективен постапувач дека производителот ги исполнил своите обврски (решение кое ќе направи најголем притисок кон субјектите кои се игнорантни кон законските обврски), воведувањето изрична забрана да се склучуваат договори со повеќе колективни постапувачи (нешто што сѐ уште е честа пракса), забрана основачи на колективни постапувачи да бидат субјекти кои не се производители, но и воведување солидарна одговорност на сите производители доколку колективниот постапувач не ги исполни законските обврски. Последново оправдано предизвикува страв и загриженост кај сите клиенти на колективните постапувачи.

ЕДНО Е СИГУРНО, ПОТРЕБНА Е ПОГОЛЕМА РЕШИТЕЛНОСТ И ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО ЗАКОНОТ БИДЕЈЌИ ВРЕМЕТО СО СЕГА ПОСТАВЕНИТЕ ОДНОСИ НА ТЕРЕН НЕ РАБОТИ ВО ИНТЕРЕС НА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА. ЗАКОНИТЕ ОД ОВАА СФЕРА НУЖНО ТРЕБА ДА ГИ НАДМИНАТ ТЕСНОПАРТИСКИТЕ ПРЕПУКУВАЊА И ДА БИДАТ КОНСЕНЗУАЛНО ДОНЕСУВАНИ БИДЕЈЌИ ИНТЕРЕСОТ ОД НИВНОТО ДОНЕСУВАЊЕ СЕ ОДНЕСУВА НЕ САМО НА ОВИЕ, ТУКУ И НА СЛЕДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Предложено е да се воведе и т.н. виш управител со отпад, лице кое има положено стручен испит и кое задолжително е присутно на терен и е одговорно за управување со инсталацијата во текот на работното време. Вишиот управител со отпад ќе биде обврска за правните лица кои вршат преработка или рециклирање на отпад во стационарни или мобилни постројки, правни лица кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола и депониите на неопасен, инертен и опасен отпад.
Во пакетот-закони е и Законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот на одговорност на производителите кој се однесува на отпаден текстил, отпадни гуми, отпадни масла и отпадни возила, целосно нов закон со кој ќе се регулира детално и справувањето со овие видови отпад.

Дали државава ќе успее да создаде систем за управување со отпад кој ќе води кон кружна економија и ќе го поттикне собирањето и третманот на отпадот, систем кој ќе ја подигне одговорноста на производителот придонесувајќи во намалување на создавањето на отпадот и поттикнување еко дизајн на производите – останува да видиме во следниов период. Факт е дека Македонија создаде добра нормативна подлога која во овој период значително ќе се подобри, но имплементацијата на терен во голем дел остана проблематична. Едно е сигурно, потребна е поголема решителност и дејствување во согласност со законот бидејќи времето со сега поставените односи на терен не работи во интерес на заштитата на животната средина. Законите од оваа сфера нужно треба да ги надминат теснопартиските препукувања и да бидат консензуално донесувани бидејќи интересот од нивното донесување се однесува не само на овие, туку и на следните генерации. Доколку предлозите ја поминат собраниската процедура предвидено е да стапат во сила од 1 јули 2020 година, освен Законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот на одговорност на производителите за кој е предложено да стапи во сила од 1 јануари 2023 година. Се работи за исклучително битна материја која предизвикува сѐ позначителни финансиски и организациски импликации на компаниите, па нивната будност и проактивност во целиот овој процес на донесување на законите е задолжителна.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top